Култура
Агенцијата за филм: Средствата за филмските проекти се потребни веднаш, не може да се чека прераспределба до крајот на годината
Реализацијата на филмските проекти мора да продолжи во согласност со предвидените динамики, велат од Агенцијата за филм.
Од тука нагласија дека во моментот најавени се два филма за снимање локации во Македонија. Интернационалните екипи на земјите учесници, кои се дел од овие проекти, се веќе пристигнати во нашата држава. Финансиските средства, кои се планирани за овие и за другите филмски проекти, се потребни веднаш и не може да чекаат прераспределба на средствата помеѓу буџетските корисници и преземање активности од страна на Министерството за култура до крајот на годината за исплата на договорените проекти.
Агенцијата предупреди на опасноста дека ако овие планирани средства не се стават во функција на проектите како што е планирано и не се исплатат веднаш, се нанесува директна штета на самите проекти бидејќи ќе се случи зголемување на буџетите изразено во илјадници евра и ќе се наштети на реномето на македонската кинематографија.
За ова да се спречи, Агенцијата за филм предлага заедно со Министерството за култура да се разгледаат и ревидираат одлуките на Министерството за прераспределба на средствата од причина што во спротивно штетата би била од огромни размери за македонската кинематографија, која моментно е наш најголем културен амбасадор.
„Агенцијата за филм на Северна Македонија со ова соопштение и со сите дејства што ги презема и предлага заедно со Министерството за култура да се изнајде трајно решение за да се спречи трендот на кратење на буџетот за филмска дејност поради кој тренд во последните четири години буџетот за филмската дејност по основ на ребаланси е намален за 116.000.000,00 (сто и шеснаесет милиони) денари и со тоа да изнајдеме системско решение за стандардизиран буџет за македонската кинематографија“, велат од Агенцијата.
Претходно вчера, 53 режисери и продуценти во отворено писмо до Министерството за култура тврдеа дека се крати предвидениот годишен буџет за филмска дејност, без претходно најава и без консултации од Агенцијата за филм. Како што пишува во писмото, според неофицијални информации, на предлог од страна на Министерството за култура до Владата на Македонија доставен е предлог за кратење на предвидениот годишен буџет за филмска дејност, без претходна најава и без консултација со Агенцијата за филм.
„Доколку овие информации се точни и бидат изгласани во Собранието, ќе дојде до целосно блокирање на филмската дејност бидејќи наведените средства се планирани за проекти од национален интерес, кои се во тек на реализација. На овој начин се нанесува штета на и онака кревката филмска индустрија во Македонија и се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите други учесници во процесите на реализација на филмските проекти“, се вели во писмото.
Министерството за култура вчера објави дека не пристапило кон никакво кратење на буџетот во културата, а уште помалку на буџетот на Агенцијата за филм. Министерството потврди дека во моментот во собраниска процедура е донесување одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите. Се наведува дека до крајот на буџетската година Министерството ќе ги преземе сите активности за исплата на обврските во согласност со склучените договори, меѓу кои и кон Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

