Култура
„Век со Конески, мигови со Блаже“ од Владимир Мартиновски
Неодамна, во издание на издавачката куќа „Бегемот, со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија, од печат излезе книгата есеи „Век со Конески, мигови со Блаже“ од професор Владимир Мартиновски.
Збирката есеи „Век со Конески“, мигови со Блаже од Владимир Мартиновски е значаен влог во компаративното проучување и толкување на поезијата на Блаже Конески. Водејќи грижа и за теориските ставови на Конески, изнесени во неговите есеи, авторот Мартиновски врз анализата на поетскиот опус на доајенот на современата македонска поезија ги применил трите основни модели на компаратистичките истражувања, зацртани од еминентниот компаратист Зоран Константиновиќ: генетско-контактните врски; типолошките аналогии и интердисциплинарните поврзувања. Во првиот дел од книгата, насловен „Век со Конески“, неговата поезија ja чита низ споредбени визури, укажувајќи на врските со делата на голем број писатели и уметници од различни епохи и книжевни традиции: од Хомер, Овидиј и Кавафис до Шимборска, Бродски и Павловиќ; од Данте, Сервантес и Шекспир до Рацин, Шопов и Ренџов; од Његош, Андриќ и Скацел до Ѓузел, Ќулавкова и Дурацовски; од Болер, Пикасо и Сенгор до Мартиноски, Личеноски и Георгиевски. Во вториот дел, именуван „Мигови со Блаже“, преку серија микроесеи и куси записи, Мартиновски фрла новa светлина врз значајни аспекти на поезијата на Конески.
Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, антологичар, книжевен преведувач. Работи како редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Докторирал на Универзитетот Париз III – Нова Сорбона. Член е на извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, на Претседателството на ДПМ и на Управниот одбор на СВП.
Автор е на книжевно-теориски студии, збирки есеи, поетски збирки, хаибуни, раскази и книжевни преводи.
Добитник е на неколку книжевни награди: „Нова Македонија“ (2009), „Браќа Миладиновци“ на СВП (2010), „Димитар Митрев“ (2013), „Витез на македонскиот пишан збор“ (2014), „Антеов златник“ (2020) и „Лирата на Орфеј“ (2020).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

