Култура
Вечерва на Охридско лето изложбата „Калиопе“
Фестивалот „Охридско лето“ и Австриската амбасада во земјава денеска организираат изложба со наслов „Калиопе – Жените во општеството, културата и науката“.
Изложбата ќе биде отворена во малиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19 часот и 30 минути.
Австриското Сојузно Министерство за европски и меѓународни работи и Женскиот музеј во австриското гратче Хитисау во покраината Форарлберг ја промовираат работата и достигнувањата на жените од Австрија на секаде во светот. Оваа изложба е потсетник на тоа колку жените напредувале, но и истовремено претставува и осврт на она што се’ уште треба да се направи за да се обезбеди еднаквост.
Жените од Австрија често биле заборавани, занемарувани или маргинализирани во официјалната историја на својата земја. Оваа околност го зголемува значењето на изложбата, која е израз на заложбата да се прикажат последниве 200 години во светлина на биографиите за значајни Австријки, жени што со талентот, силата на волјата, храброста и борбеноста ѝ дале печат на својата земја и ја збогатиле. Со целосна свест за празнините, кои се делумно скандалозни, овде егземпларно ќе им се оддаде почит на нивниот живот и на нивните дела, кои сочинуваат најмалку половина од духовниот идентитет на Австрија.
На изложбата хронолошки ќе се рекапитулираат животните приказни на аристократки, уметнички, домаќинки на салони, научнички, активистки за женските права, политичарки, актерки, музичарки, режисерки и други жени. Временскиот опсег се протега од почетокот на XIX век до денес. Црвената нишка е еманципацијата на жената, со сите свои победи и порази.
Низ историјата, жените се занимавале со уметничко творештво низ различни култури, иако нивните дела често биле непризнаени или заборавени.
Тие во светот на историјата на уметноста, се претставени само во улогата на пасивни музи, нивната креативност и умешност засенети од машките колеги. Сепак, ова пасивно присуство на жените како објекти во уметничките дела на мажите ќе се промени кога храбрите жени ќе одлучат да станат активни уметнички учеснички. Со нивното присуство во уметничката сцена и преку нивните дела, за првпат се претставува светот гледан од „женска“ перспектива и се пренесуваат нивните лични искуства на платно.
Оваа промена на парадигмата е видлива и во периодот на првите македонски академски уметници, каде жените пионерки имаа значајна улога во формирањето на траекторијата на современата македонска ликовна уметност. Катја Ефтимова, Кераца Николова, Лена Стефанова и Борка Аврамова стојат како примери на ова трансформативно движење. Со преминувањето на постoечките граници во свет доминиран од мажи, тие се етаблираат како пионери на современата македонска уметничка сцена.
Група жени визионерки ги користеа своите четки за сликање како инструменти за промена, надминувајќи ги општествените бариери и создавајќи простор за себе во уметничкиот свет доминиран од мажи. Нивното пионерско присуство не само што го трансформираше уметничкиот пејзаж, туку служеше и како покана за други жени уметнички да се приклучат на движењето, засилувајќи го уметничкиот диверзитет во македонската современа уметност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

