Култура
Костадиновска-Стојчевска ги претстави новините во конкурсот за проекти од национален интерес за 2024 година
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција во Владата соопшти дека од денеска, во 12 часот, е отворен системот за електронско пријавување на конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година. Системот за пријавување ќе биде затворен на 6 ноември во 12 часот.
И оваа година електронското пријавување целосно ќе се спроведува преку националниот портал за е-услуги.
„Главните приоритети за секоја дејност или област остануваат исти – квалитет, иновативност, креативност“, рече Костадиновска-Стојчевска, која ги посочи новините и промените што се направени во конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, а кои, како што рече, ќе дадат дополнителен квалитет.
Министерката за култура објасни дека следејќи ги потребите и трендовите, Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии.
„Тоа значи дека во предлог-буџетот за 2024 година ќе се отвори нова програма, со посебни финансиски средства. Условите, правилата и приоритетите за пријавување во новата програма за креативни индустрии се објавени на веб-страницата uslugi.gov.mk. Да напомнам дека овој посебен конкурс се однесува само на областите и активностите што се дел од креативните индустрии, кои не се опфатени со други конкурси и кои досега немале можност да бидат финансирани“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Нагласи дека ако креативноста се потенцира како една од најважните вештини во промените на новото време, поттикнати од четвртата индустриска револуција, ние тој чекор мора да го фатиме.
„Креативните индустрии стануваат битен двигател на економиите, креираат нови работни места, носат профит, но се и промотори на културниот идентитет. Поставувањето нова буџетска програма, која ќе ги поддржи креативните индустрии, е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија. Зашто креативноста, иновативноста и оригиналноста се тројство што културата ја издигнува на пиедесталот во т.н. нова економија. Тоа го препознаваме и затоа отвораме нова буџетска програма наменета за креативните индустрии“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
На Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година, во заштитата на културното наследство ќе има 3 посебни пријави по дејности кои досега беа на иста пријава: библиотечна дејност; музејска дејност и нематеријално културно наследство; заштита на недвижно културно наследство и на аудиовизуелни добра.
Како што објасни Костадиновска-Стојчевска, целта е да се поедностави и да се олесни процесот на пријавување, критериумите, мерилата за оценување на пријавите и начинот на финансирање не се променети, станува збор само за посебни пријави.
Меѓу другите новини, министерката за култура информираше и дека во Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година, во делот за меѓународната соработка е предвидена финансиска поддршка на иницијативи и проекти кои се во насока на унапредување на стратегискиот дијалог со САД, унапредување на соработката со државите членки на иницијативата „Отворен Балкан“, како и проекти што се во функција на поврзување со дијаспората.
„Приоритет ќе имаат и проектите што ќе нѐ промовираат во градовите- европски престолнини на културата во 2024 година како и во земјите претседавачи со Европската Унија во 2024. Го прошируваме и списокот на поддршка, котизација за членство во меѓународни организации и асоцијации. И овие измени, во делот на приоритетите и условите во меѓународната соработка, се објавени на веб-страницата uslugi.gov.mk“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Таа потенцираше дека искуството од минатите годишни конкурси покажа зголемен интерес за детска литература на македонски јазик и токму затоа на денешната прес-конференцира ги охрабри авторите и илустраторите да го зголемат својот придонес во квалитетот на овој конкурс.
„Сакам да ги охрабрам и младите автори, кои и натаму остануваат во фокусот на нашето внимание“, дополни таа и потсети дека системот автоматски го „препознава“ невниманието на корисниците кон општите услови и правила за тоа со колку проекти можат да конкурираат по дејност.
Техничките упатства и поддршката при регистрирањето, корисниците ќе можат да ги најдат на веб-страницата uslugi.gov.mk, како и преку контакт-центарот на овој национален портал.
Помош во делот за пријавите, од стручен аспект, корисниците и оваа година ќе може да побараат во секторите во Министерството за култура. Контактите со конкретни лица по области и нивните е-адреси се објавени на веб-страницата на Министерството за култура (kultura.gov.mk).
Решенијата за прифатени, за одбиени или за отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат, преку Националниот портал за е-услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музичкиот ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово добива простории за работа на трајно користење
Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука со којашто на Националната установа Музички ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово, му се даваат на трајно користење, без надомест, простории кои се наоѓаат на улица „Тетово” б.б, Тетово, сопственост на Република Северна Македонија.
