Култура
Собрана поезија од Игор Исаковски на 55-тата годишнина од неговото раѓање
Во слава на поетот Игор Исаковски (1970-2014), на 55-годишнината од неговото раѓање, на 19 септември во кафе-книжарницата Буква од 20 часот ќе се претстави книгата со неговата собрана поезија со наслов „Совршен поет“ во издание на Или-Или.
Книгата има 700 страници собрана поезија на еден од најзачајните и најпознати современи македонски поети.
Уредничката на ова издание, Елизабета Баковска, во поговорот на книгата вели:
„Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“.
Во вториот поговор на ова издание, Елизабета Шелева истакнува:
Никојпат не знаеме која песна ќе (ни) биде последна, заветна – и која песна (или книга) ќе ја втисне неизбежната есхатолошка точка на нечие творештво и, уште поважно, живот.
Кога станува збор за близок и драгоцен човек, одличен и посветен поет, бескомпромисен и огнен маж, граматиката одеднаш станува мошне сурова дисциплина. Како (одеднаш) да се говори за некого во минато време, како веќе еднаш да бил и никојпат повеќе нема да биде? Ова (студено граматичко време) особено паѓа тешко, кога тој исклучителен и редок човек заминал ненадејно, во својата полна животна и, уште повеќе, творечка сила, кога немал ниту едно бело влакно во бујната долга коса, ниту еден траг од толку блиската конечност…
Оти премногу енергија, премногу супстанција, премногу живот, премногу „музики“, премногу прашања, што живот значат „полн сум сокови и стихови“ – му останале несподелени, недокажани, незаобиколни – да ги сподели со своите читатели-сојузници, од онаа страна на баналното, од онаа страна на рамнодушноста, од онаа страна на темницата и на небитието…
Фотографиите во книгата се на Сашо Димоски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска а графичкото уредување на Светлана Кочовска-Стеовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

