Контакт

Култура

Славенка Дракулиќ на отворањето на четвртиот фестивал на европска литература BookStar 2018

Објавено пред

Четвртото издание на фестивалот на европската литература BookStar 2018, ќе биде отворено на 13 ноември со промоција на збирката раскази „Невидлива жена и други раскази“, од една од највлијателните авторки во Европа во моментот, Славенка Дракулиќ, на која ќе ѝ биде доделена наградата BookStar за книга што ја одбележува 2018 година.

„Расказите во оваа книга ги осветлуваат темните слепи точки на нашето општество, со тоа што ја земаат невидливоста на повозрасните луѓе, смело прикажувајќи ги универзалните интимни мисли што секогаш ги одложуваме“, велат од организаторот, издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Настанот ќе се одржи во Клуб-ресторанот МКЦ со почеток во 19.30 часот, промоторки на делото ќе бидат Ангелина Бановиќ-Марковска и Ана Мартиноска, а наградата на авторката ќе ѝ ја додели актерката Наташа Петровиќ.

Како што велат од „Антолог“, книгата „Невидливата жена и други раскази“ ја добива наградата бидејќи таа се занимава со една предолго време премолчувана, често табуизирана тема, тоа е процесот на стареење и што сè носи тој, обработена на мошне комплексен начин, час низ призмата на иронијата, час низ окуларот на суровата реалност, час низ болката, час низ шармот на книжевната епифанија.

„Секој расказ од оваа книга посебно му влегува на читателот под кожа терајќи го да застане, да размисли за себе и за другите, да биде шокиран, да заплаче, да им се препушти и на емоциите и на разумот. Менувањето на перспективите (прво и трето лице, машки и женски погледи, различни генерации) и прекрасно испреплетените автобиографски и фиктивни елементи во нарацијата прават читателот да се чувствува нурнат во текстот и истовремено дислоциран од него“, се наведува во соопштението.

Четвртото издание на фестивалот на европската литература BookStar, ќе се одржи од 13 до 21 ноември годинава.

Под слоганот TABOO OR NOT TABOO? фестивалот годинава претендира да излезе од, како што велат организаторите, класичната рамка на стерилно сфатениот академски третман на книжевноста, да се издигне над досегашните литерарни или книжевнички кулоарски муабети, да отвори прашања што ретко се поставуваат, да разработи општествени и социјално ангажирани теми.

Таквите теми се лоцирани во делата на авторите гости, кои годинава се во најголем број досега. Како секоја така и оваа година, целта е преку уметноста на зборот и книжевното изразување да се продлабочат соработката и двонасочната културна размена меѓу Македонија и Европа.

Пред македонската публика оваа година, покрај Славенка Дракулиќ (Хрватска/Шведска), ќе бидат претставени уште шестмина докажани и признати писатели од самиот книжевен врв на Европа, и тоа: Џамал Уаријачи (Холандија), Офејгур Сигурдсон (Исланд), Михал Ајваз (Чешка), Антон Баев (Бугарија), Рику Корхонен (Финска), Енес Халиловиќ (Србија), како и домашните Живко Грозданоски и Јосип Коцев.

Славенка Дракулиќ ќе биде специјална гостинка и на следниот фестивалски настан, кој ќе се одржи на 14 ноември, со почеток во 20 часот, во Клуб-ресторанот МКЦ. Со наслов „Жива литература“, настанот е замислен како раскажувачки слем на однапред зададена тема, при што со надоврзување на неколку раскажувачи треба да се создаде една приказна. Темата за овој прв слем е „Мојата бивша“. Поканети учесници, покрај гостинката Славенка Дракулиќ, се и: Елизабета Баковска, Петар Андоновски, Калина Малеска, Александар Прокопиев, Јагода Михајловска-Георгиева и Ѕвездан Георгиевски. Модераторка ќе биде Маријана Јанческа. Настанот е по идеја и концепт на Ана Василева.

Читателите ќе имаат можност за поблиска средба со Дракулиќ и дента на 14 октомври, во 11 часот, кога таа ќе гостува во книжарницата „Антолог“ во центар (улица Димитрие Чуповски бр. 31) и ќе потпишува книги.

По овие неколку настани, фестивалот BookStar продолжува со програмата „Македонска поддршка“, во чии рамки ќе бидат претставени и промовирани двајца македонски автори со своите најнови дела.

