Култура
„Уметноста на звучните пејзажи во современата изведба“ – предавање на композиторот и пијанист Алесандро Ола
Утре, со почеток во 19 часот, во КСП „Центар – Јадро“, предавање ќе одржи професор Алесандро Ола на тема „Уметноста на звучните пејзажи во современата изведба“.
Говорникот Алесандро Ола е познат уметник со звук и композитор, кој во рамките на проектот Arts Hub ќе ги сподели своите сознанија за тоа како звукот може да го подобри изведбеното искуство и да создаде инволвирачки средини.
За време на предавањето ќе бидат истражени разни елементи на звучните пејзажи вклучувајќи теренски снимки, пронајдени звуци и електронска манипулација и како тие може да се искористат за да се создаде уникатен звучен пејзаж за публиката. Воедно, ќе проникнеме и во спојот на звучната уметност и изведбата и ќе дискутираме како звукот може да се користи како форма на изразување и раскажување.
Исто така, за време на предавањето ќе бидат истражени начините на кои звукот може да се користи како алатка за социјален ангажман, од проекти во заедницата до инсталации на специфични локации, кои се занимаваат со суштински социјални прашања. Ќе се разговара и за тоа како звукот може да помогне да се создадат поинклузивни и партиципативни форми на уметничко изразување овозможувајќи им на маргинализираните заедници да го пуштат својот глас и да бидат слушнати.
Ќе биде истражена и улогата на звукот во градењето капацитети за локалната сцена во социјално ангажираната уметност. Говорникот ќе ги сподели своите искуства од неговата работа со заедници и уметници за развивање вештини и градење мрежи овозможувајќи им да креираат свои социјално ангажирани уметнички проекти и иницијативи.
„Без разлика дали сте уметник, изведувач или едноставно сте заинтересирани за светот на звукот, ова предавање не треба да се пропушти. Ви ветуваме дека оваа вечер ќе ве стимулира на размислување и подлабоко ќе ја цените моќта на звукот во современата изведба“, велат организаторите на настанот.
Предавањето се реализира во рамките на проектот Arts Hub на КСП Центар-Јадро, кој е поддржан од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.
Алесандро Ола (Alessandro Olla, IT/ESP), композитор, пијанист и изведувачки уметник. По студиите по пијано, композиција и електронска музика, го напушта академскиот пристап кон музиката и го почнува својот уметнички пат низ експеримент, импровизација и електроника како во компонирањето така и во сценскиот настап. Неговото лично истражување се фокусира главно на интеракцијата помеѓу музиката и другите уметнички изрази. Неговите интереси и искуство исто така вклучуваат видеоарт и танц.
Изведувал во интернациопнални музеи и галерии, како, на пр.: MACBA (Museu d’Art Contemporani Барселона, 2007), BAC (Лондон, 2007), GRIM (Centre Montévideò Марсеј, 2005), Accademia d’Arte Contemporanea (Сиракуза, 2000), Théatre Daniel Soriano (Дакар, 2004), The Luggage Gallery (Сан Франциско, 2004), Voz Alta (Сан Диего, 2004). Настапувал со современи уметници меѓу кои и: Tim Hodgkinson, Marc Ribot, David Shea, David Toop, Elio Martusciello, Victor Nubla, Fabrizio Spera, Paolo Fresu, Jean Marc Montera, Lorenc Barber, Roberto Pellegrini, Henning Frimann; на фестивали меѓу кои и Time in Jazz (Berchidda, 2006), LEM (Barcelona, 2005), Europe Tendence Emotion (Paris, 2003), electricittà – GRIM (Marseilles, 2005, 2003), Festival SpazioMusica (Cagliari, 2003), Ixem (Firenze, 2003), Impro Match, festival europeen de musique improvisée (Poitiers, 1999). Во 1996 го основал ансамблот Coincidentia Oppositorum.
Од 1999 компонира оригинална музика за многубројни претстави соработувајќи со важни италијански театри и театарски уметници, како Дарио Фо, Марко Карнити, Марко Пароди, Дациа Мараини, Марио Фатикони, Франческо Ориго, Франческо Сапонаро, Карла Тато. Автор е на театарски претстави, кои исто така вклучуваат претстави базирани на импровизација (Suonobliquo, Water Rythms, Aleph). Компонирал музика за радио, телевизија и филмови и работел на звучни записи на локации во урбани и рурални средини.
Од 1994 работи и како подучувач и ментор во рамките на театарски и музички работилници. Подучувајќи, го продлабочил својот поглед на врската музика-јазик-поезија и како режисер реализирал неколку проекти базирани на вокални експериментирања. Веќе шест години држи часови за музикотерапија и театарски работилници работејќи во полето на менталните тешкотии.
