Култура
„Џезтет“- концерт на Георги Шарески во „Јавна соба“

На 23 ноември, четврток, со почеток во 21.30 часот, во „Јавна соба“, врвниот композитор и гитарист Георги Шарески ќе го претстави најновиот проект наречен „Џезтет“.
„Џезтет“ е, всушност, променлив оркестар, односно состав чија формација варира. Композициите се побрзи и динамични и претставува колекција на авторски дела на Шарески, кои тој ги нарекува песни за бис или неоткриени хитови.
Овие композиции во вистинско светло ги прикажуваат разиграниот дух и единственоста на Шарески како композитор, но и неговиот необичен и неспоредлив стил како гитарист. Во придружба на тројца од најдобрите македонски музичари на овој навистина несекојдневен концерт Шарески ќе го претстави својот највозбудлив репертоар до сега, жанровски шаренолика музика, која не е наменета само за џез-слушатели, туку за сите оние што имаат уши.
Кире Кузманов – саксофон Славчо Коцев – тапани Оливер Јосифовски – бас Георги Шарески – гитара и композиции
Билетите за овој несекојдневен концерт на Шарески се со цена од 300 денари и може да се набават онлајн на следниот линк: https://bit.ly/49F801D
Шарески е роден во Скопје 1983, тој е плоден композитор, оркестарски аранжер и гитарист со автентичен и препознатлив стил. Во 2005 дипломира на катедрата за џез-композиција на Беркли колеџот за музика во Бостон, САД. Од 2005 година до сега објавува 9 албуми со авторска музика, во разни формации, домашни и интернационални изданија и ја изведува својата музика далеку од границите на Македонија. Соработува со светски познатите Francesco Bearzatti, Ernst Reijseger, Boris Bell, Luca Aquino, Nikolaus Neuser и многу други интернационално етаблирани музичари. Долгорочно престојувал и творел во САД, Италија, Германија и во Кина, автор е на повеќе од 100 композиции, музика за документарен филм и театарски претстави, а како гитарист често гостува во жанровски шаренолики проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.