Култура
Со предавање за женското движење во Бугарија заврушува КРИК – фестивал за критичка култура
Годинашново петто издание на КРИК-фестивал за критичка култура во организација на „Контрапункт“ завршува утре со предавањето од третиот програмски дел на тема „Леви феминистички хоризонти: професионализирање или радикализирање на женското движење во Бугарија“.
Гостинка на фестивалот е Марија Иванчева, социолог и антрополог од Бугарија, која ќе одржи онлајн предавање со почеток во 19 часот, а по предавањето ќе се одржи и дискусија која ќе ја модерира Јана Коцевска.
Темата на годинашното издание на КРИК 05 е „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“ е инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“ и понатаму останува да биде актуелна.
Излагањето на Иванчева се базира на истражувањето и искуството поврзано со темата за континуитетите и прекините на женското движење во Бугарија. Спроти искуството на (анти) феминистичката либерална рамка на борбата против семејното насилство во Бугарија во 2000-тите, се анализираат појавите и работата на левата феминистичка група LevFem. Од 2018 година, групата се стреми кон политизирање на дебатата за и ангажирање на работата поврзана со насилството покренувајќи прашања за ре/продуктивна работа, структурната нееднаквост и неолибералната капиталистичка војна врз бугарските жени, етичките и сексуалните малцинства, како и врз општеството генерално. Излагањето ќе се фокусира на некои достигнувања и предизвици поврзани со движењета кои имаат социјалистички феминистички фокус во поширокиот контекст на ретрарадиционализацијата и десекуларизацијата, од кои Бугарија е еден пример меѓу многуте.
Марија Иванчева е бугарски социолог и антрополог, која моментално живее и работи во Велика Британија. Таа има истражувано и објавувано на темите: високото образование, трудот, прекарноста, меѓусекторските нееднаквости и улогата на универзитетите и нивните заедници во пошироките процеси на социјалните промени, особено од и од социјализмот. Марија е член на уредничкиот одбор на LeftEast и на бугарскиот левичарски феминистички колектив LevFem.
Постојани партнери на Контрапункт и КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk
КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz Kulturstiftung, Министерство за култура / Ministria e Kulturësа Министерство за култура на Северна Република Македонија, Goethe-Institut Skopje, Гете институт Брисел, Креативна Европа, Фондација Отворено општество – Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