На 15 ноември во 20 часот, во кафулето „Винил“ ќе се одржи поетско читање со наслов: „Сега е најдолгото никогаш“ на истоимената книга од Јосип Коцев. „Антолог“ ја објави „Сега е најдолгото никогаш“ во март оваа година и книгата влезе во поширокиот избор од десет книги во конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП. Ќе читаат авторот и поетесата Д. А. Лори.

Следниот ден, 16 ноември, во Клуб-ресторанот МКЦ со почеток во 20 часот ќе биде промовиран најновиот роман на Живко Грозданоски – „Последното име на иднината“. Промотор на романот ќе биде Наташа Аврамовска.

Со промоцијата на последниот роман на Грозданоски завршува првата половина од фестивалот BookStar, а по кратката пауза за викенд, од 19 ноември почнуваат другите фестивалски настани со другите гости на фестивалот, меѓу кои дури тројца добитници на престижната Награда за литература на ЕУ.

За време на BookStar ќе се одржи и мал саем на европската литература, на кој, покрај сите наслови од авторите учесници на фестивалот, ќе бидат изложени и други дела од значајни европски автори и книги добитнички на Наградата за литература на ЕУ. Саемските цени ќе важат и во книжарниците на „Антолог“.

Фестивалските настани ќе се одржат на разни локации во Скопје. Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен и вратите се отворени за сите љубители на квалитетната европска литература.

Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Зоран Кардула, а настанот е организиран во соработка со издавачката куќа „Готен“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РМ, Амбасадата на Кралството Холандија, програмата „Креативна Европа на Европската Унија“ и Амбасадата на Република Чешка.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

ВЛЕН: „Охридско лето“ е симбол на културата, традицијата и обединувањето на народите

Објавено пред

„Културата е еден од најважните столбови на идентитетот и дијалогот меѓу народите, а настаните како „Охридско лето“ сведочат дека уметноста има моќ да ги обединува луѓето без оглед на разликите“, велат од Влен.

„Отворањето на 66. издание на меѓународниот фестивал „Охридско лето“, со величествениот настап на светски познатата албанска сопранистка Ермонела Јахо, придружувана од Оркестарот на Операта и Балетот, означи достоинствен почеток на еден од најзначајните културни фестивали во Северна Македонија и регионот.

„Охридско лето“ не е само фестивал, туку традиција и вредност која со децении гради мостови меѓу културите, народите и генерациите. Во текот на 40 фестивалски денови ќе бидат реализирани околу 50 уметнички програми од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот, со учество на повеќе од 700 афирмирани уметници од 24 земји од светот.

ВЛЕН останува посветен на унапредувањето на културата и поддршката на иницијативите што ги промовираат уметничките вредности, културниот дијалог и претставувањето на нашата држава на меѓународната сцена.

Посакуваме 66. издание на „Охридско лето“ да донесе незаборавни уметнички доживувања и уште еднаш да ја потврди улогата на културата како мост на соработка и меѓусебно разбирање меѓу народите“, соопшти Влен.

Прикажи повеќе...

Култура

Зад објективот на најдобрите: Меѓународно жири предводено од Митиќ, Венинова и Ришел ќе ги оценува филмовите на петтото издание на „Преку езерото“

Објавено пред

Петтото, јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во состав на меѓународното тричлено жири има професионалци од филмската индустрија: продуцентот Мирослав Митиќ (Србија), режисерката Елеонора Венинова (Македонија) и филмската претставничка Емили Ришел (Франција), кои имаат одговорната задача да одлучуваат за престижните награди во главната натпреварувачка селекција.

Во рамките на главната програма, жири комисијата ќе оценува шест исклучителни долгометражни остварувања од поширокиот медитерански и балкански регион, меѓу кои се кипарскиот „Држи се за мене“, иранскиот „Коцкарот“, македонскиот „Кома“,белгискиот „Одразот во мртвиот дијамант“, српскиот „Кармадона“ и бугарскиот филм „Месо“.

Мирослав Митиќ (Србија) како еден од најистакнатите филмски продуценти во регионот, во жири комисијата носи децениско искуство во препознавање и пласирање на силни авторски приказни на глобално ниво. Неговиот фокус ќе биде насочен кон продукциските стандарди и пазарната вредност на приказните.

