Култура
Барокна музика со виолинистот Владимир Костов
Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Вида“ на кој како солист ќе настапи виолинистот Владимир Костов. Гостин на концертот е чембалистката Цветанка Созовска. На програмата се дела од Корели, Вивалди, Порпора и Рихтер.
Владимир Костов (1975) е роден во Битола каде што го почнува своето музичко образование.
Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис, каде што и магистрира, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози, меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришипенко и др. Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати е избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Xемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар му се нуди неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот – Националниот арт центар Отања, Линколн центарот, Харвард универзитетот, Берлинската филхармонија, Келнската филхармонија, Концертхаус Берлин, Концертхаус Виена, во Шанија, Полска, Кина.
Настапува и со оркестарот Исток-Запад во Алтенбург (Германија), а во периодот од 2000 до 2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ. Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли, меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио ,„ВАМ“, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Член е на ансамблот за современа музика „Кон Темпора“. Владимир Костов постојано посетува и мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД).
Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска.
Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“. Моментно работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

