Култура
Чествување на поезијата на Коста Солев Рацин

Културно-информативниот центар – Скопје информира дека на 13.6.2022 година со почеток во 20 часот, во Салон 19:19 се организира чествување на поезијата на Коста Солев Рацин.
Речиси осум децении од смртта, а сè уште ненадминлив, сè уште најсакан од нацијата, сè уште токму неговите стихови се оние кои секој Македонец умее да ги каже наизуст. Љубовта и почитта се нешта што не се стекнуваат сосила, а нашиот Рацин е токму од обичниот, питом македонски народ прифатен за свој, како најголем меѓу големите, се вели во пишаната информација.
Од организацијата појаснуваат дека на 13 јуни се одбележува годишнина од неговата несреќна смрт на Лопушник, до ден денешен обвиена со мистерии и нејаснотии. „Во таа чест, го празнуваме неговото име. На денот на неговотот погубување, ќе се сеќаваме со радост на него и на оставеното наследство за неговиот народ. Ќе се потсетиме не само на неговите стихови, туку и на сето негово творештво кое просто дише од длабоките познавања на философијата, историјата, а сето тоа е толку големо зашто е напишано со крв и страст. Ќе учествуваат: Тихомир Јанчовски, Моника Силјановска и Горазд Китановски“, најавува организаторот.
Кочо Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) — македонски книжевник и комунист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Европските уметници Жмијевски и Алтхамер ќе создаваат колажни дела во МСУ, дел од нив ќе му подарат на Музејот

Полските уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, едни од најзначајните европски уметници од својата генерација, ќе бидат ексклузивни гости на Музејот на современата уметност – Скопје.
Во рамките на нивниот престој од 1 до 14 јули, ќе им биде овозможено да создаваат дела во самиот Музеј, а некои од нив ќе му ги подарат на МСУ. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.
Нивниот колаборативен процес на работа, како отворено студио, ќе се одвива во еден од галериските простори на МСУ Скопје секој ден од 14 часот до после полноќ.
Музејот е отворен за посетители во своите редовни термини од вторник до сабота, од 10 до 17 часот, и во недела од 10 до 13 часот. Оние посетители што ќе дојдат во Музејот во периодот меѓу 14 и 17 часот ќе имаат можност да посведочат на процесот на работа на Жмијевски и Алтхамер.
Уметничкиот тандем е меѓу најважните претставници на таканаречената критичка уметност – карактеристична струја на полската уметност, која се заснова на критичка обработка на актуелните теми од јавниот живот.
Во текот на овие две недели, колку што ќе креираат, уметниците ќе создадат 30-ина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони итн… Посетителите се добредојдени да донесат дел од овие материјали и со тоа да придонесат во создавањето на делата.
На 14 јули ќе биде отворена нивната изложба со наслов „Полска школа на колаж“ (Polish School of Collage), која ќе биде поставена до 25 август 2022 година.
Уште поголем куриозитет е што некои од создадените дела овие светски познати автори ќе му ги подарат на Музејот на современата уметност – Скопје и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција на Музејот.
Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција, во која стои дека не е важна само материјалната помош, туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк ги повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје и да се удрат темелите на новата зграда. На распишаниот конкурс првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност му го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници). Со оглед на тоа што досегашните донации се од периодот 1964-1990 година, Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела.
Минатата година Жмијевски првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамките на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во Музејот. Уште еден ексклузивитет е што ова ќе биде првото претставување на Павел Алтхамер во Скопје.
Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник, кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео.
Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани. Тој го снима нивното секојдневие покажувајќи како физичките и психичките ограничувања ги осудуваат овие луѓе да бидат маргинализирани во општеството. Преку експерименти со учество на избрани групи тој се обидува да разбере тешки искуства и табу-теми. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како, на пример, Музејот на модерната уметност во Њујорк, „Тејт модерн“ во Лондон, потоа „Новата пинакотека“ во Минхен…
Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник, кој живее и работи во Варшава. Работи во разни медиуми, како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници. Преку акции, во кои вклучува цели заедници, тој сака да создава општествени заедници соочувајќи се со луѓето преку уметноста. Тој го доведува во прашање значењето на монументалните споменици според обемот на неговите дела и случајноста на неговите материјали. Неговите дела повикуваат и на социјалната скулптура на Бојс и на наследството на „Отворената форма на Оскар Хансен“. Тој може да се опише и како уметник со афинитет за релациска естетика. Учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои „Документа 10“ (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017). Добитник е и на многубројни награди, како што е биеналната награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.
Култура
Промоција на монографијата „Урбани пејзажи“ од Павле Кузманоски

Во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ во Скопје, денеска, во 12 часот, ќе биде промовирана колор-монографијата „Урбани пејзажи“ од академскиот сликар Павле Кузманоски.
За ова ретко издание ќе говори академик Витомир Митевски.
Промоцијата ќе биде збогатена и со изложба на дваесет и пет слики од авторот работени во изминатите шест децении.
Книги
Објавена книгата „Раскази за љубовта“ од Михал Вивег

Издавачката куќа „Готен“ ја објави збирката раскази „Раскази за љубовта“ од еден од најпопуларните современи чешки писатели, Михал Вивег. Преводот од чешки јазик е на Соња Стојменска-Елзесер.
Делата на Вивег се преведени на повеќе од 25 јазици, а само во Чешка неговите книги се продадени во повеќе од 1 милион примероци.
Збирката раскази „Раскази за љубовта“ ги содржи главните карактеристики на прозното писмо на Вивег – одлично чувство за раскажување приказни, дозиран хумор, луцидно согледување на односите меѓу луѓето.
Млади љубовници и постари љубовници, парови во брак и разведени, неженети мажи и вдовици, отворени и прикриени страсти, непредвидени емоции што се појавуваат во разни ситуации, копнежи што не се реализираат или се остваруваат на необичен начин – едноставно, љубовта во сите нејзини облици – тоа е главната тема на „Раскази за љубовта“.
Сите 16 раскази од книгата го носат печатот на авторот, кој умее своето чувство за стил и композиција да ги обедини во приказни полни со живот и умешно нијансирање на основната тема. Михал Вивег ги набљудува среќните и тажните страни на љубовта не само со разбирање, туку и со иронична ладнокрвност. Повремената тага и меланхолијата вткаени во овие кратки прози речиси секогаш благовремено се натопени со хумор, па иако емоциите играат главна улога во текстовите, тие никогаш не навлегуваат во патетика.
Михал Вивег е мајсторски раскажувач и затоа неговите раскази се читаат со исклучителна леснотија и уживање.
Соња Стојменска-Елзесер (1963) работи како научен советник и професор во Институтот за македонска литература во Скопје, во одделението за теорија на литературата и компаративна книжевност. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (1986). На истиот факултет ги одбранила магистерскиот труд „Теориско-методолошките начела на Михаил Бахтин“ (1995) и докторската дисертација на тема „Лудистички постапки во современиот расказ“ (2003).
Во периодот 1997-2000 работела како лектор по македонски јазик и литература на Карловиот универзитет во Прага, Република Чешка.
Авторка е на книгите: „Пулсирачка филологија“ (1997), „Игропис: есеи за книжевниот лудизам“ (2004), „Споредбена славистика“ (2005), „Гризни го јаболкото: антологија на македонската еротска проза“ (2006), „Компаративна книжевност“ (2007), „Еквилибриум/Equilibrium“ (2009), „Со посвета“ (2013), „(Не)секојдневни љубопитства“ (2018).
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.