Култура
Авторски концерт СФЕРА на Ана Пандевска во изведба на Дуња Иванова
На 30. август, со почеток во 12 часот во офицерскиот Дом во Битола ќе се одржи авторски концерт “СФЕРА“ на композиторката Ана Пандевска во изведба на пијанистката Дуња Иванова.
Музиката на Пандевска за прв пат со целовечерен концерт ќе се промовира во Битола, градот на конзулите. Концертот е дел од Годишната програма на Министерство за култура и туризам.
На програмата ќе се најдат пет композиции за пијано и електроника (Фиксен медиум): “Пејзажни атмосфери“ (Ѕвона на моето пијано, Кристални капки, Бели бисери), “ Дуња и Дарин“ (Приспивна за Дарин, Дарин и знамињата, Дарин и планетите, Дарин математичарот, Дарин пее “Среќен роденден“), “ Квази Бурлеска“ (Пацовот од Дебар маало), “За Џанго“, “Сфера“.
Композициите “За Џанго“ и “Сфера“ се напишани во 2025 година, наменски за овој концерт каде и ќе ја доживеат својата премиерна изведба.
Ана Пандевска (1985) своето композиторско образование го започнува рано и уште како средношколец има двомесечен престој во САД, во,,Interlochen Arts Camp“ на отсекот за композиција. Студира композиција на ФМУ во Скопје, во класите на Гоце Коларовски и Јана Андреевска, каде што дипломира во 2010 година. Во своите многубројни композиции Пандевска се претставува како автор кој преферира полистилистика и мултижанровост и кој ниту има комплекс ниту пак посебно преферира кој и да е стил што ја обележал музичката историја. Ана Пандевска е авторка која понекогаш тенденциозно ја разнебитува суровата реалност и ја става во рамки на една звучна форма, а понекогаш ја пласира и директно, удирајќи силен шамар или покажувајќи со прст кон одредени општествени случувања. Таа е претставник на новата генерација македонски композитори која ветува светла состојба. Бидејќи, Пандевска се стреми да ги дофати современите музички и воопшто уметнички струења од западните кругови, и да ги соедини со свои, индивидуални размисли кои неретко се дел од овдешните, локални случувања. Оттаму и нејзиниот интерес за фолклорот, за џезот, последните години за електроакустичната музика и за многу други стилски и изразни насоки. Ако сака да се извлече некоја заедничка црта за сите нив тогаш тоа би бил заклучокот дека таа не тежнее кон празни ефекти, кон шокантни звучни склопови и решенија карактеристични за авангардата од почетокот на втората деценија од минатиот век. Спротивно на тоа, без оглед дали станува збор за музика за деца, за солистички, камерни или оркестарски дела, кај неа ефектот речиси секогаш е во функција на смислата на композицијата, каде што слушателот ништо не препознава како случајност, туку како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство. Нејзините дела доживуваат многубројни изведби во различни контексти, од странски и домашни изведувачи. Поставила над 20 авторски концерти и се здобила со стручни награди кои се резултат на нејзината активна композиторска продуктивност.
Дуња Иванова (1985), магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Тирана (Албанија), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки, Струшки вечери на поезијата, Нов културен бран, Интернационалниот филмски фестивал Winter Apricots во Прилеп, настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх, Микаел Сапин, Давид Федел, Бјанка Бан, Јан Тирсен, Макс Рихтер како, низа мултимедијални концерти и настапи на нестандардни локации. Автор е на книгите ,,Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016), „Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010), „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012), ,,Контекстот како предуслов за музичко доживување“ (2018).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

