Култура
Американската пијанистка Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65. Охридско лето
Американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид.
Ова денеска го обелодени директорот на Националната установа „Охридско лето“ , Ѓорги Цуцковски, на прес-конференција на која беше промовирана програмата на годинешното фестивалско издание.
-За свеченото отворање под наслов „Трансформација на сетилата“ со особена чест ги најавувам, Едвин Оутвотер диригент, Клер Хуангчи пијано од Соединетите Американски Држави, оркестарот на Македонската филхармонија и Рафаел Карико, визуелен дизајнер. На Античкиот театар ќе приредиме исклучително музичко-визуелно доживување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии. При конципирањето на програмата запазени се највисоките критериуми на фестивалот со што со гордост го најавувам кремот на светската музичка елита во Охрид. Би ги издвоил најеминентните пијанисти Михаил Пљетњов, Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, виолончелистот Даниел Мулер Шот како и легендарната кастањета уметница Лучера Тено во дуо со еден од најзастапените светски харфисти Хавиер де Маестре како и многи други.Особено сум горд на гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија како и на оркестарот Симфониета ди Болоња како претставници на најпрестижните национални оркестри во светот воопшто.Претстава за деца, како и два џез концерти меѓу кои еден на познатиот охридски уметник Дамјан Пејчиновски, како и настап на Националниот Џез оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути претставуваат збогатување на програмата со тенденција да се допре и до најсофистицираните уметнички уживатели“, најави Цуцковски.
Првиот човек на НУ „Охридско лето“ соопшти и дека годинешното јубелјно 65. издание на фестивалот ќе биде одбележано со богата роденденска програма.
-„Охридско Лето“ првпат излегува од рамките на познатите сцени со што на 3. август го презентираме мега спектаклот Кармина Бурана – Симфонија на Битовите во изведба на повеќе од 70 уметници на сцена заедно со познатото електронско дуо IDQ од Република Србија со што воедно ќе ја започнеме и прославата по повод роденденот на фестивалот, кој идниот ден ќе биде прославен онака како што и е формиран, со рецитал на оперска пеjачка, тогаш истакнатата Ана Липша – Тофовиќ, а сега со нашата примадона со најголема интернационална кариера и бисерен глас, Ана Дурловски, појасни Цуцковски.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков потенцира дека „Охридско лето“ е едно од најзначајните културни случувања во нашата земја.
-„Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал, тоа е симбол на културната зрелост на нашата држава, симбол на отвореноста кон светот, симбол на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја. И оваа година, фестивалот ќе донесе програма која го задржува врвниот уметнички стандард, но и ќе ја отвора вратата за нови културни перспективи. Како што истакна и директорот, ќе имаме уметници од меѓународен ранг, но солисти, оркестри, и македонски имиња кои блескаат на светските сцени, солисти, оркестри, театарски ансамбли, модерни проекти и традиционални изведби, кажа министерот Љутков.
Според него „Охридско лето” е и голем двигател на туризмот, фестивал, кој не само што промовира културата, туку и го поттикнува културниот туризам, ја јакне економијата и ја позиционира Македонија на културната и туристичка мапа на Европа и светот.
Како што рече селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ , Симона Ѓорчева, музичката програма годинава ќе понуди 29 музички настани со учество на повеќе под 300 уметници од САД, Кина и Европа. Целта, според неа, е да се создаде платформа за културна размена на врвно ниво, со уметници чиј втор дом се најреномираните светски концертни сали.
Според селекторот на драмската програма Ненад Витанов, фестивалот „Охридско лето“ е конципиран како меѓународна уметничка платформа за промоција и изведба на најдобрите уметнички дела од Македонија и светот.
Како и музичката, и драмската програма ќе понуди незаборавни мигови за публиката од сите возрасти. Годинава на „Охридско лето“ ќе бидат одиграни две премиери, театарската претстава „ Амадеус“ во продукција на Турски театар Скопје и театарската претстава „ Рута“ во продукција на Драмски театар Скопје, а европска премиера ќе има и театарската претстава „Електра“ во продукција на Театарската асоцијација од Јужна Кореја и НУ „Охридско лето“. Покрај тоа што најмладата публика ќе ужива во театарската претстава на ОХО Продукција, сите уживатели на театарот ќе имаат можност да ја видат претставата која е најнаградувана годинава и воедно е и претстава на годината, „12“ во продукција на Македонски народен театар. Ќе биде изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ со Игор Ангелов.
Програмата на 65. „Охридско лето“ од денеска ќе биде објавена на веб-страницата на фестивалот , а билетите наскоро ќе бидат пуштени во продажба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

