Култура
Богојављенски собир на светската хуманистичко-интелектуална елита на онлајн конференција во Охрид
В среда, во Охрид, спроти денот – верски христијански православен празник Водици – Богојављение, со почеток од 13:оо часот, ќе се одржи Интернационална онлајн конференција: „Цивилизација на љубовта и носталгија за соединување”, како дел од Охридската школа за хуманизам – од средниот век до денес во Европа и светот, организирана од Светската академија на хуманизмот.
Истовремено, и церемонијата на прогласување на професор Далимир Хајко (Словачка) за добитник на Светската награда за хуманизам за 2022 година.
Собирот ќе почне со специјален музички перформанс: „Химна на Свети Климент Охридски“, во изведба на профeсорите од Меѓународниот универзитет Европа Прима, Љупчо Коскаров и Дарко Мариновски. Во слава на Охрид – градот на УНЕСКО, познат како „словенски Ерусалим“ или „Балканска Венеција“, славејќи ја славата на Лихнидос (древното име на градот) – градот на светлината, насекаде низ светот.
Темата на Конференцијата: „Цивилизација на љубовта и носталгија за соединување”, произлегува од примарната мисија на Охридската академија на хуманизмот, да ја продолжи визијата на Свети Климент и Свети Наум, основачи на првиот универзитет во овој дел на Европа, кој во исто време беше и првата школа на хуманизмот, основана во 9 век.
Тие беа ученици на светите браќа, апостолите Св. Кирил и Св. Методиј, кои, во 1980 година, папата Јован Павле Втори го прогласи за патрони на Европа, за нивното духовно убедување, како цивилизација на љубовта и носталгија за соединување.
На почетокот на Конференцијата, свои обраќања ќе имаат амбасадорот Јордан Плевнеш и словачкиот амбасадор во Македонија, Хенрик Маркус, додека традиционалната награда – статуетка на Св. Климент во резба, ќе ја врачи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Прифатен говор на наградата на Светската академија на хунаизмот,озаглавен како „Парадоксите на хуманизмот”, ќе одржи професор Далимир Хајко. Тој испрати претходно Послание во кое, меѓу другото, пишува:
„Хуманизмот е парадокс во самата своја суштина. Во име на хуманизмот, насилно се менуваат цивилизациските предлошки на земјите; во име на хуманизмот, се напаѓаат религиите – бидејќи не им одговараат на идеите на напаѓачот. Но, истовремено, тој го враќа човекот кон себеси. Тој е апстрактна филозофска проекција, тој е антрополошка константна. Хуманизмот е толку едноставен колку што е и мистериозен. Нема ништо поедноставно од „љубовта кон човештвото“ и ништо посложено од љубовта кон одреден човек – дел од ова човештво – често изгубена, предадена и напуштена од сите”.
Меѓу годинешните учесници, познати имиња од светот на културата, литературата, политиката, хуманизмот, е и Жан-Патрик Конерад, професор по физика на Империјал колеџот во Лондон, кој е и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевноста (ЕАСАЛ), добитник на Светската награда за хуманизам 2018 година.
Потоа, академик Љупчо Коцарев , претседател на МАНУ, Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија и премиер на Италија, добитник на Светската награда за хуманизам за 2019 година, Рикардо Брици, професор на Универзитетот во Болоња, Мартина Павликова, проректор на Универзитетот Константин Филозоф во Нитра, Словачка, проф. Роман Кралик, од Универзитет за пријателство со народите во Русија (RUDN) од Москва, Теруко Јамазаки, поет и новинар од Токио.
Свои обраќања ќе имаат: Фроса Пејоска, професорка во INALCO, Париз, Фредерик Фапани фон Лотринген, CNRJ, Париз, Седрик Уанекпоне, добитник на наградата за млад хуманист за 2019 година, од Централноафриканската Република, Фабрис Д’Алмеида, од Универзитет Пантеон Асас II, Париз, почесен доктор на ИУ Европа Прима, Вида Огњеновиќ, од Белград, добитник на Светската награда на хуманизмот.
Досега, организаторот – Светската академија на хуманизмот, манифестацијата ја одржуваше од своето традиционално место, Куќата на Уранија (МАНУ) во Охрид.
Годинава, поради ковид-пандемијата и заштитните протоколи, ќе се одржи преку интернет, со над 30 учесници кои ќе имаат свои излагања во траење од 5 до 10 минути.
Наградата на Светската академија на хуманизмот се доделува по 16-ти пат, колку што трае манифестацијата. Лани, на 15-годишнината, беше одлучено, а годинава ќе се изврши промоција на спомен-обележјето, кое на летен Св.Климент ќе биде поставено кај месноста Долна Порта – влезот во старото градско јадро. Идејата и нацртот се на еден од досегашните добитници на Светската награда на хуманизмот, Светлин Русев, од Бугарија, додека делото, изработено од прилепски мермер, е уметнички обликувано од Жарко Башевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

