Култура
Фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“ од вечерва на четири локации во Скопје
Вечерва, почнува 14. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Макеодкс“, кој ќе се одржува до 24 август во Скопје со мотото #пресечи (#cutit).
Тематски фокус на фестивалот е монтажата на документарните филмови.
Фестивалот ќе се одржи на четири локации – Куршумли ан, платото на Музејот на Македонија, Младинскиот културен центар и Супи ан, а мастер-класите ќе се одржат во Даутпашиниот амам.
Отворањето на фестивалот е вечерва во Куршумли ан, во 20 часот. На филмската програма се проекциите на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција), во 21 часот, и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), во 21.15 часот.
Дејството во краткиот документарец „Над рудникот“ се одвива во Кируна, во северниот дел на Шведска. По низа чудни настани, градот е ставен во движење.
Долгометражниот документарен филм „Танцувајќи ја Пина“ е со приказна што ја слави уметноста на легендарната танчарка Пина Бауш и луѓето што денес ја толкуваат нејзината работа. Два од нејзините танцови проекта покажуваат како младите танчари од целиот свет повторно го откриваат нејзиниот уникатен кореографски стил. Тие се водени од поранешни членови на компанијата „Танцтеатар“ на Бауш.
По филмската програма, концерт во Куршумли ан ќе одржи локалната група „Искра“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков е новиот претседавач со Советот на министри за култура на ЈИЕ- јакнење на културата во функција на одржливиот равој
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Херцег Нови, имаше свое обраќање на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа-јакнење на културата во функција на одржливиот равој (КОМОКОСЕЕ) на кој Република Северна Македонија и официјално го презеде од Црна Гора претседавањето со ова значајно тело во период од една година.
Во своето обраќање пред присутните Љутков рече дека има големи очекувања од регионалната соработка, за која верува дека ќе се продлабочи и ќе се интензивира следната, 2025 година.
„Верувам дека во годината кога одбележуваме 20 години од потпишувањето на Повелбата на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, ќе успееме да ги завршиме преговорите за формирање на Фондот за културна соработка, за кој сме согласни дека ќе претставува уште еден механизам за зацврстување на регионалното поврзување преку нови идеи и решенија, со што ќе дадеме значаен придонес во обезбедувањето сигурен напредок на културата“, порача Љутков.
Претходно, министрите за култура и шефовите на делегациите на земјите членки разговараа за зацврстување на соработката во Култура и уметност за одржлив развој во време кога светот се соочува со сериозни предизвици.
Во годината кога се одбележува деценија од усвојувањето на Охридската регионална стратегија за културна соработка во ЈИЕ, Љутков, говорејќи за значењето на состанокот, во своето обраќање ја потенцираше улогата на културата во глобалните процеси, истакнувајќи ја потребата за унапредување на соработката и создавање нови можности преку нејзина интеграција во образовните системи.
„Во време кога светот се соочува со сериозни предизвици, постои потреба сите да работиме на создавање одржливи и инклузивни општества каде што културата ќе има клучна улога во глобалните процеси. Свесни сме за улогата на културата во меѓусебното разбирање и за тоа колку се мали разликите, а колку се големи сличностите меѓу нас, а сето тоа заедно создава простор за нови можности. Затоа, нашата посветеност и одговорност како министри за култура треба да биде во насока на интеграција на културата во образовните системи, односно да создадеме образовни програми кои не само што ќе ги промовираат културните вредности, туку ќе ги поттикнат младите да бидат консуматори на културата, но и нејзини активни креатори и промотори“, рече Љутков.
Министерот информираше дека образованието за култура и уметност за одржлив развој во нашата земја добива сè поголемо значење, особено преку интегрирање на уметничките и културните активности во разни инцијативи, програми и проекти.
„Ние сме посветени на создавање нови можности за младите, поттикнувајќи иновации и интеграција на културните вредности во образованието. Во тој контекст, сакам да ги истакнам конкурсите на Министерството за поддршка на стручно усовршување на дефицитарни кадри во областа на културата, со кои ги стимулираме младите и придонесуваме за нивното образование во областите што се од особена важност за културата и уметноста“, истакна Љутков.
Тој додаде дека со поддршка од Министерството, институциите од областа на културата континуирано организираат едукативни проекти за подигнување на свеста за важноста на културата и уметноста, а е подобрена и пристапноста и инклузијата на лицата со попреченост и на маргинализираните групи кон програмите и содржините во институциите.
На состанокот во Црна Гора министрите за култура и високите претставници на земјите од ЈИЕ ја усвоија и Декларацијата од Херцег Нови.
Култура
„Не зјапајте толку романтично“ – шетачки театарски перформанс по улиците на Скопје
„Не зјапајте толку романтично“, е перформативна шетачка тура, која се реализира како дел од проектот „Градот е јавност дел #1 “, и која ќе се одржи в сабота (7 декември) и ќе трае од 12 до 18 часот. Турата, во форма на перформантивен (шетачки) есеј, е замислена како театарски перформанс во четири чина и е колаборативен уметнички проект предводен од интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски.
