Култура
Со концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина вечерва се затвора Скопско лето
Овогодишното јубилејно 45-то издание на манифестацијата „Скопско лето“ свечено ќе се затвори вечерва, 31 јули, со почеток во 20:30 часот, во Сули ан. На затворањето, концерт ќе одржи Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ под диригентската палка на Иван Еминовиќ.
Како солисти ќе настапат Симеон Гошев – виолина и Енис Аљи – виолончело.
Љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во изведбата на дела од А. Вивалди, Р. Аврамовски, Д. Попер, Т. Зографски и Д. Шуплевски.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 37 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986г.
Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа, составен е од студенти на ФМУ – Скопје, но и од гости и млади музичари од други земји. Во досегашниот период имаат учествувано 350 млади, како и голем број на млади, но и афирмирани светски солисти.
Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Корунвски, С. Николовски – Ѓумар, В. Николовски – Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Иван Еминовиќ, со постојана тенденција за промоција на млади диригенти и солисти.
Оркестарот има реализирано повеќе од 100 концерти, добивајќи голем број високо позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар, оркестарот има изведувано дела од современи и од македонски автори.
Како признание за постигнатите резултати во 1995г. Оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50 годишнината од основањето на Светската федерација на Музичка младина.
Оркестарот има остварено повеќе ТВ и радио снимки, како и сопствена ЦД продукција (5 изданија). Веќе 37 години завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.
Иван Еминовиќ
Роден во Скопје, музика започнува да изучува на 6-годишна возраст, посетувајќи најпрвин на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија.
Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети.
Како пијанист одржал повеќе број концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија (Државен музички натпревар во Скопје, меѓународниот натпревар во рамките на фестивалот „Интерфест“ – Битола, фестивалот ЕРТА во Осијек, Хрватска и други). Во јули 2018 диригира со Сараевската филхармонија по повод отварање на Башчаршиски ноќи во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќи продукции на Македонската опера и балет меѓу кои Травијата, Набуко, Дамата со камелии, Кармина Бурана, Севилски бербер, Кавалерија Рустикана, Жизел, Риголето, Евгениј Онегин, Адриана Лекуврер, Дон Џовани, Турандот, Реквием – Моцарт, како и многубројни концерти.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