Во 2007 го основа и почнува да го води мултимедијалниот фестивал на напредна музика SIGNAL, чиј идеен творец е токму тој. Од 2001 до 2005 организирал годишен фестивал за импровизација и музичко истражување, базиран на работилници и перформанси во Калјари, Сардинија. Живее помеѓу Барселона, Рим и Калјари, а базата му е (главно) во Калјари, каде што во 1995 го основал центарот посветен на музичко истражување и театарски експеримент, TiConZero [www.ticonzero.org]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Kонцерт на џез триото АУМ
Во петок, во 20 часот во Салон 19:19 ќе се одржи концерт на Џез триото АУМ.
Џез триото АУМ (AUM) е формирано во 2024 година. Со својата авторска музика ги исполнува и преминува стандардните рамки на фри џез, дум џез и современа класична музика. Како звук, зборот „АУМ“ е синоним за почетокот на Универзумот, за првиот космички звук од кој потекнува креацијата на нашата реалност. Триото АУМ со своите оригинални теми и слободни импровизации, создава уметничко искуство што ги спојува редот и хаосот, претставувајќи израз на неограничената креативност во музиката. Овој настап е планиран да биде снимен со аудио и видео, како би се продуцирал и издал и првиот албум на АУМ со име „АУМ – во живо, КИЦ 2024“ („AUM – live in KIC 2024”).
Триото е составено од Благојче Томевски (кларинет и бас кларинет), Константин Хаџи Коцев (пијано) и Драган Теодосиев (тапани). Членовите на триото се дел од повеќе состави кои редовно настапуваат на концерти и фестивали, а зад себе имаат оставено многубројни ЦД изданија кои се високо рангирани на светски ранг листи. Некои од другите состави во кои тие учествуваат се: Taxi Consilium, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Зарина Првасевда, Cobalt Code Unit, Shock Troopers, како и многу различни формации како дел од проектите „Impromptu Meetings“ и „Џез за чудаци“.
Благојче, Драган и Константин се активни џез музичари на македонската и на европската сцена и често настапуваат на домашни и странски фестивали и концерти. Меѓу највлијателните се издвојуваат „Скопје Џез Фестивал“, „Пин Конференција“ и „MENT Ljubljana“ на кои настапуваат веќе неколку пати во различни состави. Драган Теодосиев ја добива наградата „Златен Орикс“ за најдобар џез музичар во 2023та година, доделена од Скопскиот Џез Фестивал.
Култура
Ново издание на „Скомрахи“ од 1 до 5 ноeмври
Студентските средби Скомрахи на Факултетот за драмски ументости (ФДУ) и годинава ги обединуваат во Скопје студентите од повеќе европски драмски и филмски академии. Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја престават од 1-ви до 5-ти ноември во повеќе простори во градот – Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот Театар, Младинскиот културен центар и Котур Кафе и Филм. Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка, заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ. Прграмата на 32 издание на Скомрахи 2024 вклучува и изложба за ре-употреба на театарски „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел дискусија, разговори по претставите и музички настани.
Парлалено на програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите, а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ ќе учествуваат сите учесници на Скомрахи, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и Одделот за дизајн и инжинеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ- Скопје, студенти од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театрска педагогија на Академијата за уметност Фонтис од Тилбург, Холандија, како и неколку уметници од локалната дрег сцена.
Годинешните Скомрахи, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на Дионизиските церемонии. Иако припаѓаат на далечната историја Дионизиите се повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и насилството на денешниот свет. Наспроти нив студентите на Скомрахи повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување преку свечено заедништво.
Скомрасите ги повикуваат сите да се вклучат во „Дионизија сега“, започнувајќи од 1 ноември во Драмскиот театар – Скопје, со изведба на „Кралот Иби“ на Алфред Жари од студентите на ФДУ. Настаните на Скомрахи се отворени за публиката, со бесплатен влез, а целата програма е објавена на www.instagram.com/skomrahi и www.facebook.com/skomrahi. Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура на РСМ и Europe House.
Култура
Почнаа читачките проби на претставата „Бог на колежот“
Почнаа читачките проби на претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект) по текст на светски познатата француска авторка Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска.
Станува збор за еден од најпоставуваните текстови на Реза, напишан во 2006 година, за кој добива и многубројни награди.
Режисерката Петрушевска го избира овој текст на оваа брутално црна комедија, која безмилосно ја разобличува современата елита, притоа користејќи иронија и сарказам за да предупреди на дволичноста на човечката природа.
Текстот изобилува со брилијантни дијалози и извонредна веродостојност на ликовите на два брачни пара, кои ги играат: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон (Мони) Дамевски, Наталија Теодосиевa, а кавгата меѓу двете момчиња е причината родителите да ја преземат контролата врз нивните односи.
Односите стануваат сè понапнати, ситуацијата ескалира и се претвора во меѓусебни обвинувања и општо пресметување во сè поголеми размери. Паровите водат психолошка војна, а на виделина излегуваат и долго скриените несогласувања во двата брака.