Култура
Филмаџиите поабараа поголем буџет за културата: „Секој денар што е намален го доживуваме како навреда и нè демотивира“

Буџетот за култура по пат на ребаланс да биде вратен на стапката пред пандемијата, но и да се вратат алтернативните извори на финансирање, нешто што е сосема нормално во европските кинематографии (телевизија, кино, лотарија, акцизи на цигари, алкохол, газирани пијалаци) и да се овозможат даночни олеснувања за вложување во аудио-визуелната дејност, налик на оние во спортот. Овие барања беа потенцирани на денешното Собрание а Друштвото на филмските работници, што се одржа во Кинотеката со што се означи и почетокот на „Златна рамка“ 2021.
Барањата произлегоа од дискусијата за време на отворениот дел, каде што претседателот на ДФРМ, Игор Иванов – Изи се осврна на актуелната состојба на македонскиот филм и националната кинематографија, пред сè на распределбата на буџетот на Министерството за култура.
„Од 170 милиони денари во 2019, во 2020 во три наврати беа скратени цели 85 милиони. Имајќи предвид дека од истите тие средства се покриваат сите административни трошоци на Агенцијата за филм, членарините во Еуроимаж и други организации, плати за вработени и слично, ударот што нашиот сектор го доживеа е огромен. Филмаџиите ниту се вработени ниту имаат пензиско и здравствено осигурување, што не е случај со другите дејности во културата. Ние живееме единствено од производство на филмови“, истакна Игор Иванов на денешното Собрание.
Минатата 2020 година беше комплексна за многу индустрии вклучувајќи ја и филмската, која се справуваше со многу предизвици поради отежнатите услови за продукција. Уште поголем застој направи тоа што немаше можност за промоција на филмовите, бидејќи речиси сите фестивали беа откажани.
„Но, за време на пандемијата ни се случи уште една стварност, а тоа е дека филмот успеа да донесе утеха за време на ограничувањата со кои се соочивме. Ниту една европска земја не скрати средства за аудио-визуелните уметности, напротив секаде се бележи зголемување на буџетот заради крепење на целата индустрија. За време на пандемијата осознавме дека дури и кога не можевме во кино, филмот останува нешто кон што се вртиме кога сме во четири ѕида. Токму поради тоа народот има потреба од содржина како никогаш порано, но и поради зачувување на макотрпно градениот систем на независно филмско производство, промоција и дистрибуција, систем во кој се негува авторскиот филм и културната разноликост на Европа. Систем во кој се негува културната размена по пат на ко-продукциско поврзување и филмските фестивали.“, беше потенцирано на Собранието.
Македонскиот филм, изминатите четири години доживеа своевидна ренесанса, се забележаа сериозни успеси на светски фестивали, а филмот стана најдобриот културен амбасадор на нашата држава.
„Ова скратување, пренамена на буџетот од страна на Министерството за култура, направена без анализи и без претходни консултации со филмските професионалци и Агенцијата за филм го оценуваме како чин кој е спротивен на принципите кои се втемелени во европското филмско семејство каде несомнено припаѓаме. Сите сектори се важни и сите ги почитуваме, но македонскиот филм ја доживува својата преродба и секој денар што е намален го доживуваме како навреда што нè демотивира, ова не смее да се повтори, ние тоа не смееме и нема да го дозволиме.” – додаде Иванов.
Друштвото на филмски работници на ова Собрание избра и нови членови а присутните се осврнаа и на најновите успеси на македонскиот филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.
Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).
Култура
Изложба посветена на ансамблот „Мањифико“ во Градскиот музеј во Крива Паланка

Ретроспективната изложба посветена на еден од најзначајните македонски музички состави – ансамблот „Мањифико“, кој во своето 31- годишно постоење остави длабоки траги во македонската и меѓународната музичка сцена, ќе биде отворена на 5 јули (сабота) 2025, со почеток во 20,30 часот, во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Изложбата е екслузивен и траен спомен и чествување на богатиот опус на „Мањифико“ со обемна збирка од над 240 селектирани експонати, фотографии, постери, документи, аудио-визуелни снимки и архивски материјали кои сведочат за извонредната уметничка активност и достигнувањата на овој реномиран состав. Меѓу нив е и монографијата „Ансамблот Мањифико мит-легенда или реалност“, чиј автор е еден од основачите и член на овој состав Пантелеј-Панче Кочовски.
Експонатите вклучуваат 32 големи постери и 15 оригинални плакати од концерти и настапи, над 60 паноа, над 200 селектирани уметнички фотографии, аудио и видео касети, ЦД и ДВД изданија, признанија, студиски снимки, концертни програми, сценографски документи и монографското издание.
Изложбата, со која се одбележуваат 65 години од основањето на славната група, пред се, е посветена на починатите членови на „Мањифико“, сите извонредни музички ументици, на чело со вокалниот солист и ѕвезда на ансамблот, Невенка Кочовска. Во чест на овој екслузивен настан, дел од репертоарот на легендарниот состав ќе отпеат Лидија и Тања Кочовски, наследничките на Панче и Невенка.
„Последно што посакав е да оставам траен спомен на ансамблот преку експонати, сведоштва и фактографија и да ја запознаам македонската јавност со нив“, вели Панче Кочовски автор на изложбата и на монографијата.
Ансамблот „Мањифико“ е основан во далечната 1959 година и во својата 31-годишна уметничка одисеја достигнува интернационална и интерконтинентална афирмација. На својот репертоар има над 320 композиции од Латинска Америка и Шпанија, од кои над 220 на носачи на звук, 80-тина нумери за 30-тина радио станици во поранешна Југославија и Европа, 28 мали музички плочи, 5 ЛП албуми, 4 аудиокасети, 2 ЦД и неколку ДВД изданија. Најголем дел од изданијата се продавани во златен и сребрен тираж.
Во своето над 30-децениско постоење, ансамблот „Мањифико“ има настапувано во над 42 земји ширум светот, вклучувајќи ги: Австрија, Италија, Русија, Турција, Индија, Египет, САД (Индијана, Калифорнија, Илиноис, Мичиген, Невада), Австралија, Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Шведска, Германија, Бугарија, и многу други. Изведени се околу 4300 концерти, со вкупна публика од над 8.700.000 посетители. Ансамблот учествувал и во театарски продукции, снимал музика за телевизија и филм, а во 16 ТВ студија низ Европа и СССР се снимени над 140 телевизиски емисии и блокови, со учество на бројни познати вокални солисти. Има настапувано и за југословенскиот претседател Тито, пред мексиканскиот претседател Лопез Матеоз, како и о победникот на Сан Ремо Тони Далара. Иако главниот репертоар е составен од латиноамериканска музика, на интернационалните настапи „Мањифико“ изведува и македонски и југословенски хитови како музичка идентификација на ансамблот и регионот. Истовремено, како познати филантропи, имаат одржано и преку 600 хуманитарни коцерти, меѓу кои и за земјотресот и поплавата во Скопје.
Покрај Невенка и Панче, дел од „Мањифико“ биле и врвните музичари Крсто Таушанов, Петар Галев, Димитар Томов, Јане Коџабашија, Хозе Свиличиќ, Владимир Нигојевиќ, Миле Барбаровски, Коце Икономов, Миле Лукаров, Димитар Павловски и менаџерот Борис Низамовски.