Култура
„Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски на филмски фестивали во Романија, Грција и во Обединетите Арапски Емирати
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/ljubovna-soba.jpg)
Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“, во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, продукцијата „Сузи Кју“ и „Аворд филм и видео“, е избран во официјалната селекција на 30-тото издание на документарниот филмски фестивал АСТРА, што се одржува во Сибиу, Романија, од 15 до 22 октомври 2023.
Филмот ќе има две проекции на 18 и 20 октомври и се натпреварува во престижната програма на Централна и Источна Европа. Филмскиот фестивал АСТРА е еден од најважните фестивали за документарни филмови во Европа, кој почна во 1993 како еден иновативен проект што во своите триесет години живот одигра важна улога во стимулирање креативни документарни филмови и стана важна платформа и за романската и за меѓународната кинематографија.
По Сибиу, „Љубовната соба“ ќе има проекција на 27 октомври во рамките на 9. пелопонески филмски фестивал во градот Каламата, Грција. Фестивалот е организиран од креативниот документарен центар на Каламата. Фокусот на фестивалот се меѓународни долгометражни и краткометражни документарни филмови, но и мастер-класи, ретроспективи, едукативни проекции и семинари се дел од фестивалот.
Во периодот од 9 до 12 ноември „Љубовната соба“ ќе биде дел од официјалната селекција на филмскиот фестивал МЕТА, што се одржува во киното VOX – Вафи Сити, во Дубаи, ОАЕ. Фестивалот МЕТА е единствениот меѓународен филмски фестивал во Дубаи и е поддржан од владата на Обединетите Арапски Емирати и од советот за медиуми. Исто така, филмот е селектиран за учество на меѓународниот фестивал „Светот на филмот“ во Глазгов, Велика Британија, во периодот од 2 до 9 ноември.
Режисерката и продуцент Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учествува на панел-дискусијата за филмот на претстојните фестивали во Романија, Грција и во Обединетите Арапски Емирати.
Документарниот филм „Љубовната соба“ на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни, во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на издржување затворска казна во КПД „Идризово“. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – „Идризово“ и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (продукција „Сузи Кју“), извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во копродукција со „Аворд филм и видео“. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стоилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски и тонски дизајнер е Игор Поповски.
Инаку, својата светска премиера „Љубовната соба“ ја имаше на филмскиот фестивал во Финекс, Аризона, во САД, во март 2023 година во категорија светски долгометражни филмови, и европска премиера на „Загребдокс“ во Хрватска во регионална конкуренција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
Објавена програмата на 36. поетска ноќ во Велестово
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_velestovo-poster-mkD-1.jpg)
36. Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид. Со поетски портрет годинава ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија.
‒ Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени, имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид ‒ истакна програмскиот директор на фестивалот, Јулијана Величковска.
Годинешното издание ќе биде отворено на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потем и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.
На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.
Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.
Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицерија „Немо“ од Охрид.
Култура
Поетски фестивал и изложба во рамките на одбележувањето 61 година од скопскиот земјотрес
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/MKC.jpg)
Во рамките на одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес се одржуваат повеќе активности и манифестации.
Со почеток во 19 часот, во ЈУ Младински културен центар ќе се одржи првиот интернационално традиционален поетски фестивал „Заедно за Скопје“, посветен на земјотресот од 1963 година, а учество зедоа 130 поети од 40 држави.
Во Музејот на Град Скопј,е во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“, која е подготвена по повод одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес, кој се случил во Скопје на 26 јули 1963 година. Изложбата зборува за земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година и состојбата на културните институции. Поголемиот дел од скопските музеи претрпеле големи и неповратни штети. Народната и универзитетска библиотека, Народниот театар и други културни институции биле толку многу оштетени што немале ни најелементарни услови за работа. Разурнатите згради на издавачките и новинско-издавачките претпријатија до крајни граници го отежнувале нормалното работење. Многу од спомениците на културата, како и тврдината Кале, биле целосно разурнати. Ударот уништил многу значајни историски документи и уникатни експонати. Под урнатините останале значајни артефакти – сведоци на многубројни цивилизации, кои опстојувале на скопската почва.
Изложбата по повод одбележувањето на овој значаен датум од поновата историја на градот Скопје е посветена на културата и културните институции, на последиците од земјотресот и на нивното функционирање во постземјотресни услови.
Култура
Докуметарецот „Лука“ прикажан на мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_850_2513.jpg)
На втората фестивалска вечер од мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“, која се одржа на платото пред Градскиот музеј, беше прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“, а потоа следуваше музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.
Режијата на документарецот „Лука“ е на Ице Виранов, сценариото на Бинева Џејд, костимограф е Столе Ангелов, камерман Иво Јанков, а музиката ја потпишуваат Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров.
Филмот, кој веќе е прикажан на повеќе фестивали и има освоено специјална награда од жирито на Jeju Movie Concert Festival во Јужна Кореја, е бунт против конзумеризмот и против отпадот и ѓубрето во уметноста наспроти уметноста што се создава од отпад и ѓубре во обид млади музичари од Струмица да најдат место и израз за своите креативни идеи.
„Сигурно дека ова време што го живееме носи свои ѓубриња. Мислам дека во секој жанр на музика и во секоја уметност воопшто 99 проценти од она што се создава не чини, а оној еден процент е она што вреди, тоа е мое лично мислење“, изјави Ставрос Ангелков, музичар.
По проекцијата на филмот, следуваше музичка вечер на авторска музика со Ставро (гитара), еден од главните протагонисти во документарецот, и Џејд (вокал), која всушност е и сценаристка на ова филмско остварување.
Јулската фестивалската програма на „ГИГА фест“ продолжува на 31 јули со проекција на документарно-музичкиот филм The Hip – Brainstorm , во режија и продукција на Јане Алтипармаков, по оригинална идеја на Љубиша Петрушевски. Камерата е на Наташа Гелева и Ања Илиева, а монтажата на Михаил Димитров. Во август следуваат нови фестивалски вечери посветени на ликовната и музичката уметност.
Мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“ е посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски, а е поддржан од Општина Крива Паланка. Годинава се реализира во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „Крива Паланка – град на културата“.