Култура
Филмот „Кајмак“ за десет дена го видоа 13.000 гледачи во цела Македонија

За десет дена прикажување, филмот „Кајмак“, по сценарио и во режија на Милчо Манчевски, го видоа 13.000 гледачи во цела Македонија.
„Кајмак“ набргу почнува да се прикажува и во странство. Во преговори се повеќе земји, а засега се потврдени: Грција, Данска, Хрватска, Кипар, Србија, Тајван и САД.
По гала-премиерата во Македонската филхармонија на 16 ноември, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува во целата држава: Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп, Штип, Битола, Пехчево, Гевгелија и Скопје. И покрај сите напори на продуцентите и на дистрибутерите, „Кајмак“ не се прикажува во Велес, па велешани одат во Скопје, Штип и во Свети Николе да го видат филмот.
„Сакаме секој да има можност да го види филмот во кино. Не е исто дали го гледате на мал или голем екран, сам или во друштво. Покрај тоа, Македонија не е само Скопје“, изјави режисерот Манчевски.
Киноприкажувањето на „Кајмак“ стана настан на сезоната. Во многу градови со „Кајмак“ има кинопроекција првпат по многу години – Пробиштип, Пехчево, Делчево… Со филмот се отвори новото кино во Крушево, а во Свети Николе филмот се прикажува дури во две кина истовремено. Се пробија многу граници за киноприкажување и тоа е особено важно оти станува збор за македонски филм во време на практично замрена киноприкажувачка дејност во земјата.
Продуцентите организираа гостување на екипата и премиера и во Битола, а во „Милениум“ екипата одржа разговор пред публиката, каде што, покрај другите љубители на филмот, имаше и многубројни студенти.
Денеска, по повод роденденот на „Синеплекс“, билетите за „Кајмак“ може да се купат за цена од 150 денари. Поради големиот интерес, „Кајмак“ ќе се прикажува во 5 термини: од 18 часот, 19 часот, 20.15 часот, 21.15 часот и од 22.30 часот.
Во рецензијата на филмската публикација „Проектор“, дел од порталот A good movie to watch, пишува: „Времето ќе покаже пред колкава публика ќе игра ‘Кајмак’, кој сега го почнува своето меѓународно патување, но непредвидливото сфаќање за кармичката правда на овој филм ќе биде уникатно, трагикомично искуство за секој што ќе има среќа да го види“.
И македонскиот одглас за филмот, кој беше голем, меѓу другите, писателката и критичарка Оливера Ќорвезироска напиша: „Кајмак“ се два триаголника совршено вглавени во квадратот на нашето заробено постоење во заробениот град, во заробената земја. Чудесна геометрија на мајчинството, сексот и безнадежноста за подобро“.
„’Кајмак’ е маестрално остварување“, вели македонскиот новинар Сотир Трајков.
Професорката и актерка Синоличка Трпкова смета дека „Манчевски на топол и љубовен начин ги размрда македонската транзициска малограѓанштина, лошотилакот и лицемерството. Љубовта нема правила и во ‘Кајмак’ тоа вистински звучи, изгледа и се чувствува“.
Филмскиот критичар Тони Цифровски во својот осврт за филмот рече: „Дистанцираното набљудување нечии животи одеднаш ве втурнува во вител од емоции и пресврти, а зачудувачка е леснотијата со која отфрлајќи ја наметката на пуританството, можеме да се поистоветиме со секој еден машки или женски лик од оваа потрага по љубов“.
„Со „Кајмак“, Манчевски се потврдува како еден од ретките современи уметници во светот, кој страсно ја истражува човековата состојба, ја набљудува со огромен искрен интерес, без судење и фолирање, и ја обликува во парче уметност што трансцендира чиста, невоздржана емоција, која допира длабоко“, напиша Марина Костова.
Неодамна „Кајмак“ имаше светската премиера и три распродадени проекции на Токискиот фестивал. Реакцијата на јапонската публика беше извонредна, а весникот „Џапан тудеј“ го нарече филмот „мрсна сатира“. „Кајмак“ беше прикажан и на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван. По двете преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер, следуваа сесии разговори со публиката.
„’Кајмак’ е љубовна приказна за возрасни, црна комедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерство и апотеоза на индивидуалната слобода.
Филмот е копродукција на четири држави. 53 % од буџетот доаѓа од странски извори – од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд „Еуримаж“. 36 % од Македонската агенција за филм. Остатокот од поддршката дојде од Македонската радио-телевизија, која е копродуцент на филмот. Филмот го помогнаа и партнерите: „Алкалоид“, НЛБ банка и „Виза“, „Окта“, „Дајмонд“, „Витаминка“, „Тиквеш“ и многубројни други фирми и поединци.
По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Александар Микиќ, Сара Климоска, Симона Спировска, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ и други. Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг-директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт – рецитал на Горјана Стојановска во македонскиот КИЦ во Софија

На 30 јуни (понеделник) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи Концерт – рецитал на македонската пијанистка Горјана Стојановска од Битола. На концертот во Софија таа ќе ја претстави убавината и длабочината на класичната музика преку интерпретација на дела од Ј. С. Бах, Ф. Шуберт, Ф. Лист и А. Скрјабин.
Настанот ветува уникатно музичко патување, кое ќе ги поврзе различните стилови и периоди, создавајќи емотивно искуство за публиката. Програмата ќе ја поттикне длабочината на чувствата, размислувањата и инспирацијата, како и важноста на класичната музика во современото општество. Ќе биде овозможено поврзување со историјата и духот на музиката, како и уживање во магијата на живата изведба.
Горјана Стојановска е родена во Битола. На осумгодишна возраст го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште – Битола, каде што и матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Првите две години од високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје ги поминува во класата на проф. Борис Романов, а вторите две во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска кај која и дипломира во 2017г, а во 2019г и магистрира.
Во 2018 година се запишува и на усовршуавње на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан. Академијата успешно ја завршува во 2020 година. Учествува на мастеркласи кај истакнати педагози меѓу кои: Борис Романов, Јуриј Кот, Андреј Диев, Рувен Далибалтајан, Јулија Губајдулина и др.
Горјана има освојувано бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Во своето дејствување како пијанист има реализирано многу солистички рецитали, а во 2011 и 2014 година настапува како солист со Македонската филхармонија. Бележи настапи на повеќе фестивали како Есенски музички свечености – Скопје, Подиум на млади (како вонредна програма на фестивалот “Охридско лето”) – Охрид, Бит-Фест – Битола. Во 2024 година настапува во Виена како солист со камерниот оркестар на Националната опера и балет.
Од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.
Култура
Претставата „Едмонд“ денес премиерно во Битолски театар

Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, денес премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Битолскиот народен театар. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Директорот Васко Мавровски вели дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, е постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07.
„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле 25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава“, рече директорот Мавровски.
„ Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, рече режисерот Оливер Мицевски.
Претставата го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто Едмонд го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на Едмонд е : “Внимавај што посакуваш.”
Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Култура
Скопско лето: В понеделник џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје в понеделник повикува на џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан со почеток во 20.30 часот. Покрај Шаревски, ќе учествуваат и Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.
„Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув“, велат од Дирекцијата за култура и уметност.
Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современиот џез израз.