Култура
„Букстар“ 2025: „За писателцките работи“ – кога се љуби и негува зборот
Моќни мисли и зборови на реномирани македонски и европски писатели можеа да се чујат на единаесетотто издание на фестивалот на европска литература „Букстар“, кој се одржуваше од 29 септември до 2 октомври.
Годинашниот фестивалски слоган гласeше „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
„За писателцките работи“ како мотив се провлекуваше низ целиот фестивал како мотив, концизно смислен со фокус на проблемите со кои се соочуваат писателите, кои говореа низ своја призма, како во интимистички, така и во општествен контекст.

Годинава гости беа голем број македонски имиња, па публиката имаше можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…
И годинава од фестивалот дел беа светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика имаше можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).
Првиот фестивалски ден, во полната сала на Културно-информативниот центар во Скопје, беше доделена наградата „Букстар“ за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот. За првпат оваа награда е доделена на македонски автор – Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025).
– Годинава, под слоганот „За писателцките работи“, поставивме една симболика што има длабоки корени во нашата културна историја и меморија. Слоганот е инспириран од делото на Крсте Мисирков, чиј јубилеј – сто години од неговата смрт – ќе го одбележиме следната година. Со ова сакавме да укажеме дека книжевноста не е само уметнички вид, туку и чин на одговорност, на визија, на заедништво и на храброст. Сакаме да проговориме за интимната и често невидлива битка зад секое дело, за силата на зборот кој може да го обликува, не само животот на авторот, туку и целото општество – истакна на отворањето основачот на фестивалот „Букстар“, Жарко Кујунџиски.

Последниот фестивалски ден публиката имаше можност да присуствува на еден ексклузивен настан „На кафе со Ахмет Умит“, кој се одржа во „Рамстор мол“, а вљубениците во крими-романите имаат можност да добијат автограм, да се фотографираат и да разговараат со овој автор со светска слава.
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше доделена и наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик „Драги“ за 2025 година, која ја доби Лидија Танушевска, за превод од полски јазик на делото „Емпусион“ од авторката Олга Токарчук во издание на „Антолог“.

Комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Иван Шопов, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“, имаше пет финалисти за оваа награда.
Покрај Лидија Танушевска, меѓу финалистите беа и Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.
Фестивалот заврши со книжевниот настан „Правда за кратката проза!“, кој се одржи во кафе-книжарницата „Буква“, а на кој беа учесници Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), Владимир Мартиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Иван Шопов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

