Култура
Аплаузи и овации за познатиот актер и комичар Драган Маринковиќ-Маца во Крива Паланка

Со громогласен аплауз и на нозе беше поздравен еден од омилените актери и комичари во регионот Драган Маринковиќ-Маца, кој синоќа настапи со претставата „Каква ти е сопругата – таков си и ти“, во продукција на „Златен заб“ на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.
Публиката во салата на НУ Центар за култура Крива Паланка беше воодушевена од оригиналната актерска игра на познатиот и харизматичен Маца, се смееше на неговите шеговити реплики за вечната тема за бракот и машко-женските односи, но поттикна и размислување за смислата на животот.
Маца поентираше со пораката дека годините не смеат да се потрошат залудно, за да немаш со кого да се вратиш назад или со кого да продолжиш напред, нагласувајќи дека во животот не постои ништо важно, освен љубовта.
Тој ја поздрави кривопаланечката публика и изрази големо задоволство од гостувањето на театарскиот фестивал и престојот во Крива Паланка.
„Првпат сум во Крива Паланка, знам дека сте Град на културата, а со години слушам дека овде гостуваат многу мои колеги- актери, музички ѕвезди и уметници и постојано се прашував: „Боже колкава е таа Крива Паланка?“ Целосен респект што ја сакате уметноста и што уживате во неа. Ви посакувам уште многу фестивали“, порача Маринковиќ.
Вечерва, на шестата фестивалска вечер на МТФ„ Св. Јоаким Осоговски“ настапува Народниот театар„Стерија“ од збратимениот град Вршац, Србија, со претставата „Симпатија и антипатија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на публикацијата „Кузман Јосифоски – Питу – животна приказна“ во Музеј на Македонија

Музејот на Македонија го одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај со промоција на публикацијата „Кузман Јосифоски – Питу – животна приказна“.
Промоцијата ќе се одржи на 19 мај 2025 година (понеделник), во 12 часот, во изложбените простории на Музејот.
„Публикацијата е дел од истражувачкиот проект посветен на животниот пат на револуционерот Кузман Јосифоски – Питу и се реализира во рамките на годишната програма, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Нејзината намена е да ја збогати музејската презентација и едукација, на теми со историска содржина и да послужи како корисно помагало во наставата по историја и граѓанско образование, во рамките на образованиот процес“, велат од Музејот.
Автор на публикацијата е м-р Здравко Стојкоски, кустос – историчар во Музејот. Промотор на настанот ќе биде м-р Данијела Трајкова Крстиќ, виш кустос – историчар во НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност.
Култура
Премиера во Грузија на „Јон Вардар против галаксијата“

Анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на 5. издание на Striped Tale Animation Festival 2025, што ќе се одржи од 16 до 18 мај во Тбилиси, Грузија.
Фестивалскиот тим на својата веб страница го опишува филмот со следниве зборови:
„Вселенска зоолошка градина. Балкански хумор. Хаос на интергалактичко ниво. Јон Вардар против Галаксијата нè носи во една апсурдна мисија за спас на универзумот. Чудовишта, сатира и емоции се судираат во оваа забавна вселенска опера за сите возрасти. Научно-фантастична пародија со срце, вонземјани и автентичен балкански дух.“
Филмот досега имаше селекции на преку десет фестивали, од кои 5 се во А и Б листите на најдобри филмски фестивали во светот. Поддржан е од Агенцијата за филм.
Култура
„Пеколот е мало место“ – нова стихозбирка од Тихомир Јанчовски

Поетот Тихомир Јанчовски, во поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј го објави новиот поетски ракопис со наслов „Пеколот е мало место“, којшто на интересен начин се надоврзува на неговиот претходен поетски опус.
Новата стихозбирка на Јанчоски донесува педесетина нови песни и е поделена на циклусите „Обиди се да сфатиш“, „Годините врват“, „Секогаш од љубов“ и „Куќа за птици.
Оваа нова поетска објава на Јанчовски е проследена со поговор на авторот Душко Крстевски, кој, меѓу другото, со своите оценки поентира:
– Збирката поезија „Пеколот е мало место“ од Тихомир Јанчовски претставува општествена критика, егзистенцијална размисла како и нуркање и истражување на човековите емоции. Секоја песна одекнува со чувство на итност и длабока интроспекција од страна на поетот, одразувајќи ја сложеноста на човековата состојба во свет полн со очај и разочарување.
За потсетување, македонскиот поет, професор, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски завршил општа и компаративна книжевност на УКИМ има објавено петнаесет книги поезија, три романи, две книги за деца и една книга колумни.