Култура
Хана Подјед од Словенија добитник на стипендијата „Ацо Шопов“ за 2025 година
Македонско-словенечките врски во поезијата од средината на дваесетиот век се централната тема на магистерскиот труд на Хана Подјед, студентка на Универзитетот во Љубљана која едногласно ја одбра стручното жири на стипендијата „Ацо Шопов“ за 2025 година, во чиј состав се д-р Маја Бојаџиевска и д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорки на УКИМ, д-р Ивица Баковиќ, доцент на Универзитетот во Загреб, и Јасмина Шоповa, потпретседател на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ која по вторпат ја доделува оваа стипендија.
Мисијата на фондацијата за стипендирање на истражувања во полето на хуманистиката кои во својот пристап ги инкорпорираат вредностите со кои се одликува творештвото на Ацо Шопов продолжува и преку странските македонисти.
Магистерското истражување на Хана Подјед има за цел да го осветли интимизмот и причините за неговата појава во словенечката и македонската поезија, и да предложи пристапи за подлабока книжевна анализа на интимизмот како насока. Во фокус се Ацо Шопов и Иван Минати, како канонски автори кои силно ја одбележале словенечката и македонската книжевност. Претставувањето на нивните меѓусебни контакти и поетики ќе ја осветли меѓу другото и големината на двајцата автори, како и нивното значење за пријателството меѓу двете книжевности, односно меѓу двата народа.
Според проф. д-р Намита Субиото која, заедно со проф. д-р Андраж Јеж, е ментор на макгистерскиот труд „Свртувањето кон интимното во македонските и словенечките повоени лирски дела: Шопов и Минати (1945–1965)“, „оригиналниот придонес на Хана Подјед се состои во тоа што поетиката на двајцата еминетнти автори ја разгледува низ фазите на објавување на нивните поетски збирки, и тоа на компаративен начин, со детална анализа на избраните песни. Посебен придонес во овој амбициозен труд е осветлување на кореспонденцијата меѓу поетите Ацо Шопов и Иван Минати“.
„Во трудот ја истражувам поетиката на Ацо Шопов, со желба таа да биде подобро претставена и во словенечкиот академски и книжевен простор“, изјави кандидатката. „Воедно, преку магистерската работа се стремам кон поголемо разбирање на силното пријателство и блискост меѓу словенечката и македонската книжевна сцена. Настојувам да ги разберам комплексните околности во кои се создаваше оваа величествена, монументална поезија што инспирираше многу нови генерации“.
Хана Подјед се истакнува и како талентирана преведувачка на книжевни текстови од македонски на словенечки јазик. Неколку нејзини преводи се вклучени во антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“, насловена според антологиската песна на Шопов „Раѓање на зборот“. Антологијата беше објавена на македонски во 2023 година, а двојазично (словенечки – македонски) во 2024 година. Хана Подјед учествувала на летните и зимски школи по македонски јазик, книжевност и култура, на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Скопје, како и на Меѓународниот семинар за српски јазик и култура во Белград, била студентка-асистентка за македонско-словенечки речник, „Терманија“, стажирала како преведувачка во Европската комисија во Луксембург (Blue Book Trainee) и била на студиски престој во Скопје.
Во 2024 година, првите добитници на стипенцијата „Ацо Шопов“ беа Иван Антоновски (трет циклус) и Саранда Мехмеди (втор циклус), студенти на УКИМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

