Култура
,,Шеќерни луѓе“ на режисерката Сузана Диневски селектиран на десет нови филмски фестивали
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција“е селектиран на десет меѓународни филмски фестивали во текот на октомври и ноември.
„Шеќерни луѓе“ се прикажа на 4-то издание на филмскиот фестивал за независни филмови што се одржа во Џакарта, Индонезија од 25 до 29 октомври, и на 7-то издание на фестивалот „Петит план – Европа”, што се одржа во францускиот културен центар и Гете-институтот во Атина, Грција од 16 до 20 октомври. „Шеќерни луѓе” е во официјална селекција и на 19-то издание на меѓународниот фестивал за жени во филм и телевизија што се одржува во Мексико сити, Мексико од 1 до 5 ноември, на 21-то издание на филмскиот фестивал „Меѓународно село”, во Апорија, Јужна Кореa од 2 до 6 ноември, на 16-то издание на меѓународниот фестивал Internacional de Cine de Oriente (FICO) од 3 до 6 ноември што се одржува во прекрасниот град Гуатапе, во регионот Антиокија во Колумбија, на 35-то издание на филмскиот фестивал во Жирона, во Каталонија, во Шпанија од 6 до 12 ноември, на 4-то издание на меѓународниот филмски фестивал „Портрет”, што се одржува во Софија, Бугарија од 9 до 19 ноември, каде филмот ќе има две проекции (во Софија и во Пловдив), на 10-то издание на филмскиот фестивал за кратки филмови во Гоа, Индија што се одржува од 20 до 28 ноември, на 7-то издание на филмскиот фестивал „Синалфама” во Лисабон, Португалија каде филмот е номиниран за најдобра актерска игра за Сара Климоска, на 17-то издание на меѓународниот филмски фестивал „Први кадар“ кој ќе се одржи од 20 до 24 ноември во источно Сараево и Зворник, Република Српска, Босна и Херцеговина.
Досега „Шеќерни луѓе“ е награден со 23 награди во различни категории и селектиран на 70 филмски фестивали ширум светот.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светски ден на аудиовизуелното наследство во Кинотеката: презентација на проект за дигитална реставрација и 4-дневна филмска програма
На 28 октомври (понеделник), во 12 часот, Кинотеката на Македонија ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот ПИСМО на филмскиот и театарски режисер Васил Христов – Вуси. А до крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.
Среднометражниот игран филм ПИСМО е реализиран во 2000 година во холандска продукција. Благодарение на EYE-Filmmuseum, националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива ја има депонирано во EYE.
На презентацијата во понеделник ќе говорат преставници од Управата за заштита на културно наследство, нода Кинотеката на Македонија и од инволвираните стручни лица во процесот на дигитална реставрација, а ќе биде присутен и режисерот на филмот.
Како што погоре спомнавме, од понеделник до четврток, односно од 28 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе се прикажуваат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го потенцираме токму оваа 2024 година. Пред сè, тука се краткиот документарен ДАЕ (1979) на Столе Попов и играниот ПРЕД ДОЖДОТ (1994) на Милчо Манчевски, кои своевремено беа во трката за престижниот „Оскар“ како претставници на нашата кинематографија, а се закитија со подеднакво значајни награди и на други врвни светски фестивали – ДАЕ со „Гран при“ на МФФ во Оберхаузен, а ПРЕД ДОЖДОТ со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал. Потоа следи и партизанскиот трилер ПОД ИСТО НЕБО (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, па комитската драма НЕЛИ ТИ РЕКОВ (1984) на Стево Црвенковски, како и документарниот првенец ОГАН, повторно на Столе Попов, од 1974 година. Сите овие филмови во 2024 година одбележуваат свој јубилеј – од премиера, од прикажување, од создавање…
27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA –Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations). Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и сочувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија.
Култура
Промоција на романот „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски
Македонскиот писател Михајло Свидерски ќе гостува во КИЦ на РС Македонија на 25 октомври (петок) од 18:30 часот по повод својот роман „Последните денови на Ханс“. Ќе го претстави издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев. На настанот ќе учествува и преведувачката Тања Попова.
Во романот има загатка која веднаш ја зграпчува љубопитноста, извонреден психологизам кој го пленува читателот и пророчка длабочина со видение за невидливите кукловоди кои владеат со општеството.
Германски емигранти се населиле во едно зафрлено село некаде во Јужна Америка. Тие живеат во изолација, исклучувајќи ги посетите на малиот Сантијаго, кој му служи на стариот и болникав господин Ханс. Двајцата стануваат пријатели и момчето ги впива знаењата на беспомошниот и никому нужен старец. И додека селото е потресено од насилното преземање на власта во земјата (хунта, тоталитаризам), во болната свест на старецот, кој го крие својот вистински идентитет, вилнеат сеќавања од неговото минато – како понижено, малтретирано и угнетено дете, неостварен уметник, психопат диктатор, кој го потчинил половина свет со своето влијание. Зарем тој не е поврзан и со убиствата на луѓе од селото?
Роман во кој загатката не се открива до последната страница. Референците за конкретната историска личност се очигледни, но дали ликот е навистина тој, Адолф Хитлер? Читателот се претвора во детектив, во лавиринтите на психолошката драма.
Модерен европски роман кој може да се постави до делата на Шницлер, Џојс и Волф, неслучајно номиниран за најпрестижната македонска книжевна награда – „Роман на годината“ како и за Европската награда за литература, вели организаторот.
Покрај маестрално извајаниот наратив, романот импресионира со своите болно прецизни размислувања за слободата, осаменоста, стравовите и насилството што раѓа насилство.
Михаjло Свидерски создал роман кој го надминува балканскиот регион и е дело од светска класа, се истакнува во информацијата.
Култура
Националниот џез-оркестар утревечер го отвора JAZZHR: заеднички концерт со врвни солисти од регионот
На сцената на Клуб Театар Комедија-Контеса во Загреб, утревечер, 25 октомври, во 19.30 часот ќе настапи Националниот џез оркестар, заедно со солисти од регионот, со што воедно ќе биде отворено есенското издание на „JAZZHR“.
Публиката со нетрпение го очекува овој концерт кој ќе понуди богата програма заедно со врвни солистички имиња од регионалната џез сцена.
„Голема чест и задоволство е да го отвориме Хрватскиот џез фестивал. Ветуваме уште еден незаборавен концерт со разновидна и богата програма. Се чувствуваме возбудени и мотивирани од атмосферата со која на дочекаа во Загреб“, вели Гоце Стевковски, директор на НЏО.
Националниот џез оркестар ќе настапи во состав: Трајче Велков, Сенад Усеин, Александар Златески, Јордан Колевски на труби, Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски на тромбони, Борислав Веселинов, Славко Георгиев, Иван Иванов, Валентин Видовиќ на саксофони. Како дел од оркестарот на контрабас ќе настапи и нашиот истакнат џез уметник Мартин Џаконовски Шпато.
Диригент на концертот е маестро Џијан Емин.