Култура
Фестивалот за македонско вино и музика „Виноскоп 2022“ од 4 до 8 мај во Скопје

По прекин од четири години, овиј месец, од 4 до 8 мај, ќе се одржи фестивалот за македонско вино и музика „Виноскоп 2022“, каде што граѓаните може да уживаат во музичките изведби и во убавото македонско вино.
На денешната прес-конференција, што се одржа во Град Скопје, организаторите на „Виноскоп 2022“ ги промовираа музичките изведувачи и бендови, кои од 4 до 8 мај ќе настапуваат на скопскиот плоштад.
Оваа година првпат манифестацијата ќе биде збогатена со зголемен број винарници, кои ќе ги понудат своите производи.
„Скопјани заслужуваат градот да има вакви убави културни манифестации и токму поради тоа Град Скопје во наредниот период ќе стави акцент на ваквите настани, со цел подигнување на културолошкото ниво и забава достојна за граѓаните на град Скопје, како и на сите гости од регионот што ќе го посетат овој преубав настан“, велат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Актуелно
Ива Дамјановски e добитник на наградата „Антево слово“ 2021/ 2022

Ива Дамјановски за „Мојата песна се фрла од мостот“ е лауреат на поетскиот конкурс за необјавена песна „Антево слово“ за 2021/2022 година.
Наградата е дел од Меѓународна поетска манифестација „Анџело ла Векија“ која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Наградени автори на „Антево слово“ 2021/ 2022 – Сицилија, Италија
1. награда
Ива Дамјановски – Мојата песна се фрла од мостот
2. награда
Елизабета Бандиловска – Солзите на светот;
Михајло Костадиновски – Младост за перење;
3. награда
Љубинка Донева – Птиците и гробиштата
Димче Шипинкаровски – Прочка
Награда за млад автор:
Мелани Иванова – Порака за мир
Годинешниот мал јубилеј ни претставува особена чест затоа што македонската поезија е дел од оваа значајна Меѓународна поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Мисла-песна, песна-мисла, поврзаноста градиво за нови светови, темел за нова јасност. Потребата за мир не е е надреална желба, андроидното живеење е веќе реалност, но да знаеш да ја пренесеш низ поетски глас симболиката на интимните вивнувања и падови преку личните дискурси на перцепција со автентичност и скриена поетичност и мелодика е нешто што ги отвора портите на стиховерзумот на новите поколенија.
Според Атина Цветаноска, член на жири-комисијата на „Антево слово“, експресивната мисла на Ива Дамјановски е луцидно покажана во нејзината песна „Мојата песна се фрла од мостот“.
„Нејзината песна е жив организам кој битиствува во реалноста која ја опкружува и се стопува во живиот и неживиот свет. За неа стиховите се органско продолжение на нејзината суштина и се истовремено и орудие и екпресија и израз на внатрешен животен порив. Стиховите се иновативни, современи и во исто време едноставни што прави оваа песна да се чита лесно, но и да побуди прашања и размислувања за есенцијата на животот“, вели Цветаноска.
Ива Дамјановски е родена 1996 година во Скопје. Дипломиран пијанист и моментално работи на своите магистерски студии на Libera Università di Bolzano на Катедрата за музикологија, како и на Катедрата за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје. До сега има издадено две збирки поезија, насловени „Тие“ и „Двоумење“, како и две научни статии од областа на музикологијата. Добитничка на престижната поетска награда за поезија „Браќа Миладиновци“ во 2020 година.
Култура
Отворен повик за 13. издание на Фестивалот за кратки филмови Balkans Beyond Border

Balkans Beyond Borders (BBB) ги повикува македонските млади режисери да ги пријават своите филмови на 13. издание на интернационалниот фестивал за кратки филмови Balkans Beyond Border.
Фестивалот за првпат ќе биде одржан во Македонија, во градот Битола, откако во последните 12 години фестивалот патуваше во 10 града (Белград, Тирана, Атина, Букурешт, Сараево, Солун, Брисел, Нови Сад, Измир, Приштина).
Фестивалските награди ќе ги додели жири составено од познати професионалци од филмската индустрија. Наградата за најдобар филм изнесува 1.000 евра, а ќе биде доделена и награда за најдобар дебитантски филм, специјални признанија и награда од публиката.
Конкурсот е отворен за младите уметници од Балканот и пошироко, а рокот за пријавување трае до 31 мај оваа година.
Повеќе информации за условите и начинот на пријавување на следниот линк.
Книги
Oбјавен романот „Дона Алба“ од Џиб Михаеску

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Дона Алба“ од еден до најголемите романски писатели на ХХ век – Џиб Михаеску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.
Книжевната критика има укажано на очигледни сличности меѓу „Дона Алба“ и „Црвено и црно“ на Стендал, „Бел ами“ на Мопасан и целото творештво на Достоевски. Главните ликови во ова дело што не избледува се фатална жена и вљубен млад човек, подготвен на сè заради неа. Но, тоа е модерен урбан роман, извонреден по својата мистична атмосфера на Букурешт во тоа време.
Во споредба со Достоевски и Мопасан, романскиот писател Џиб Михаеску успеал да ги прекрши влијанијата на руските и на француските класици низ призмата на животот во Букурешт меѓу двете светски војни во дваесеттиот век. Тој вешто го води читателот низ улиците на магнетниот свет на декадентната и мистериозна романска престолнина за да ги открие неговите тајни и да раскаже модерна приказна за принцовите и просјаците. Ова е модерна урбана сторија за жените, парите и кариерите, сместена меѓу двете светски војни. Се смета за голем љубовен роман во романската литература меѓу двете светски војни, но тој е повеќе од љубовен роман.
Блескаво убавата принцеза Алба Ипсилант го привлекува вниманието на минувачите на декадентниот Букурешт. Животот на еден од нив ќе се промени засекогаш. Решен да се искачи високо во редовите на општеството, но и да ја открие романтиката на своето време, младиот Михаи Аспру е подготвен да биде како витезите од старите времиња и да прави големи дела во името на својата принцеза. Но, што значи тоа во светот на новите буржоаски односи во кои змејот што дише со оган го има обликот на мажот на принцезата? Одговорот на ова прашање не е ниту лесен ниту предвидлив…
Џиб Михаеску (роден во 1894 година во Драгашани, Романија), чие вистинско име е Георге Михаеску, е еден од најзначајните романски писатели во првата половина на ХХ век. „Дона Алба“ е неговиот последен и најзначаен роман и првпат е објавен во истата година кога умрел авторот (1935, на 41-годишна возраст). Учествувал во Првата светска војна, бил адвокат во Кишињев и во родниот град.
Џиб Михаеску напишал пет романи: „Раката на Андромеда“ (1930), „Русинката“ (1933), „Чоколадна жена“ (1933), „Деновите и ноќите на задоцнетиот студент“ (1934) и „Дона Алба“ (1935). Автор е на три книги со раскази: „Грандифлора“ (1928 – неговата прва книга), „Ведениа“ (1929) и „Сонот“ (1935), како и на збирката драми „Павилјонот во сенка“ (1928).
„Дона Алба“ е првото дело на Џиб Михаеску преведено на македонски јазик.