Култура
Британска вечер на Охридско лето со пијанистот Бери Даглас
Британската вечер што фестивалот „Охридско лето“ ја одржува со поддршка на Амбасадата на Велика Британија во Македонија вечерва ќе донесе концерт на пијанистот Бери Даглас.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Како музичар со рецитали и камерен музичар Бери Даглас настапува низ целиот свет, во престижни сали како Ројал Алберт Хол, Барбикан и Вигмор Хол во Лондон, на фестивалот во Вербие, во Забранетиот град и во концертната сала во Пекинг, во Големиот театар во Шангај како и во други градови во Кина. Во минатото настапувал со Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Сингапур и Берлин, Штатскапеле Хале, оркестрите во
Синсинати, Сиетл, Мелбурн, Сиднеј, Кралската филхармонија во Ливерпул, филхармонијата во Хонг Конг и др.
Бери Даглас снима за издавачката куќа „Чандос“ и неодамна издаде комплет од шест компакт-дискови со комплетните дела за соло пијано на Јоханес Брамс, додека пак сега се фокусира на делата за пијано на Шуберт и Чајковски. Со оваа издавачка куќа, Даглас особено внимание обрнува на ирската фолк музика низ негови аранжмани работејќи со стари мелодии, но и со дела на современи композитори кои пишуваат во тој идиом.
Во 1999 година Бери Даглас го основа камерниот оркестар Камерата Ирска кој има за цел да ги обедини најталентираните млади музичари кои живеат во Северна Ирска и Република Ирска.
Покрај што овој оркестар се стреми кон високо професионални изведби, меѓу останатото има за цел да промовира дијалог и соработка преку музичкото образование. Редовно настапуваат на турнеи низ целиот свет, а еден од најзначајните настапи е оној на фестивалот Би-Би-Си Промс, како и светската премиера на нова кантата заедно со Лондонскиот симфониски оркестар со цел промоција на изборот на Дери – Лондондери за град на културата во 2013 година.
Во 2021 година е одликуван со Орден „Командир на Британската империја“ за заслуги во музиката и општеството. Ова одликување доаѓа по неговото прво големо признание во 2002 година кога е одликуван со орденот „Order of the British Empire (OBE) за неговата работа во областа на музиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поетроника за млади: Кога поезијата пулсира во ритамот на електронската музика, вечерва во Скопје
Вечерва во 20:00 часот во Public Room, Скопје ќе се одржи „Поетроника за млади“, уникатен музичко-поетски перформанс што ја претвора поезијата во живо, звучно и современо искуство.
На сцената ќе настапат Оливер Митковски, Андреј Салпе и Радмила Петровиќ, најпрогресивната поетеса од Србија, која ја опишува „Поетроника“ како судир на интензивности, спој меѓу традицијата и електронската култура во време кога уметноста станува сè по хибридна.
„Поетроника за млади“ е дел од поширок проект чија цел е да ги доближи младите до поезијата преку современ музички израз и културна размена. Поезијата која општо, но и меѓу младите не е толку популарна, бара време и ментален напор со фокус. Преку „Поетроника“, тоа скапоцено вдахновение до некаде е загарантирано, бидејќи двајцата наши хиперталентирани перформери, заедно со гостинката од соседна Србија, имаат намера на оригинален начин да нè гоштеваат со продуховена еуфорија.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ.
Влезниците се со симболична цена од 250 денари и се достапни на: https://drugastrana.mk/event/poetronika-za-mladi/
Култура
Мице Јанкуловски со самостојна изложба во Риека
Во Музејот на град Ријека – Коцкица во тек е самостојната изложба на слики и видеа од Мице Јанкуловски „Коегзистенција – црно и црно“ (23.10. – 3.11.2025).
Освен директорот на Музејот на град Ријак, Младен Урем, на отворањето присуствуваа и зедоа збор Ермина Дурај (раководител на Одборот на директори за работа на окружниот префект и на окружното собрание на Приморско-Горанскиот округ), Корнелија Конеска, куратор на изложбата, а изложбата ја отвори градоначалничката на град Ријека, Ива Ринчиќ.

Директорот на Музејот, Младен Урем, истакна дека оваа изложба е „уникатно културно искуство за жителите на Риека“, бидејќи ги комбинира традицијата и модерноста и ја претставува Македонската уметност „на глобално релевантен начин“.
Кураторот Корнелија Конеска го објасни концептот на изложбата, нагласувајќи дека авторот ги истражува бескрајните можности на црната боја преку монохроматски, минималистички и модуларен принцип, истакнувајќи: „Црната е боја на драмата – драмата на животот“!, а градоначалничката на град Ријека се обрати до зборовите:
„Му благодарам на авторот што не тера на размислување, ни отвора нови хоризонти, кои ни покажуваат дека црното не е така мрачно, туку дека може да биде и нов почеток ако се потсетиме дека ноќта е најтемна пред зората и дека она што денес изгледа темно, утре можеби нема да биде така…“

Посебно значење и шарм на настанот му даде настапот на Друштвото на Македонците во Ријека „Илинден“ кои истовремено ја започнаа традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Ријека 2025.
Култура
Убедлив театарски успех – МНТ со „Народен пратеник“ ја освои главната награда на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Србија
Главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, беше прогласена претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар.
Со едногласна одлука, жирито во состав: Наташа Гвозденовиќ, театарска критичарка, Трајче Кацаров, драматург, и Васил Василев, театарски режисер и претседател на жирито, во образложението истакнаа дека претставата „Се издвојува како најдобра, бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејствието“.

„Ова признание е потврда за континуираната посветеност и креативност на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање, не е само успех на претставата, туку и на целата институција, која постојано вложува во уметнички вредности, професионализам и меѓународна соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила.“, изјави по овој повод, директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Во конкуренција за наградите годинава учествуваа седум претстави, а фестивалот по третпат имаше меѓународна селекција. Четири претстави беа од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.

Ова сценско остварување, на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин – еден од водечките театарски режисери на Балканот – беше изведено на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври.
Во претставата со брилијатна актерска игра настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.


Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“.
Веќе четири и пол децении, овој фестивал претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различни естетики и културни вредности.
Со учеството и победата на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврди стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.

