Култура
Владимир Четкар со концертна промоција на новиот албум
Концертната промоција на најновиот албум „Let Us Be“ на светски познатиот македонски гитарист и автор Владимир Четкар ќе се одржи на 8. мај (среда) со почеток во 21 часот, на поткровјето на мултимедијалниот простор Јавна Соба (Public Room) во Скопје.
Овој концерт Четкар го означува и почетокот на големата меѓународна турнеја, која ќе продолжи во неколку американски метрополи – Бостон, Њујорк, Чикаго – а потоа и во Јапонија. Албумот „Let Us Be“ е четвртиот студиски проект на Четкар, снимен во Чикаго со учество на повеќе од 40 врвни студиски музичари и саунд инженери. Изданието, кое беше ексклузивно објавено во Јапонија преку музичката куќа P-Vine Records, веќе се најде на полиците на јапонските музички продавници.
„Албумот е инспириран од секојдневни моменти, љубов, предизвици и искрени емоции. Сакам на концертот заедно да го славиме животот, мигот, прошката и љубовта. На албумот симболично порачувам – оставете нè да бидеме она што сме и какви што сакаме да бидеме,“ вели Четкар во пресрет на промоцијата.
Владимир Четкар, дипломец на престижниот „Berklee College of Music“ во Бостон, веќе две децении успешно ја гради својата меѓународна кариера, постојано балансирајќи помеѓу Македонија и САД. Роден во Охрид, денес голем дел од времето го поминува во Њујорк, каде што ја продолжува својата музичка приказна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на Иван Ивановски во Кина
Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Северна Македонија.

Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
![]()
![]()

Култура
Македонскиот проект „Балада за лонецот и капакот“ доби 9.000 евра за развој на сценарио
Филмот „Балада за лонецот и капакот“ во режија на Вардан Тозија, а во продукција на Ивана Шекуткоска и Минимал Колектив Продукција, е меѓу избраните проекти што ќе добијат финансиска поддршка во рамки на 2025 Funding Round на SEE Cinema Network.
Официјалната најава беше објавена во рамки на 66. Меѓународен филмски фестивал во Солун (TIFF66), каде што SEE Cinema Network ги претстави добитниците на овогодинешниот развоен фонд, соопшти Агенцијата за филм.
Секој од поддржаните проекти ќе добие 9.000 евра наменети за развој на сценарио и подготовка на продукција.
Култура
Нова меѓународна награда за „Златната пеперутка“ со Биби и Боби
Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната Пеперутка“, со омилените детски херои Биби и Боби, освои ново меѓународно признание – наградата „Млади Хоризонти“ (Young Horizons Award) на престижниот CEE Animation Forum, што се одржа од 4 до 6 ноември во Плзењ, Чешка.
На форумот беа претставени 29 проекти од 15 земји, пред повеќе од 200 претставници од европската анимациска индустрија: продуценти, режисери, телевизиски уредници и дистрибутери.
Ова е втора награда за „Златната Пеперутка“, по MIA Development Award која проектот ја доби во октомври годинава на MIA Market во Рим – еден од водечките европски филмски пазари.
„Франција ги има Астерикс и Обеликс и Мињоните, Англија ги има Валас и Громит, Русија ги има Маша и Медо, Хрватска го има Балтазар, а Белгија го има Тин-Тин. Нашата цел е децата од светот да слушнат за Македонија преку Биби и Боби“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Во филмот, Биби и Боби патуваат во амазонската џунгла во потрага по легендарната златна пеперутка, симбол на рамнотежа меѓу човекот и природата. Нивната мисија ги води кон митскиот град Ел Дорадо, каде ќе мора да ги здружат своите сили за да ги победат темните сили што демнат во џунглата.
Македонски продуценти на проектот се Македонска Крепост, Светот на Биби и Тун Моушн Студиос, а филмот ќе се реализира во копродукција со Аргентина, Шпанија, Колумбија и Бразил.