Митиќ е меѓународен продуцент, сценарист и режисер чија работа ја трансформира историјата, културата и човечкото искуство во кинематографски приказни, создавајќи оригинална интелектуална сопственост за глобалната публика. Со повеќе од две децении меѓународно искуство, тој продуцирал признати играни филмови, вклучувајќи ги „Зона Замфирова“, „Грабежот на Третиот рајх“, „Нафака“, „Балкански браќа“ и „Небото над пејзажот“. Неговите продукции добија награди и меѓународно признание на големи филмски фестивали, додека „Зона Замфирова 2“, кој тој го напиша и продуцираше, стана најгледаниот филм на Балканот во 2017 година.

Надвор од играните филмови, Митиќ ја создаде и продуцираше наградуваната телевизиска серија „Мала историја на Србија“ и продолжува да развива меѓународни проекти, вклучувајќи ги „Џипси рапсодија“ – „Џелем Џелем“, „Константин Велики“ и глобалниот телевизиски формат „Exchange Challenge“.

Работејќи меѓународно низ Европа и САД, тој останува посветен на создавање приказни што ги поврзуваат културите, ја инспирираат публиката и ја слават универзалната моќ на киното.

Елеонора Венинова (Македонија) е етаблирана македонска режисерка и сценаристка, чии филмови уживаат признанија на домашната и меѓународната сцена. Венинова е сценаристка/режисерка на филмови и ТВ серии. Нејзиниот дебитантски долгометражен филм „ Преекспонирано“ ја имаше светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Каиро во 2022 година. Нејзините претходник кратки филмови се прикажани на многубројни Оскар/БАФТА и ЕФА квалификациски фестивали, вклучувајќи ја и Неделата на режисерите на Канскиот филмски фестивал. Елеонора е активен член на Европската филмска академија.

Емили Ришел (Франција) е филмски работник и претставник на една од најголемите медитерански филмски сили – Франција. Ришел во жири комисијата го носи строгиот критериум на француската школа, балансирајќи ги регионалните балкански сензибилитети со современите глобални филмски трендови.

Емили Ришел е родена во Франција, во близина на белгиската граница. Таа отсекогаш била заинтересирана за кино уште од детството. Се приклучила на филмскиот фестивал „A l’Est“ во Руан (Нормандија) во 2013 година како член на жирито, а потоа почнала да работи во различни области како координација, комуникација и програмирање за овој фестивал, а сега е задолжена за источноевропските проекции за A l’Est, кој се одржува во различни кина во март. Во исто време, таа работи за фестивалот за кратки филмови во Руан, „Courtivore“, каде што избира филмови со други програмери.

Таа е членка на мрежа наречена „Moteur“ која обединува седум филмски фестивали во Руан, ја промовира разновидноста на кинематографијата и организира бесплатна проекција на кратки филмови еднаш годишно.

Седум години, таа добивала предлози за источноевропски филмови на програмскиот комитет за „Меѓународниот филмски фестивал во Монс (Белгија) и работела за „Бугарскиот филмски фестивал“ во Париз.

Ришел била член на жирито на филмски фестивали: Фестивал на независен филм Идромено во Скадар (Албанија), Фестивал на балкански филмски фестивал во Поградец (Албанија), Меѓународен образовен филмски фестивал во Евро (Франција). Учествувала на панели за ширење на филмови на фестивали и застапеност на жените во кино индустријата, како и на PriFest – Меѓународниот филмски фестивал во Приштина пред неколку години.

Официјалните проекции на филмовите од главната селекција се одржуваат во Амфитеатарот во Дојран на отворено, со поглед кој се протега точно „преку езерото“.

Одлуката на тричленото жири за годинешните лауреати ќе биде соопштена на свеченото затворање на фестивалот на 15 јули.

Прикажи повеќе...

Култура

Концерт на класична гитара со Коста Давчевски во КИЦ Белград

Објавено пред

Македонскиот КИЦ во Белград и Министерството за култура и туризам, почнуваат со проект за поддршка на млади музички таленти кои учат, студираат или живеат во Република Србија. Еден од најталентираните, несомнено е младиот гитарист Коста Давчевски, кој во моментов е најнаградуван млад гитарист во Србија, а српската музичка критика веќе го нарекува млад виртуоз на гитара.

