Култура
Систематски археолошки истражувања на локалитетот Скупи

Од 5 мај започнуваат активностите поврзани со тековно одржување и систематски археолошки истажувања на две локации од локалитетот Скупи, едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичко време кај нас. Исто така, ќе почне и непосредната заштита/ конзервацијата на дел од движните археолошки наоди од Скупи. Овие проекти се предвидени во Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес од областа на музејска дејност и заштитата на недвижното културно наследство на министерството за култура, а ќе ги реализираат стручни екипи на ЈУ Музеј на град Скопје.
Под водство на д-р Марина Ончевска-Тодоровска – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум (Скупи – комплекс терма и базилика со атриум), кој превидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта – римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум.
Исто така, под водство на Ленче Јованова – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс Градска вила (Villa urbana) и Базилика со крстилница, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период и Ранохристијанска базилика со крстилница од VI век.
Стручните екипи на Музејот на град Скопје ќе изведуваат и активности поврзани со конзервација на многуброен движен археолошки материјал, откриен на повеќе локации од локалитетот Скупи во претходните години. Покрај тоа, ќе се преземаат активности за тековно и сезонско одржување на локалитетот со отстранување трева и дива вегетација, кои, поради природата на проектот (физичко обезбедување и одржување на локалитетот Скупи), се одвиваат во текот на целата година.
Сиве овие активности се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотно-правни односи, кој е во владение на ЈУ Музеј на град Скопје (т. н. Археолошки парк Скупи). Проектите ќе се реализираат во периодот од 5 мај до 30 декември годинава, информираат од министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини в петок во Националната опера и Балет

В петок, со почеток во 20 часот, во салонот на Националната опера и Балет, ќе се одржи популарната opera buffa, „Севилскиот бербер“, од Џоакино Росини. Приказна за победата на младоста и љубовта, комична опера во два чина.
Диригент е Андреја Наунов. Режисер е Урсула Хорнер (Австрија), сценограф Марија Ветероска, костимограф Марија Пупучевска.
Изведувачката екипа ја сочинуваат: Фигаро: Васко Здравков, Розина: Билјана Јосифов, гроф Алмавива: Благој Нацоски, дон Базилио: Владимир Саздовски, дон Бартоло: Невен Силјановски, Берта: Соња Пендовска-Мадевска, Фиорело: Драган Ампов, Амброзио: Јане Дунимаглоски, камениот човек: Борко Биџовски. Хорот и Оркестарот на Национална опера и Балет.
Операта „Севилскиот бербер“ на Џоакино Росино изобилува со извонредни и возбудливи вокални и оркестарски делници и комична елеганција, со кои ретко кое друго оперско дело може да се спореди.
Култура
„Гајрет“ – ориентално музичко патување со Филхармонијата

Ритамот на Ориентот и македонскиот фолклор во една концертна вечер во Филхармонијата.
„Вртиме нова музичка страница со изведба на дела од Бранѓолица, Сај и Дворжак!“, велат организаторите.
Солисти на овој концерт се македонската перкусионистка Мојца Седеу и гостите од Турција – Бурџу Карадаг и Ајкут Коселерли!
Диригент е маестро Лубнан Баалбаки од Либан!
„Гајрет“ ќе се одржи на 9 февруари во Филхармонијата.
Култура
Филмот за култниот документарист Љубе Цветановски достапен на „Јутуб“

Филмот за култниот документарист Љубе Цветановски е достапен на „Јутуб“, по повод 10-годишнината од смртта. Режисер на филмот е неговиот син, Гоце Цветановски.
„ Крај песочните плажи, до бистрата морска вода, можеш да ја споредуваш младоста и долговечноста, можеш да се прашуваш каков би бил светот ако со него владеат само луѓето што ја сакаат убавината…“ – Љубе Цветановски.
Поет, патописец, документарист, новинар. Човек кој знаеше да каже дека спознанието ќе биде ништожно ако не го споделиш со друг, ако не го раскажеш со збор или ако не го регистрираш низ објективот на камерата… Таков беше култниот Љубе Цветановски – македонска легенда чијшто живот згасна пред 10 години.
Филмот „Детето во светот“ се фокусира на сеќавањата од детството на Љубе Цветановски кои се раскажани во неговата истоимена книга, како и снимки со патувањата во над 20 егзотични земји од каде ја збогати македонската ризница со бројни исконски репортажи. Мајсторот на документарниот филм, познат по својот хумористичен и поетски стил, не’ води на незаборавно патување.
„Добар документарен филм е оној кој личи на игран филм, а добар игран филм е оној кој личи на документарен фим“, говореше Љубе Цветановски.