Култура
Вечерва, со премиерата на претставата „Фирма“, се отвора фестивалот РУТА
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вечерва, во Драмскиот театар – Скопје го отвора регионалниот театарски фестивал РУТА.
Драмски со премиера на претставата „Фирма“, во режија на Нела Витошевиќ, на текст на авторот Роланд Шимелфенинг, ја почнува реализацијата на годинашната програма.
Режисерката Нела Витошевиќ ликовите од овој современ и актуелен текст им ги додели на актерската екипа: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска-Ристоска, а изборот на музиката на Нела Витошевиќ.
Во Скопје веќе почнаа да доаѓаат ансамблите на членките на РУТА, Београдско драмско позориште, Улисис од Хрватска, Камерни 55 од Сараево, Местно гледалиште Љубљана, Градско позориште Подгорица, како и ансамблите и фестивалите што годинава учествуваат во претставите како копродукции, Народно позориште Ниш, Сараевски ратни театар и фестивалот Барски љетопис.
Годинешната програма на РУТА тематски е разнолика, но сите претстави заедно имаат и заеднички именител, а тоа е потребата постојано да се потсетува за определени состојби и случувања, кои никогаш не треба да се заборават.
Фестивалската недела во Драмски, по свеченото отворање на фестивалот, продолжува на 4 октомври (среда) со „Декамерон“ – на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш и фестивалот Барски љетопис. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски.
„Нора“ е претставата на Местно гледалишче Љубљана, Р. Словенија, што ќе игра на 5 октомври (четврток) 2023 година. Режијата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ.
На програмата на четвртиот фестивалски ден на 6 октомври (петок) е претставата „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево, која обработува текст од Флоријан Зелер, а во режија на Дино Мустафиќ.
Београдско драмско позориште пред нашата публика ќе ја изведе претставата „Самрак на боговите“ в сабота, 7 октомври, во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.
Со претставата „Отело“ театарот Улисис од Р. Хрватска го затвора фестивалот РУТА в недела, 8 октомври. Режијата ѝ е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите, освен на актерите на Улисис, е направена и со членовите на „Сараевски ратни театар од Сараево.
Драмскиот театар Скопје ја отвора театарската сезона со шеснаесеттата по ред РУТА, на која македонската публика ја има ексклузивната можност да проследи претстави направени во копродукција на повеќе театри и режисери од целиот регион.
Поради големиот интерес на публиката, од Драмскиот театар Скопје информираат дека се пуштени во продажба поединечните и блок-билетите за фестивалот. Сите претстави почнуваат во 20 часот. Билети може да се купуваат на билетарницата на Драмскиот театар (тел. 076/434343).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.