Култура
Андреј Медиќ-Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор на Струшките вечери на поезијата

Песната „Твоја ли е градината, Алиса“ на македонскиот автор Андреј Медиќ-Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“, која се доделува на Струшките вечери на поезија за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.
Жири-комисијата, во состав Митко Гогов, Иван Шопов и Игор Трпчески, во своето образложение велат дека станува збор за песна во која доминира интертектуалната игра.
„Повикувајќи се на светскиот класик ‘Алиса во земјата на чудата’, преку интертекстуална игра Андреј Медиќ-Лазаревски храбро и софистицирано води дијалог со себеси и светот преиспитувајќи ги своите внатрешни лавиринти низ неконвенционални и свежи поетски слики. Низ стиховите авторот успева да изгради култивирана визура во сопствениот лирски и филозофски дискурс. Песната нè води низ еден специфичен имагинарен времепростор, во кој авторот успева да дополнително да ги очуди познатите симболи, давајќи им нова смисла и семантичка сила. Преку патувањето низ универзалните егзистенцијални траектории низ светот на имагинарното и реалното, авторот, на места иронично и пркосно, нè повикува на нови преиспитувања, читања и преобмислувања на светот на дуалностите во кој е заробен. Неговиот императив не е да пишува за она што е присутно и видливо, туку да го артикулира и трансцендира она што интуитивно го пренесува од другата страна, во една нова метафизичка димензија“, стои во образложението на жири-комисијата.
Со поетското читање „Мостови“ и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Млада Струга“ синоќа заврши официјалниот дел на 63. издание на меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.
Фестивалот ќе се заокружи со меѓународен поетски митинг во Скопје, кој ќе се одржи вечерва на платото на Музејот на современата уметност, со почеток во 20.30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.
Култура
Ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини на 4 април во НОБ

На 4 април со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Марио Меникаљи ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова , во улогата на Каварадоси ќе настапи Зоран Сотиров, во улогата на Скарпија, Maрјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Борко Биџовски, Драган Ампов, Никола Стојчески, Тихомир Јакимовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија.