Култура
Богат викенд на 13. „Џифони Македонија“ исполнет со филмови и работилници
Младите од осум земји учесници на 13. „Џифони Македонија“ имаа богат викенд исполнет со проекции на филмови, ги започнаа своите работилници, а и дискутираа за филмовите што ги гледаа. Програмата на фестивалот се реализира во Кинотеката, каде што работат јуниорите, односно основците од шесто до деветто одделение, додека во Младинскиот културен центар се средношколците, кадети и сениори.

Денес на програмата е средба со активистката Теодора Милевска, а младите ќе можат да слушнат повеќе и за стипендиите UWC – United World Colleges што можат да се искористат и кај нас за студирање во странство. Ќе биде прикажан и документарниот филм Girls Don’t Cry („Девојките не плачат“) на германската режисерка Зигрид Клаусман, а ќе следува и циклус кратки италијански филмови.
Џифонци викендов се сретнаа со млади режисери кои веќе ги прават своите први филмови. Лавина од прашања предизвикуваат овие први чекори на младите кои поставуваат интересни прашања. Кадетите и сениорите се сретнаа со Беса Туша, млада режисерка од Скопје, која студирала во Турција и која веќе ги прави своите први чекори во филмската уметност, а филмови веќе и се прикажуваат и на фестивали. Таа ги сподели своите искуства, беше многу отворена за да им раскаже на младите. Беса го промовираше нејзиниот филм „Низ очите на Џело“, таа го прикажа Скопје низ приказната на овој лик. Им посака на џифонци кои сакаат да се занимаваат со филм, само да снимаат и дека така се учи најдобро. Секој нареден проект ќе биде подобар.

-Ми се погоди да добијам стипендија за студирање во Турција и тоа ми го трасираше патот. Сакам да ја одржувам врската со Македонија и затоа приказните ги наоѓам и овде. Важно е да снимате, да се борите за вашите проекти. Од помлада пишував сценарија со желба да се изразам себе и тоа многу ми помогна – рече младата Беса.
Младиот Бојан Василев го прикажа филмот „За Ева“, кој ја отвора темата за несакана бременост кај младите, но и темата за осаменоста, отуѓеноста, кога се чувствуваме дека сме сами и немаме со кого да споделиме тага, а цел свет ни се руши. Инспириран од вистинска приказна, Василев ја отвора оваа важна тема, а предизвика лавина од прашања.

Младиот режисер Бојан Василев се претстави со вели дека филмот е за надежта, не е само за тинејџерската бременост. Филмот е снимен во рамките на проектот EduCuts, што поврза неколку земји од регионот, меѓу кои и Македонија, а 20-ина млади имаа можност да ги направат своите први филмови, благодарение токму на оваа поддршка.
-Јас не сакам филмови кои кажуваат кој е во право, а кој не. Филмот успеавме да го снимиме за само 4 дена, што е голем успех – рече тој.
Во рамките на Creative Talks, вчера беа промовирани неколку режисери од програмата „Докуникулци“, која неколку години се реализира во рамките на Фестивалот на креативни документарци „Македокс“. Беа прикажани три филмa од оваа програма – „Живуша“ Ксенија Довезенска, „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски и „Како стигнав до овде?“ во режија на Рој Стефанова. Џифонци беа одушевени од филмовите.

Во саботата се одржа и интернационалната вечер на која сите земји учеснички ја промовираат својата култура со храна.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Агенција за филм, Градот Скопје, Општина Карпош, Џифони Експириенс од Италија, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans и приватни компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

