Култура
Триумф на македонската стрип заедница на меѓународен стрип конкурс

Младите македонски стрип автори убедливо доминираа на Меѓународниот стрип конкурс „ СЕ ШТО САКАМЕ ДА РЕЧЕМЕ Е ДАЈТЕ МУ ШАНСА НА ПОМИРУВАЊЕТ0“
Организатор на оваа повик е Клубот на визуелни уметници „Рашка школа за цртање“ од Рашка,Србија, во партнерство со Creative City Center – Мултифункционален социјален и културен центар од Албанија и соработници од и Србија. Конкурсот е заснован на истоимениот грант од Младинскиот фонд за култура на Западен Балкан(WBYCF) а беше наменет за ученици од основните и средни училишта од Србија, Албанија и Северна Македонија.
Како што извести Томе Трајков –оперативен координатор на проектот , во категорија Средношколци од вкупно 12 учесници наградени се :
1) Матеа Аризановска, Скопје,
2) Викторија Асаматај, Валона, Албанија
3) Елена Апостолова, Скопје,
специјални награди
-Матија Стаменковиќ Лесковац, Србија за колор
-Урош Гајиќ, Рашка, Србија за приказна
-Андреа Младенова, Скопје, за техничко изразување
Што се однесува во категорија на ученици од основно училиште од вкупно пријавени 140 учесници) наградите ги добија
1 место Михаела Ордев, Иван Тасева и Јована Салтирова Свети Николе,
2 место Ива Давидовска, Крива Паланка
3-то место Јасмина Јовчевска, Скопје
3-то место Кристина Маркоска, Брвеница
специјални награди
• Вук Стојановиќ, Лесковац, Србија за боја
• Ардеа Соколи Валона, Албанија за порака
• Јанко Јанковиќ Врање, Србија за уметнички израз
Членови на жирито беа :
• Горан Трајковиќ, РАШКА-СРБИЈА
• Славица Купенкова, СКОПЈЕ –
• Валбона Абдулај, ВАЛОНА-АЛБАНИЈА
Треба да се истакне и трудот на менторите на младите стрип автори од сите земји,преку споменување на нивните имиња:
• Сузана Ќелешоска, Струга
• Ивана Настеска, Тетово
• Лина Тренкоска, Брвеница
• Љиљана Стриже Трајковиќ, Врање
• Илко Стојановски, Велес
• Марко Стојановиќ, ЛЕСКОВАЧКО СТРИП УЧИЛИШТЕ „Никола Митровиќ Кокан“
• Снежана Стефановска Велес
• Даниела Стојчева Илиев Скопје
• Дејан Марков .Штип
• Пале Јовановска, Велес
• Валентина Штеркова Лукарева, ОУ Даме Груев с. Ержелија
• Иванка Тодорова Милошевска, ООУ „Гоце Делчев“-Љубанци, Скопје
• Ликовно студио Кристина Стојанова Имагинариум, Битола
• Силвана Ѓуровска ООУ АЦО ШОПОВ – СКОПЈЕ
• Ване Ѓорговски Ацо Шопов Скопје
• Татјана Антевска Маркоска, Тетово
• Игбал Мемиши, Скопје
• Мег’Вана Авдулај Валона, Албанија
• Јонида Малила Валона, Албанија
Наградите и дипломите ќе се доделат на отварањето на мегународната стрип колонија во Рашка, Србија ,којашто ке се одржи од 18 до 22 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков присуствуваше на премиерата на претставата „Уна“ во Белград

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчера присуствуваше на премиерната изведба на театарската претстава „Уна“, во режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски. Претставата се одигра на сцената „Данило Бата Стојковиќ“ во театарот „Звездара“ во Белград.
„Уна“ е работена според култниот роман на Момо Капор, во адаптација на Стеван Копривица.
Белградската публика со громогласен аплауз и стоечки овации ги награди актерите: Никола Ристановски, кој го игра главниот лик – универзитетскиот професор Мишел Бабиќ, Магдалена Мијатовиќ во улогата на студентката Уна, Сена Ѓоровиќ како сопругата на професорот Олга и Марко Гверо во улогата на проректорот Дукиќ. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Ивана Ристиќ, а музиката на Горан Трајкоски.
Министерот Љутков истакна дека претставата „Уна“ е уште една потврда за високото ниво на соработка во културната размена меѓу Македонија и Србија, како и за креативната моќ на македонските уметници на меѓународната сцена.
Репризни изведби на „Уна“ се закажани за 13 и 26 октомври во театарот „Звездара“.
Култура
Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во Театар за деца и младинци

Четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ од 15 до 18 октомври ќе ја обедини регионалната театарска сцена под слоганот „Сцена за сечиј сон“, со претстави што преку игра, хумор и фантазија го допираат живиот корен на човечкото искуство.
Официјалната селекција, за која беше задолжена режисерката Драгана Милошевски – Попова, годинава беше направена од вкупно над 40 апликации: што најавува многу богата година за детскиот и младинскиот театар.
Фестивалот го отвора „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ: современа и ритмична адаптација на романот на Мери Шели, која ја преиспитува границата помеѓу човекот и чудовиштето, и улогата на заедницата во нејзиното поставување, моделирање и управување.
Од Суботица гостува „Играј со мене!“ на Андреј Бока, претстава што нè потсетува дека вниманието и времето се највредните подароци за секое дете.
Од Загреб пристигнува „Малата Фрида“ на Аница Томиќ – приказна за детството на Фрида Кало, за храброста да се биде различен и лековитата моќ на соништата.
„Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување.
Посебна визуелна поезија доаѓа со „Прозорецот“ на Давид Зуазола од Темишвар и со „Свадби на животни и нешта“ на Георги и Раја Господинови, кои преку нежна приказна нѐ воведуваат во невидливиот живот на предметите и моќта на имагинацијата.
Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот „Хоп Сињор“ – храбра, апсурдно-хумористична претстава што со свеж сценски јазик ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието.
Сите претстави, освен првата, ќе се натпреваруваат за ГРАН ПРИ, наградата за режија, двете актерски, наградата за костимографија и наградата за сценографија.
Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.
Фестивалот го организира Театар за деца и младинци – Скопје, со Совет во состав: Владимир Лазовски (претседател), Игор Ивковиќ, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Никола Наковски, Ангела Димитровска, Ирена Глигорова и Васил Галевски.
Во рамки на придружната програма ќе се одржат: драмско читање и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст“, со Ева Камчевска како нејзин модератор; работилницата за сценско движење под менторство на српскиот актер и режисер Дамјан Ќецојевиќ; и креативната работилница „Како се прави кукла“, водена од Ирина Сомборац. Сите три работилници се наменети за младата публика, ученици и млади креативци.
„Театарот му овозможува на детето да ги претвори своите внатрешни немири во игра што лечи. Таму, во безбедниот простор на имагинацијата, стравот станува лик, болката станува глас, а љубопитноста – движење. Во тој чин на преобразба, детето го учи најважниот човеков напор: како да го поднесе светот без да се изгуби во него. Театарот не го оддалечува од реалноста туку му ја враќа: преобразена, поподнослива, полна со можности за нови доживувања“, велат од Театар за деца и младинци.
Култура
Финскиот хор „Доминанте“ со светска премиера на „Јовано, Јованке“ од Дарија Андовска во НОБ

Вечерва, во фоајето на Националната опера и балет, со почеток во 20 часот, во рамките на нивната турнеја по повод 50-годишнината од основањето, финскиот мешан хор „Доминанте“, под диригентската палка на маестро Сепо Мурто, ќе изведе разновидна програма со дела од светскиот репертоар и ќе ја даде светската праизведба на композицијата „Јовано Јованке“ од македонската композиторка Дарија Андовска.
Концертот во Скопје се одржува по неколкудневни подготовки на хорот во Охрид. Во Скопје хорот ќе одржи и заедничка проба со мешаниот хор на ФМУ „Драган Шуплевски“, предводен од маестро проф. Сашо Татарчевски.
Хорот „Доминанте“, основан во 1975 година при Универзитетот „Аалто“ во Хелсинки, е еден од најпознатите фински хорови, препознатлив по својот блескав звук и уметничка извонредност.