Перформативната шетачка тура почнува од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во 12 часот („Зграда без врати“), вториот дел од турата почнува во 13:30 часот со јавен перформативен ручек со „Флоутинг Јуниверзити“ во Железничката зграда и во Архитектонскиот факултет („Пловечко кино / Слободно кино“), третиот чин почнува во 15 часот и е наречен „Отфрлање на модернизмот“. Со четвртиот чин наречен „Во бучните води, ги слушам гласовите на мртвите пријатели“ турата завршува во Албанскиот народен театар во Скопје.
Турата е од отворен карактер и оние што би сакале да се вклучат треба да направат резервација на електронската пошта [email protected], најави организаторот.
Куратор на овој перформас е Владимир Јанчевски, кураторската поддршка е на Софија Григоријаду, актерка/изведувачка е Мартина Даниловска.
Авторскиот и драматуршкиот концепт се на Филип Јовановски, соработници на авторскиот концепт се Ивана Самандова, и Димитар Милев, дел од креативната продукција и координација е и Екатерина Добривојевска.
Вклучени во истражувањето се и Мартина Пенева, Екатерина Николовска, Крсто Григорaидис, Калина Трајановска, додека дел од креативниот тим соработници се и Марија Аризанковска, Катарина Томиќ и Бојана Вуковојац.
Перформативната шетачка тура е дел до тридневниот настан „Градот е сцена: Пловечки универзитет“, кој се одржува од 5 до 7 декември.
Првиот ден во амфитеатарот на Архитектонски факултет во Скопје се одржи јавно предавање на Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од Берлин, членови на „Флоутинг Јуниверзити“ (Пловечки универзитет), на кое се говореше за поврзаноста меѓу природата и културата и за просторни експерименти во басенот за задржување дождовница.
Во текот на денешниот ден ќе се одржи целодневна работилница со студенти на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје / Лабораторија за просторно изведувачки практики, која ќе ја предводат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од „Фолутинг Јуниверсити“, а ќе трае од 16 до 20 часот. Темата ќе биде „Иднината на киното во Железничката зграда“.
Продукцијата е на Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ – „АКТО фестивал за современи уметности“.
„Градот е јавност“ претставува еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамки на едукативната платформа „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“. Работата се надоврзува на неколкугодишното истражување и работа на интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски во рамки на програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ во насока на истражување на јавни простори и подоцна продукција на истражувачки перформативно – театарски проекти (претстави/интервенции) за истите тие простори.
Овој проект следи како надоврзување на работата на „ФРУ“ во објектите и јавните простори како Железничка зграда, Универзална сала, Македонска пошта, објектот Домче, ГТЦ и плоштад „Македонија“ во Скопје.
– Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, „нова“ дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор – објаснуваат од „ФРУ“.
Проектот е организиран во контекст на проектот „We don’t want to be stars (but parts of constellations)“ заеднички потфат на „Suns and Stars“, Факултет за работи што не се учат –ФРУ, и Музејот Eesti Kaasaegse Kunsti (EKKM) финансиран од Европската унија.
Партнери на проектот „Градот како сцена: изведување на јавниот простор“ се Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ГЕТЕ Институт Скопје, Институт за уметност и театар од Чешка- Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Факултет за драмски уметности – УКИМ Скопје, FONTYS Универзитетот за Уметност од Тилбург – катедра за мастер студии Performing public spaces,.
Проектот е поддржан од ГЕТЕ Институт Скопје , Програмата за култура на Швајцарска амбасада во Република Северна Македонија, Министерство за Култура и туризам на Република Северна Македонија.
Во неговата реализација поддршка дадоа и Албански Театар Скопје, Национална Опера и Балет и Општина Центар.
Култура
Изложба (Ре)откружено во ЛУ Градски музеј Крива Паланка
Вечерва, со почеток во 19,00 часот, во ЛУ Градски музеј Крива Паланка ќе биде отворена изложбата „Ре(откружено) на уметниците Марина Цветановска Мартиновска, Александар Симоновиќ, Мирослава Цветковиќ и Марија Мицова Гацова.
(Ре)откружено“ е третиот заеднички ликовен циклус на овие визуелни уметници, кои со своите размисли и идеи за поимот на „откруженото“ и „реоткруженото“, ги транспонираат во самостојни и групни ликовни композиции. Притоа, кругот е доминантната, носечка и едниствена изразна форма.
Проектот започнува во 2022 година со изложбата „О(т)кружено, кој понатаму се развива во изложбата Ре(откружено) , а во најновата е збогатена со нови ликовни солуции и решенија.
„Главниот концепт на овој проект е обединувањето, „вкружувањето“, можноста за вмрежување на нови автори со иста или слична фреквенција, како еден вид метафора која говори за „продолжување на низата“, непрекинливоста, бесконечноста. Овие поими се инкорпорирани во симболиката на кругот, бидејќи како што вечноста нема почеток и крај, така нема ни кругот“, вели Драгана Спасковска, историчарка на уметност од НУ Музеј Куманово.
Организатор на изложбата е Градскиот музеј во Крива Паланка, а се реализира во рамките на маифестацијата „Крива Паланка –Град на културара 2024“.