Култура
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет

На сцената на Националната опера и балет на 24 јануари 2023 во 20.00 часот ќе се изведе атрактивната балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Балет во 9 слики.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и за режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнува 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов, на Македонскиот народен театар, вечерва во 20 часот во големата сала на Центарот за културата „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворено 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Организаторите велат дека голем интерес за фестивалот покажува прилепската публика и годинава, што се докажува и со фактот дека неколку претстави и пред почетокот на фестивалот се веќе распродадени.
На изведбата на актерите од МНТ, ќе претходи доделување на наградите за животно дело Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски. На свеченото отворање ќе се обратат Ана Стојаноска, уметнички директор и селектор на програмата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.
Девет претстави во официјална селекција, четири во независна програма и една во придружна се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе трае до 13 јуни под мотото „Смеј се и осмели се“.
„59.издание на фестивалот е спремно, внимателно спакувано, прецизно креирано со огромна љубов и почит кон сите учесници и гости. Во духот на мотото на фестивалот и се смеевме и осмелувавме низ предизвиците во текот на оваа година, но како тим покажавме и покажуваме, заедно со градот и целата поддршка од Министерството за култура и туризам и општествено-одговорните компании, дека Прилеп е единственото место за достојно да се слави театарската уметност. Посебна љубов кон целата публика која постојано покажува зошто е тоа така“, изјави Стојаноска.
За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.
На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса. Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, годинава ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.
Новина е програмата „Драмолетање“, односно пичинг на кој неколкумина драмски автори ќе ги претстават своите дела. На тој начин фестивалот се труди да го поттикне домашното драмско творештво, но и поставување на истото на театарските сцени.
Фестивалот ќе биде затворен на 13 јуни со „Вистината“ на Театар Комедија.
Култура
Киро Урдин со самостојна изложба во Брисел

Киро Урдин, основач на уметничкото движење Планетаризам, отвори своја самостојна изложба на слики и цртежи „80 години – 80 дела“ во ММ Галерија во Брисел.
Награден со највисоката награда „Уметник на светот“ на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО „Скопје 2024“ и изложуван во Националната галерија на Р.С.Македонија, Киро Урдин се враќа од Токио, Њујорк, Детроит и Мексико Сити, од неговата изложба на меѓународниот саем на современа уметност „Арт Тесалоники“ во Солун со Микеланџело Пистолето и од изложбата во Големата салата „Бранкузи“ на Палатата на Парламентот во Букурешт – за да прикаже избор од своите нови дела, вклучувајќи повеќе од 80 цртежи, кои се објавени во неговата најнова книга „Линии и бои“, која исто така ќе биде промовирана на отворањето на изложбата.
За пошироката публика, изложбата ќе биде отворена од 6 до 28 јуни.
Киро Урдин е еден од најважните македонски уметници кој е пионер на глобалното авангардно движење, Планетаризам, кое ја редефинира современата уметност со спојување на космички теми, футуристичка апстракција и метафизичка длабочина. Неговото дело не само што ја воздигнува Македонската уметност на меѓународната сцена, туку и ги премостува културните и научните дискурси, инспирирајќи нов начин на согледување на местото на човештвото во универзумот.
Како визионер, влијанието на Урдин се протега надвор од естетиката – неговата филозофија поттикнува уметничка иновација, интердисциплинарно размислување и универзална перспектива што ги надминува националните граници, а сепак ги одразува неговите македонски корени.
Култура
Висока уметничка вредност на сцената: „Народен пратеник“ со блескава изведба во Народно позориште Белград

Ансамблот на претставата „Народен пратеник“ беше изведена во Народно позориште Белград и уште еднаш потврди дека театарската уметност живее во својата најчиста форма — преку искрена емоција, прецизна актерска игра и моќна режисерска визија. Со фасцинантна изведба, која им го задржа вниманието на гледачите од првата до последната сцена, актерите успеаја да доловат и хумор и критика, и човечка слабост и општествени противречности.
Публиката возврати со долгостоечки аплауз, знак не само на благодарност туку и на восхит пред она што се одигра на сцената — исклучително изведена претстава, која зборува и за денешницата.
„Народен пратеник“ не е само театар туку и огледало на општеството, а вечерта во Народно позориште беше потврда дека сцената сè уште има моќ да инспирира, да критикува и да повика на размислување.