Изложби
Фотоизложба „Животот на другите“ на Божидар Барлакоски

Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија денеска во 18:30 часот ќе биде отворена фотоизложбата „Животот на другите“ на Божидар Барлакоски. На неговата прва самостојна изложба во главниот град на Бугарија ќе бидат изложени околу 24 фотографски дела.
За изложбата на фотографиите кои ретко храбро се претставувани во јавноста, авторот има подготвено и каталог кој ќе го претстави на отворањето. Настанот е дел од годишната програма на КИЦ на РСМ во Софија и е поддржан од македонското Министерство за култура.
Изложбата е составена од фотографии од луѓе и животот на луѓето. Животот на оние „другите“, кои можеби ќе ги најдете по социјални мрежи, но не ги гледате во секојдневие. Животот кој останува скриен под наметката на секојдневната „нормалност“. Занаети кои изумираат со секој нареден удар на ковачот, стари пријателства кои траат повеќе и од љубовта, насмевка во осаменост развлечена од сеќавање на една младост, тагувањето и последниот поздрав со ближниот, цената на животот во окрвавените раце….
Божидар Барлакоски е роден 1984 година во Прилеп. Активно работи со фотографија, седум години и е член на фотокино-клубот „Прилеп“. Добитник е на повеќе од дваесет и пет меѓународни награди за фотографија, меѓу кои и бронзен медал за фотожурнализам од Toronto Camera Club, PSA сребрен медал за фотографија во Кипар, сребрен медал за фотографија во Украина, златен медал за колекција на фотографии на денови на македонската фотографија 2014 година, како и бројни признанија и дипломи. Фотографија од Барлакоски е објавена на веб-страницата на National Geographic како избор на денот. Учествувал како член на жири-комисија на два меѓународни конкурси за фотографија. До сега има поставено две самостојни изложби, во Кичево и во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Отворена изложбата на Зоран Кардула во Крушево

Синоќа, на четвртиот ден од манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ беше отворена изложба на Зоран Кардула на која присуствуваа повеќе од 500 луѓе. Настанот продолжи со диџеј-перформанс на Томи Бојаџи.
Изложбата на Зоран Кардула ќе биде отворена 20 дена, а истата е инспирирана од познатиот филмски серијал „Стар ворс“ (Star Wars) и вонвременскиот изглед на споменикот Илинден. Изложбата ја отвори професорот од Филолошкиот факултет Блаже Конески, Владимир Мартиновски.
Денес на програмата на „Десет дена Крушевска Република“ е влашката вечер која ќе се одржи на летната сцена во 21 часот.
Изложби
Отворена изложбата „Еден друг круг“ на Роберт Михајловски

Во рамките на програмата на Битолското културно лето, Бит-фест, синоќа, во Офицерскиот дом, беше отворена изложбата на графики од Роберт Михајловски, „Еден друг круг“.
На изложбата беа прикажани дрворезите на Михајловски, кои го истражуваат пејзажот на урбаното и невидливо присуство на човечката дејност во овој сѐ покомлициран лавиринт.
На отворањето на изложбата присутните ги поздрави директорката на културниот и информативен центар, Лили Бошевска, која зборуваше за почетоците и досегашното творештво на авторот, кој живее и работи во Мелбурн и во Битола:
„Михајловски креативните и школските почетоци ги добил во родниот град. Студирал историја на уметност со археологија во Скопје, Белград и во Мелбурн, графички студии и сликарство во Њујорк и Мелбурн. Графиките на Михајловски го покажуваат концептот на времето, кое е со одредено темпо, кое повеќе се навраќа кон минатото, кое ја преобликува виртуелната иднина“, рече Бошевска.
Ликовниот уметник Владо Ѓорески за авторот и за неговите дела вели:
„Дрворезите на Михајловски го истражауваат пејзажот на невидливото присуство на човечката дејност во тој сѐ покомплициран лавиринт. Неговите отпечатоци се со одредена симболика и асоцијативност, која е на границата помеѓу одредена поетика и распадност, која е присутна во севкупната речиси унифицирана мундијална архитектура. Тоа се убави пејзажи создадени од луѓето, не како идилечен свет тука, туку како свет за елементарна егзистенција, сурова, отпадничка и често отуѓена во својата линиска структурираност слична на стапица, затвор, неслобода, психолошки алиениран амбис“, вели Ѓорески.
Изложби
Изложбата „Слобода?!“ на 15 ликовни уметници гостува во уметничката галерија „Илија Бешков“ во Плевен

Третото и последно претставување на групната изложба „Слобода?!“ ќе се одржи на денешното отворање со почеток од 18 часот во уметничката галерија „Илија Бешков“ во Плевен (булевар Скобелев 1). Оваа патувачка изложба до сега ги посети градовите Созопол и Ловеч. Првпат градот Плевен ќе биде домаќин на изложба од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија. Изложбата ќе остане отворена за посетителите до 12 август 2022 година.
Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група „Конекција“, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев-Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица).
Тука се делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Северна Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU).
Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната ликовна академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас.
Во изложбата најзастапени се сликарските дела. Се среќаваат разни техники и авторски искази, кои кореспондираат со зададената тематска насока. Од користење разни форми на комбинација на сликарските техники до еднородна сликарска техника во конвенционален вид. Употребуваните сликарски материјали се движат во широк дијапазон, со употреба на маслени и акрилни бои, молив, креда, пастел, апликација на дополнителни материјали кон основата, која може да е хартија, платно или МДФ. Со сликарски дела се претставуваат Беди Ибрахим, Катерина Деспот, Марија Алексиева, Марјан Ѕингаров, Нина Русева, Перица Георгиев-Пепси и Свилен Стефанов.
Графиката е претставена во најголем дел со класичните графички техники – висок и длабок печат, како: линорез, мецотинта, акватинта, бакропис, сува игла, како и комбинации меѓу некои од нив, а исто така е застапен во помал дел и дигиталниот печат. Со свои графички дела учествуваат уметниците Срѓан Микиќ, Павел Целкоски, Васил Колев, Зоран Мише и Иво Пецов.
Плакатната уметност е претставена со делата на двајца од авторите. Со користење на компјутерските можности за дизајн и дигитален печат, како и со умешноста во областа на визуелната комуникација, се претставуваат авторите Георги Јанков и Маријана Иванова.
Од вкупно 40 дела, кои ја составуваат изложбата, 3 се фотографии од концептуални дела на македонскиот уметник Јован Шумковски, кои сами по себе претставуваат посебна ликовна единица.
Изложбата е составена од авторските наслови, како: „Птици“, „Право или праведност“, „Реквием“, „Ослободително средство“, „Изохипси од Африка“, „Храбар нов свет“, „1984“, „Приказната на слугинката“, „Цикада“, „Реминисценции“, „Пејзаж“, „Почеток“, „Крај“, „Каде одиш?“, „Слободата, портал кон вистината“, „И во огнот штом ќе запролети“, „20 години матура“, „Артефакт“, „Фраер“, „Три нејасни објекти“, „Светлосна патека“, „Нејасна лекција по геометриска апстракција“, „Проникнување“, „Летен ручек“, „Копчето на длабокото езеро“, „Тотем – нескршлив дух“ и „R = 1: 2 и 1 : 200“.