Култура
Фестивалот „Културен амалгам“ почна во Скопје, а вечерва продолжува во Крива Паланка

Првата вечер од второто издание на фестивалот „Културен амалгам“ започна во Културно информативен центар – Скопје на 15 јули со впечатлив настан во Скопје, обединувајќи фотографија, документаристика и уметнички експеримент во еден културен мозаик. Публиката во КИЦ Скопје имаше ретка можност да ја проследи изложбата „ФотоСинтеза“, која претстави над 40 автори од Романија специјализирани за алтернативни фотографски техники како цијанотипија, вандајк и гум-бихромат. Делата беа силно поетични, но и технички прецизни, нудејќи свежа перспектива на историските процеси во современ контекст.
Веднаш потоа, беше прикажан документарниот филм „Манaки – Приказна во слики“, режиран од Роберт Јанкулоски, кој со внимателно истражена нарација и автентични фотографии нè врати во времето на првите балкански кинематографери, преку факти кој ретко кој ги знаел. Филмот остави силен печат врз публиката со својот достоинствен пристап кон културното наследство, давајќи историски контекст на приказната.
Со ова, фестивалот започна како што и најави: со јасна визија, културна длабочина и отвореност кон интердисциплинарна уметност.
Вечерва Крива Паланка станува нова станица на патувачкиот фестивал „Културен амалгам 2025“. Во просториите на Градскиот музеј, од 20 часот, публиката ќе има можност да ја проследи ревијалната изложба „ФотоСинтеза“, која прикажува редок избор на алтернативна фотографија од фотоклубот „Ирис“. Техники како цијанотипија, гумоил и вандајк ќе бидат изложени преку дела на над 40 автори, кои го оживуваат минатото со современа чувствителност.
По изложбата ќе следува и проекција на документарниот филм „Манаки – прикзна во слики“, посветен на животот и делото на пионерите на балканската фотографија – браќата Манаки.
Настанот е бесплатен и отворен за сите љубители на уметноста, културата и фотографијата.
Следна станица на естивалот е Куманово на седми август во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Со овие активности Културно-информативниот центар – Скопје настојува да поттикне децентрализација на културата во Македонија и да воспостави трајна соработка меѓу културните институции низ земјата.
Целта е да се заживеат локалните простори преку изложби, проекции, работилници и трибини, како и да се создадат нови услови за самоорганизирано културно делување. Годинешната тема е фотографијата, со фокус на нејзиниот историски развој и алтернативни техники кои повторно стануваат актуелни. Проектот има и амбиција да се прошири на регионално и меѓународно ниво.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата

Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на Струшките вечери на поезијата.
Одлуката ја донесе тричлена жири-комисија во состав: Стефан Костоски (претседател), Никола Ѓелинчески (член) и Пепи Стамков (член).
„Песната „Студ“ на Гала Матевска изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата. Сликите на месечини што висат од прстите, напукнати коски и облаци над планините ја претвораат природата во огледало на внатрешниот свет. Поетесата не се одмерува со планините во метри, туку со денови, генерации и таги. Времето тече и се преклопува, минатото и сегашноста се судруваат, а вистината се открива преку болката и сеќавањето. Во сржта на оваа песна има мешавина од спротивности: тишина што зборува, неподвижност полна со движење, тага испреплетена со убавина. „Белите океани“ симболизираат и минато и иднина, а последната слика – студот на друго лице што студи на своето – ја нагласува блискоста и оддалеченоста што постојат истовремено. Лирична и искрена, песната ја носи борбата со сопствената тежина, но и потрагата по светлина и возвишеност“, стои во одлуката на жири-комисијата.
64-тите Струшки вечери на поезијата завршија синоќа со меѓународниот поетски митинг „Мостови“ и врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка , „Браќа Миладиновци“ на македонската поетеса Јулија Величковска и „Мостови на Струга“ на поетот Матеуш Шимчик од Полска.
Култура
Септемвриска филмска магија во Кинотеката на Македонија

Кинотеката на Македонија ја најавува септемвриската програма, која ќе донесе вистински филмски празник за љубителите на седмата уметност.
Овој месец е посветен на антологиските филмови од историјата на светската кинематографија, како и на значајни македонски играни и краткометражни остварувања. На репертоарот ќе се најдат ремек-дела што го обележале златното време на филмот.
Посебно место во програмата ќе имаат и македонските краткометражни филмови, кои на најдобар начин ја претставуваат енергијата и креативноста на неколку генерации автори. Кратката форма ќе биде претставена преку избор на значајни остварувања, кои ги истражуваат интимните приказни, урбаните пејзажи и социјалните предизвици. Овие проекции се можност публиката да се сретне со зрели авторски визии, а истовремено и да ја почувствува пулсацијата на современиот македонски филм.
Со оваа програма, Кинотеката ја претвора септемвриската филмска сцена во мост меѓу светската класика и македонското авторско творештво.
Публиката ќе има ретка можност да ги доживее најсветлите моменти на филмската историја и истовремено да се потсети на значењето на македонскиот филм како органски дел од европската културна мапа.
Целосна програма
Култура
Со средбата „Продуценти со продуценти“ почна „МакеКоПроДокс форум“

Со целодневна програма што се отвора со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски продуценти од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, на 25 август во Младинскиот културен центар почна седмиот МакеКоПроДокс форум.
Во текот на првиот ден од работата на форумот ќе се одржи презентација на ИДФА и ИДФА Берта фонд, како и презентација и промоција на интернационалните копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, додека активностите на Агенцијата за филм на Северна Македонија ќе ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски.
МакеКоПроДокс форумот е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.
– Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25-ти до 27-ти август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето „Кому му е гајле за реалноста?“, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
На вториот ден на форумот ќе се одржат низа пичинг-сесии, како и средби „еден-на-еден“ помеѓу филмски автори и продуценти, а на крајот од денот ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши на 27 август со презентација на проекти во развој што учествувале со Мини-слејт апликации на програмата „Креативна Европа“.
МакеКоПроДокс форумот е организиран и поддржан од „МакеДокс“, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје – Фонд Екип Франција при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Институтот за документарен филм, Интернационалниот Вишеград фонд, Гете институт Скопје, Грчкиот филмски центар, Документарната асоцијација на Европа, фестивалската мрежа „Док араунд Јуроп“, „Сани сајд оф д’док“, МК Деск на „Креативна Европа“ и Младинскиот културен центар во Скопје.