Култура
Богата програма за викендов на Скопје филм фестивал
Во преполната сала на Кинотека вчера вечер започна 25-тото јубилејно издание на Скопје филм фестивал.
Отворањето беше одбележано со изложбата на плакати од изминативе 25 години на фестивалот, чиишто автори беа истакнати македонски уметници како Ване Костуранов (2013), Зоран Кардула (2020), Ѓорѓи Деспотов (2018), Таби Азири (2014, 2016), Мери Бакалова (2015), Бојан Кртолица (2012), Димитар Апостолов (2011), Јана Мишева (2009), Филип Кондовски (1999), и други. Од името на фестивалот добредојде на новото издание на фестивалот на публиката и’ посака актерот Павел Маслов.
Потоа публиката имаше можност да го види на извонредниот годинашен кански победник „Триаголнник на тагата“ на режисерот Рубен Остлунд. Уште една проекција на филмот ќе се одржи во четврток (15 септември) во 22 часот.
Вечерва (сабота, 10 септември) во Кинотеката продолжува фестивалската програма со филмот „Вози ја мојата кола“ во режија на Рјусуке Хамагучи, според кратката приказна на Харуки Мураками од збирката „Мажи без жени“. Се работи за патувачки филм зчија тема е љубовта, загубата, прифаќањето и мирот. Две години по неочекуваната смрт на сопругата, познат театарски актер и режисер добива понуда да режира продукција на „Вујко Вања“ на театарски фестивал во Хирошима. По пристигнувањето, театарската компанија му доделува возач бидејќи му е забрането да вози додека му трае договорот. Интимен, разигран и елегантен, филмот „Вози ја мојата кола“ е медитација за убавината на човечката поврзаност и за трансформативната моќ на патувањето. Филмот е суптилен наратив со максимален ефект, а драмата на Чехов потсвесно одекнува како поттекст во заднината. Филмот е добитник е на наградата за најдобро сценарио и на наградата ФИПРЕСЦИ на Канскиот филмски фестивал во 2021 г. и на Оскар за најдобар странски филм во 2022 г.
Во недела (11 септември) публиката ќе може да ги погледне филмовите „Корсет“ и „Римини“ во Кинотеката.
Филмот „Корсет“ е храбрата и субверзивна костимирана драма на режисерката Мари Кројц и ја прикажува царицата Елизабета од Австрија (Сиси) која е на турнеја низ Европа и се обидува буквално и фигуративно да се ослободи од својот ограничувачки живот на кралскиот двор. Таа е идол на многумина заради нејзината убавина и е инспирација за модните трендови. Сиси го слави својот 40. роденден и мора да се бори за да го одржи својот јавен имиџ стегајќи го сè повеќе и повеќе корсетот.
„Римини“ е дел од програмата Авторски филм и е новата мрачна и комична драма, долгоочекуваното враќање кон играниот филм на познатиот режисер Улрих Сајдл. Филмот е портрет на маж што спие со жени за пари и на суров начин го прикажува декадентниот и осамен живот на заборавената ѕвезда на крајот од кариерата, во спектакуларна изведба на харизматичниот австриски актер Михаел Томас. Ова е приказна
за Ричи Браво, некогаш популарна австриска поп ѕвезда, кој сега живее во италијанскиот град Римини и преживува од стара слава. Филмот имаше премиера во главната програма на фестивлот во Берлин.
Во кафе киното „Котур“, со почеток од 19 часот, во рамки на програмата Кинемода ќе се прикаже документарниот филм „Мартин Магиела. Со свои зборови“ кој претставува портрет на славниот дизајнер кого модниот свет го смета за еден од најреволуционерните и највлијателни дизајнери во последните 30 години. По проекцијата ќе се одржи и разговор на Кристина Глигоровска, модна теоретичарка и главна уредничка на познатото модно списание WeAr со гостинката Александра Оленска, модна стилистка и креативна консултантка за модни брендови „Tom Ford“, „Celine“, „Daks London“, „Pringle of Scotland“, и „Vanessa Bruno“ .
Деталниот распоред на програмата погледнете го на www.skopjefilmfestival.com.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
Култура
Кинотеката ја објави програмата за февруари: тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање
Програмата на Кинотека на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања, кој уште еднаш ја потврдува Кинотеката како простор на мисла, чувствителност и отпор кон заборавот. Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин, велат од Кинотеката.
Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. Во истата линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклучува и документарецот „Приказната за Сиљан“, филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивки паузи и егзистенцијален хумор повторно нè потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.
Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ — остварувања што низ различни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде европскиот авторски филм е најсилен.
Посебно значајна е и програмата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови за деца, кои не ја потценуваат својата публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, тие носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста — градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат, а не само да консумираат.
„Февруари 2026 во Кинотеката на Македонија не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети. Простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата“, велат од таму.
Култура
Македонската композиторка Ана Пандевска на фестивалот „ЕКЛАТ“ во Штутгарт
Македонската композиторка Ана Пандевска ќе учествува на престижниот фестивал за современа музика „ЕКЛАТ“, кој ќе се одржи од 4 до 9 февруари 2026 година во Штутгарт, Германија, со две музички композиции и едно видео во рамки на програмата посветена на современи авторски и уметнички практики.
Двете композиции ќе бидат изведени од реномираниот вокален ансамбл Neue Vocalsolisten Stuttgart, додека видеото е реализирано во соработка со македонската режисерка Анастасија Лазарова Пилинг.
Во програмата се вклучени делата Electroacoustic mantra „From ex YU to EU“ (2022/2023) и „From ex YU to EU – Pass the Word / Clap Game“(2025). Првото дело е засновано на концептот на мантрата како чин на повторување и е инспирирано од долгиот и комплексен процес на европските интеграции на Македонија по распадот на Југославија. Преку вокални и електронски структури, делото ја проблематизира трансформацијата на државниот и идентитетскиот наратив, медиумското и политичкото повторување, како и процесот на промена на името на државата — од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија, до Северна Македонија.
Второто дело, создадено во 2025 година, функционира како иронична кода на првото. Во „Pass the Word / Clap Game“, бирократската и дипломатската комуникација е претставена како игра, во која правилата, ветото и регулативите добиваат апсурдни димензии. Хуморот е свесно употребен како начин на ослободување од акумулираната напнатост, но под површината останува критичката порака за бескрајното чекање, културната адаптација и постојаните надворешни блокади поврзани со уставните, јазичните и идентитетските прашања.
Двете композиции се занимаваат со повторување и трансформација, претставувајќи две емоционални фази на истиот процес — од искрената желба за припадност до свесната иронија по децении продолжена транзиција. Со овие дела, Ана Пандевска поставува прашање:
Како звучи прогресот кога никогаш целосно не пристигнува?
Во поширок контекст, делата ја отвораат и темата за тоа како малите нации комуницираат со големите системи и како индивидуалниот уметнички глас опстојува во политичкиот и институционален шум.

