Култура
„Амадеус“- претстава што ги отвори прашањата за генијалноста и просечноста
Драмскиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер донесе премиера на театарската претстава „Амадеус“ од Петар Шефер, во режија на Андреј Цветановски, а во изведба на Турски театар-Скопје.
Селпин Ќерим, Јеткин Сезаир, Слаѓана Вујошевиќ, Аксел Мехмет, Џенап Самет, Бурханедин Ибрахим, Емине Халил, Озан Илдриз и Игбал Саидова на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ покажаа врвна актерска игра, носејќи ја приказната за Моцарт и за неговите талент и генијалност.

Во полето на музиката, еден од малкуте кои го задолжиле човештвото со своите композиции и оставиле печат на своето време е Волфганг Амадеус Моцарт. Но не и признание од своите современици. Освен од еден, Антонио Салиери, неговиот вечен непријател и единствениот човек кој ја препознава неговата генијалност. И заради таа генијалност, тој станува негов најголем непријател. Салиери, го носи проклетсвото да ја познава музиката толку добро да може да го препознае божественото во Моцарт, но никогаш да не создаде нешто толку совршено.
-Оваа претстава зборува за едно чувство што го носиме многу од нас уметниците, а тоа се јавува секогаш кога ќе дојдеме во контакт со генијалноста на некакво поле. Моцарт бил еден од тие луѓе, некако во своето време непризнаен од публиката и општеството бидејќи бил најверојатно пред своето време. Само Салиери кој можел да ја препознае таа генијалност пробува да го рационализира фактот дека тоа не е можно да е некој човек, туку мора Господ да зборува преку него. Тоа претставува еден триаголник на борба помеѓу Салиери, Господ и инструментот на Господ-Моцарт. Низ таа призма се обидовме да создадеме, и мислам дека создадовме претстава којашто тече како една музичка партитура. Се надевам дека публиката уживаше во неа и се надевам дека успеавме да ги отвориме тие прашања за генијалноста и просечноста како што би рекол Салиери и судирот меѓу двете, рече режисерот Андреј Цветаноски.

Цветаноски не го поставува Шефер првпат на сцената а според него, актерите од Турскиот театар се посебни по многу нешта.
-За мојата дипломска работа ја работев претставата „Салиери“ според текстот „Амадеус“ од Питер Шефер и уште тогаш бев решен и сакав уште еднаш да ја поставам пак, со повеќе ликови бидејќи првата беше доста камерна. Многу ми е драго што соработувам со Турскиот театар и заедно со нив најдовме заеднички јазик во однос на тоа да се оствари таа моја желба да го работам „Амадеус“ повторно бидејќи турскиот ансамбл е навистина посебен по многу нешта а најмногу по подготвеноста да играат заедно и да играат во рамките на концептот за којшто сме се договориле и тоа да го прават до крај, појасни режисерот на претставата „Амадеус“, Андреј Цветаноски.
Талентот како категорија се оценува и проценува низ текот на историјата и претставува вредна особина на една личност. Иако тоа е категорија која е субјективна и лична, вистинскиот квалитет не може да се оспори, ако не веднаш, тогаш после времето на личноста која ги создава делата.
-И мене ме допира овој текст затоа што сите го имаме внатре она да се споредуваме со другите уметници наместо да останеме во контакт со себе и со тоа што ние како уметници сакаме да го направиме.Многу често знаеме да избегаме надвор и да се споредуваме со другите. Да го споредуваме нашиот порив за креација со туѓиот порив за креација, начинот на изведбите. Без разлика на тоа што тука станува збор за музички изведувачи, тоа го има и меѓу актерите, и меѓу сликарите и меѓу другите уметници.Пораката на оваа претстава е да се остане во контакт со себеси, да не се бара ништо надвор, да се биде свој, да се остане оригинален. Но она што од друга страна е важно за овој текст е тоа дека станува збор за еден уметник кој не бил разбран од својата околина. Моцарт не успеал да успее во своето време, рече актерката Слаѓана Вујошевиќ која е дел од турскиот актерски ансамбл.
Сценографијата во театарската претстава „Амадеус“ е на Сергеј Светозарев, а костимите ги изработи Раде Василев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

