Култура
Со новиот филм на Гаспар Ное завршува 25. Скопје филм фестивал

Утревечер (сабота, 17 септември) завршува 25. јубилејно издание на Скопје филм фестивал. Во Кинотека ќе бидат прикажани филмовите „Едно убаво утро“ на режисерката Миа Хансен -Лов (20 часот) од програмата Фокус на европски филм и најновиот филм на Гаспар Ное „Врлог“ (22 часот) од програмата Авторски филм.
Миленичката на фестивалите, режисерката Миа Хансен-Лов се враќа пред филмската публика со длабоко впечатлива хроника за жена што е преплавена со своите обврски како мајка, ќерка, работничка и љубовница. Со повеќеслојната изведба на Леа Сејду, „Едно убаво утро“ фрла светлина на чудата и турбуленциите на секојдневниот живот. Впечатливата елеганција на пристапот на режисерката произлегува од нејзината доверба во целосно развиените ликови и од одбивањето да внесе вештачка драма во настаните од нивниот живот. Леа Сејду е ретка француска ѕвезда што лесно минува од холивудски блокбастери (серијалот за Џејмс Бонд), во смели интернационални дела („Јастог“, „Злосторства на иднината“ на Кроненберг) и најдобрите француски филмови е неверојатно реалистична во главната улога.
„Вртлог“ е приказна за двајца партнери што живеат во блиски, но одделни, паралелни светови, борејќи се со староста и деменцијата. Додека талкаат низ тесниот стан преполн со мебел, мора да се помират со мислите за смртта и за крајот што ги чека набрзо. Мрачната перспектива и очајот стануваат дел од приказната, а двојката, во изведба на Дарио Арџенто и Франсоаз Лебрун, гледа како нивната поврзаност полека се распаѓа додека болеста напредува. Гаспар Ное решил да ја прикаже изолираноста на деменцијата снимајќи го целиот филм на поделен екран, мајсторско решение што нуди автентичност како „еден ден во животот“, со бавна тензија и возбудлива филозофска горчина. Поделениот екран станува визуелна метафора за начинот на кој деменцијата ја еродира способноста на човекот да комуницира со своите сакани. За да им даде што е можно повеќе простор, Гаспар Ное решава да снима со две рачни камери што ги следат главните ликови, што полека води до моќна кулминација. Филмско искуство што бара внимание и посветеност на големиот екран, „Вртлог“ е ремек-дело и можеби е најдобриот и најчувствителен филм на Гаспар Ное досега.
Во рамки на програмата на Скопје филм фестивал, вчера (четврток, 15 септември) се одржа промоцијата на збирката рецензии на филмската критичарка Сунчица Уневска „Дух во школка“. Во разговорот со режисерката Лидија Мојсовска, таа рече дека за насловот на книгата се инспирирала од јапонски филм за машините наспроти духот, како и од универзалното и безвремено значење на школката како древен симболички објект. Во книгата се поместени 64 рецензии, а Уневска истакна дека имала намера да се осврне на филмските дела на еден поинаков, есеистички начин, потпирајќи се на повеќе на темите, отколку на техничките и занаетчиските елементи на филмот, обидувајќи се на аналитички и безвремен начин да проговори за она со кое човекот отсекогаш е преокупиран, но сето тоа испреплетено и со актуелните теми што се обележје на денешното живеење. Книгата е издание на „Аквариус“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.