Култура
Агенцијата за филм до директорот на Венецискиот фестивал: Во случајот со Манчевски не станува збор за прогон на автор, туку за финансиски злоупотреби
Агенцијата за филм напиша писмо, во кое реагира за објавата на Венецискиот филмски фестивал поради јавната поддршка за режисерот Милчо Манчевски.
„Почитуван господине Алберто Барбера, директор на Венецискиот филмски фестивал, почитувани Франческо Раниери Мартиноти, претседател на ‘АНАК-Аутори’ (ANAC-Autori), и Франческа Коменини, претседателка на на „Ченто Аутори“ (Cento Autori), изразуваме огромно жалење што вие како први луѓе на филмскиот фестивал во Венеција и филмските професионалци во Италија сте доведени во заблуда, без да ги знаете фактите и вистината и што на овој начин дополнително правите притисок на јавноста и институциите во нашата држава.
Во конкретниот случај за кој реагирате не станува збор за никаков прогон на автор (режисер и сценарист), туку станува збор за истраги и постапки за правен субјект во сопственост на господинот Милчо Манчевски, односно правни постапки за расчистување финансиски злоупотреби, недоставување финансиски извештаи за потрошени 900.000 евра, како и низа други индиции.
Институцијата што ја споменувате, Агенцијата за филм на РСМ, веќе 14 години нема одбиено ниту едно барање за финансиска поддршка на режисерот Манчевски. Актуелното раководство во последните 5 години на истоимениот режисер му има одобрено средства во висина од 2,3 милиона евра.
Искрено, се надеваме дека ќе го увидите овој пропуст, ќе ја разберете нашата реакција и во интерес на правдата и законот, ќе го повлечете писмото, со што без дополнителен надворешен притисок ќе се даде простор на независните институции на нашата држава, која е аспирант за членство во Европската Унија, да ги утврдат спорните факти и да донесат соодветни правни одлуки.
Како прв човек на Агенцијата за филм на РСМ, уште еднаш сакам да повторам дека РСМ не врши никаков политички или каков било друг притисок врз Манчевски ниту, пак, има вакви постапки за кој било друг автор.
Убеден сум дека и вие сте на страната на правдата и законот кога станува збор за финансирање и трошење на средствата од јавните фондови за поддршка на филмската уметност.
Со почит
Бојан Лазаревски, директор на АФРСМ“, се вели во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

