Култура
Аудиовизуелен перформанс на Lakker во Музејот на град Скопје
„Десонанц фестивал“ во соработка со Audiobahn, Epicentar и Музејот на град Скопје го претставува првиот настан од серијата мултимедијални концерти и инсталации отворени за ограничена публика во живо и пренесувани на Audiobahn-стримот. Целта е креативно истражување на сите интересни, несекојдневни и визуелно-импресивни локации што нашиот град може да ги понуди, како и нивна визуелна и музичка (ре)интерпретација низ уметноста на врвни артисти од областа на електронската и електроакустичната музика.
„За првиот настан од овој серијал решивме да се вратиме далеку во минатото и да емитуваме од историскиот дом на Големата Мајка – халата на етнолошката поставка на Музејот на град Скопје, длабоко во утробата на Старата железничка станица, надополнето со клупска забава во ‘Епицентар’ за затворање на вечерта“, велат организаторите.
Нов живот на древните артефакти ќе даде музиката на Lakker (R&S Records, Stroboscopic Artefact, Blueprint), кои ексклузивно во Скопје за овој настан ќе ја претстават најновата итерација на нивниот спектакуларен аудио/видеонастап во живо, последен пат виден на легендарното затворање на мултимедиа фестивалот Berlin Atonal 2015. AV настапите на Lakker се ретки, но легендарни – комбинација на авангардни видеотекстури со беспрекорен дизајн и вистинска концертна изведба со реална употреба на вокали, инструменти и хардвер во живо. Dara Smith (Arad) од Lakker во живо ќе го претстави новиот соло албум The Glimpse (Bedouin Records), а ритуална церемонија за почеток на настанот ќе изведе гностичкиот колектив +ВС+.
Во согласност со безбедносните правила на Музејот, ограничена количина билети (вкупно 75) се достапни за најголемите фанови што ќе ја имаат уникатната шанса да бидат присутни во живо додека се создава магијата. Билетите може да се купат преку продажната мрежа на „МК тикетс“ или да се резервираат со испраќање порака „Десонанц“ или Audiobahn-профилите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.