Задолжение да се реши просторното сместување на Н.У. Галерија Гостивар, формирана со одлука на Владата
Во врска со сместувањето на Н.У. Галерија Гостивар, формирана со одлука на Владата на Република Северна Македонија, по насока на претседателот на Владата, задолжено е Министерството за култура да ја разгледа постојната документација, испратена од Н.У. Галерија Гостивар до Владата и да излезе со предлог решение во врска со нејзиното трајно сместување.
Култура
Заокружена серијата мурали што го отворија 19. издание на АКТО-фестивалот за современи уметности
Серијата мурали во државата – акцијата со која и официјално се отвори најновото 19-то издание на АКТО-фестивалот за современи уметности, во организација на здружението Факултет на работи што не се учат – ФРУ од Скопје, е заокружена со последните два мурала во Кичево и Скопје.
Во центарот на кичевската чаршија, на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“, на надворешната и на предната фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова, во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков. Идејата зад муралот е да поттикне размислување за потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативните контексти/дејности.
Во соработка со ФРУ – Скопје идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака), но и ја доловува функцијата на домот на култура – како простор каде што се негуваат културата и уметноста иницирани од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови во кои сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, преку заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница во која едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој.
Муралот, кој се реализира во март во Скопје, на зградата што се наоѓа на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, побуди позитивни чувства и кај соседните згради, така што резултира со уште една иницијатива за реализација на мурал како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите. Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализира мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт, кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови што ги ослободуваат сите!“ Со овој мурал фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување.
Преземајќи го извадокот од песната за солидарност од авторот Бертхолт Брехт, идејата е да се воспостави траен повик дека со поддршката, разбирањето и постапките на заедницата може да се создадат иницијативи и услови што ја ослободуваат истата заедница од повеќето форми на опресија и рестрикција водејќи кон поздрава и поволна состојба на живеење критикувајќи го строгиот и наметнат индивидуализам.
Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и во Кичево), од кои два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да дојдеме до нив – со силата на заедништвото.
Култура
Самостојна изложба на Камуран Горанци, „Код 4“
Самостојната изложба на Камуран Горанци во објектот Чифте амам ќе биде отворена на 9. 5. 2024 година во 19 часот. Ќе бидат изложени 22 дела изработени во техниката акрилик на платно, кои се работени во периодот од 2020 до 2024 година.
Сликите имаат техничка еволуција од неговите претходни изложби, како што се „Код 1“ во Келн, Германија, „Код 2“ во Галеријата на Тирана во Албанија и „Код 3“ во Галеријата на Скадар во Албанија, како и оваа самостојно конципирана „Код 4“ во Националната галерија на Република Северна Македонија обележан со софистицираност на изразните средства и обид за филозофирање.
Овој уметнички настан се одржува во центарот на Скопје, каде што ги гледаме традицијата и современата комуникација, една многу важна улога во контекст на неговата креативна индивидуалност.
Во повеќето случаи сликата е граматичка анализа, композиција, а во исто време дезинтеграција на оние алатки што историски му биле доверени на уметникот да се манифестира таму каде што креативното и животното искуство континуирано се негувале низ годините и страсно го чувале и сакале хроматското богатство.
Боите во овие композиции се пастуозни, камени, расфрлени овде-онде, што означуваат експресивна состојба. Така, во овие случаи се претставени некои апстрактни експресионистички слики, иако со рамнотежа на топлина и студ, светло и темно, придружени со чудни форми и голи бои. Во овие слики од периферијата на сферата на боите се преминува на површината, каде што техниката на реализација изгледа важна. Тие се реализираат со максимум изразни средства, цртежот оди до границите на небитието за да се нагласи присуството на вредноста на убавината во една средина во која владее хаос и динамизам.
Сите слики во оваа свечена пригода се разработени врз чувствителноста и хармонијата, кои сега се присутни и кодирани од уметничкиот аспект, конечно фиксирајќи ја неговата реалност, слики и емоции во структурите на неговите соништа. Тој комуницира со љубов во универзална слика, која се наоѓа далеку од нашето постоење, како нешто пооддалечено од непознатото до познатото, на фигуративен, едноставен и ветувачки начин.
Да се замрзнат во нив суптилните односи меѓу боите, во специфичен израз, следејќи ја побарувачката за нови, поатрактивни слики за да се интервенира во невидливиот свет, кој секогаш е проследен со граница, а кои се појавуваат како конечни експлозии на вртоглав просторот, но не како оние на универзумот. Она што те привлекува во композициската конструкција е несомнено справувањето со логичките формации.
Преку него се создаваат монументални композиции, каде што деталите и најголемите мерки се решаваат со намалување и зголемување на колористичките траги за да се видат понатамошни специфични третмани во нивните рекомпозиции.
Зени Балажи, куратор