Култура
Љутков: Тумба Маџари ја потврдува потребата од континуитет во заштитата

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, од неолитскиот локалитет Тумба Маџари ја информира јавноста за новото откритие од актуелните археолошки истражувања, фигурина од типот на „Големата Мајка“.
„Новооткриената фигурина, заедно со уште една амфора, се значајни предмети, кои ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија во државата и даваат посебна ексклузивност на македонската археологија, историја и култура“, рече Љутков.
Тој додаде дека за Министерството за култура и туризам новите откритија се важни и во насока на тоа што укажуваат дека границите на локалитетот се прошируваат.
„Жалам што во годините наназад археолошки истражувања биле во застој, се определувале средства само за одржување, но, како што сум информиран, веќе е изготвен елаборат за валоризација на локалитетот и Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка во заштитата на културното наследство како наш врвен приоритет.
Овој локалитет ќе се прогласи за културно наследство од особено значење и Тумба Маџари, како дел од урбаното Скопје, повидливо ќе се стави и во функција на културниот туризам“, истакна Љутков, кој додаде дека в година ќе бидат зголемени минималните средства, кои годинава се определни за поддршка на археолошките истражувања на локалитетот.
Љутков го истакна партнерскиот однос на Археолошкиот музеј и Општина Газа Баба во одржувањето на вредниот локалитет и посочи дека грижата за Тумба Маџари е успешен пример на соработка помеѓу централните установи и локалната самоуправа.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, изрази задоволство од продолжување на истражувањата на локалитетот и новите откритија додавајќи дека тие продолжуваат со негова афирмација и промоција надвор од границите на државата.
Тој ја поддржа иницијативана на Министерството за прогласување на локалитетот за културно наследство од особено значење што, како што рече, ќе обезбеди трајна заштита на ова непроценливо културно наследство.
Директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, во годината во која Музејот одбележува 100 години од своето формирање, му врачи награда на градоначалникот Стефковски за децениската поддршка што ја добиваат во заштитата на првиот музеј под отворено небо.
Со оглед на тоа што археолошките истражувања на локалитетот годинава продолжуваат по 10-годишен застој, раководителката на проектот, археологот Елена Стојанова-Канзурова, посочи на уникатноста на наодите од Скопскиот и од Пелагонискиот Регион од неолитскиот период во светски рамки и токму поради тоа најави апликација за нивно впишување на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.