Вечерва (13 јули) во 20 часот, неговиот концерт насловен како „Јулска нотна магија“, пред белградската публика ќе го најави директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.

Коста Давчевски (14 години) е млад гитарист од Земун кој се издвојува како еден од најперспективните таленти на својата генерација. Основното музичко образование го завршил во музичкото училиште „Коста Манојловиќ“ во Земун во класата на професорот Милан Димитријевиќ, каде од 2025 година го продолжува образованието во средното музичко училиште, насока класична гитара. Во исто време учи и музичка продукција.

Првите чекори на гитара ги започнал преку приватни часови кај професорот Драган Димитријевиќ, уште на 6-годишна возраст. Во текот на своето образование, постигнал значителен успех на бројни домашни и меѓународни натпревари, каде што освоил бројни први награди и лауреатски признанија. Настапувал на престижни фестивали како што се Guitar Art Fest во Белград, Vojvodina Guitar Fest во Нови Сад, Naissus Guitar Fest во Ниш и Danubia Talents International Music Competition во Будимпешта, International Guitar Competition во Бугарија, како и на многу меѓународни и светски онлајн натпревари.

Покрај своите натпреварувачки успеси, Давчевски развива и активна концертна активност. На тринаесетгодишна возраст, веќе го одржува својот прв солистички концерт, по што настапува во Србија и регионот, вклучувајќи концерти во Народниот музеј на Србија во Белград, Скопје, Охрид, Ќустендил и Заечар. Неговите настапи често се дел од културни и уметнички настани, а посебно место во неговата музичка активност се учества на бројни хуманитарни концерти.

Со својот музички сензибилитет, самоуверен сценски настап и посветеност на инструментот, Коста Давчевски, уште во раните фази од својот уметнички развој, покажува потенцијал за значајна концертна кариера.

Прикажи повеќе...

Најново

Економија8 минути

Божиновска: Секој вложен денар во хидроелектраните носи повеќе домашна енергија и поголема сигурност

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновскa ја посети хидроелектраната „Глобочица“, каде заедно со директорот на Подружница ХЕС...

Забава9 минути

(Видео) Мартинијан Кириловски и Драгана Јовановска ги споија гласовите во првиот дует – „Луди и наивни“

Понекогаш се доволни само неколку ноти за да сфатите дека пред вас е песна што нема да остане незабележана. Токму...

Македонија12 минути

Продолжува бесплатното одлагање кабаст отпад во Центарот за селекција во Карпош

ЈП Комунална хигиена-Скопје ги информира жителите на градот Скопје дека Претпријатието продолжува да им ја нуди можноста својот кабаст отпад,...

Забава14 минути

Снимка од позната актерка циркулира на интернет, многумина пишуваат: „Кој, по ѓаволите, е овa?“

Гостувањето на Џенифер Лоренс во подкастот „Happy Sad Confused“ повторно предизвика лавина од коментари на социјалните мрежи. Луѓето масовно коментираат...

Македонија19 минути

(Видео) Кузеска: Братот на Трајко Славески од чувар до функционер, М-НАВ е како комитет на ВМРО

Наместо сервис за граѓаните ВМРО и Мицкоски институциите ги претворија во приватна партиска фирма за вдомување на роднини, блиски и...

Македонија21 минута

(Видео) „За две години реализирани и започнати 60 спортски проекти“, вели Димитровска

„Спортот и инвестирањето во здравјето и развојот на младите, повторно е дел од врвните национални приоритетии и тоа го прави...

Европа27 минути

(Видео) Крадците од Лувр откриваат детали: „Знаевме дека мора да си заминеме за три минути“

Двајца мажи осомничени за кражба на крунски накит во вредност од 88 милиони евра од парискиот музеј Лувр во октомври...

Македонија33 минути

(Видео) Манасиевски: Најголема жртва на блокадата на СДС, Левица и ДУИ е македонската дијаспора

Најголема штета од блокирањето на Изборниот законик од страна на СДС, Левица и ДУИ нема да претрпи ВМРО-ДПМНЕ, туку македонските...

Европа35 минути

(Видео) Украински дронови го нападнаа Московскиот регион, најмалку тројца мртви

Нападите со беспилотни летала во Московскиот регион убија најмалку три лица, а петмина беа повредени, изјави утрово гувернерот Андреј Воробјов....