Култура
Вечер во Скопје уличен спектакл на француската театарска трупа „Кидам“

Со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ербер“ вечер во главниот град ќе биде заокружена прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје. Претставата е во изведбата на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет.
Настанот што го организираат Францускиот институт и фестивалот „Скопско лето“ ќе започне во 21:00 часот, од пред Музејот на град Скопје. Дефилето потоа ќе помине низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.
Низ волшебна музика, пет обемни фигури, високи четири метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото…Претставата е наменета за сите возрасти. На крајот на претставата, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“.
Претставата требаше да се одржи вчера, но поместена е за еден ден бидејќи летот на гостите од Франција, беше одложен поради големото невреме.
Прославата на 50-годишнината е поддржана од повеќе компании пријатели на Францускиот институт во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.
Култура
Фестивалот Credence Dance почнува на 16 јуни

Третото издание на фестивалот Credence Dance започнува на 16 јуни, а ќе трае до 21 јуни со програма конципирана тематски, Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц.
Фестивалот оваа година има и дополнителна програма која ќе се состои од работилници и трибини. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда,“„Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други.
Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно ќе бидат изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз и Јована Петровска кој кореографите наменски ги подготвија за фестивалот.
Овогодинешниот Credence Dance фестивал ќе понуди ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Велија Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена.
Во рамки на фестивалот традиционално ќе биде врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Настанот се одржува во Националата опера и балет.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје. Влезот е слободен.
Култура
Во Москва излезе „Пиреj“ од Петре М. Андреевски

Романот „Пиреj“ излезе од печат во Москва на инициjатива на Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа го преведе уште во 2008 година, го обjави издавачката куќа „Феникс“, Скопjе. Како што обjаснува Панкина, романот на руски веднаш предизвика интерес каj публиката, но сепак книгата не можеше да допре до широк круг рускоjазични читатели. Сметаjќи го романот на основоположникот на современата македонска проза Петре М. Андреевски за ремек дело, таа си постави за задача да го преобjави во Москва.
Оваа година идеjата jа поддржа Центарот за книга „Рудомино“ со коj Олга Панкина плодно соработува веќе петнаесет години (Центарот за книга има обjавено творби на над 20 македонски автори).
Ова издание на „Пиреj“ е многу квалитетно (368 страни, тврд повез) и изгледа современо. На корицата има фрагмент од сликата „Стара куќа“ на Олга Панкина. Блескав предговор за книгата напиша Венко Андоновски, коj даде за руска читателска публика основни информации за историјата која е заднина на личната драма на едно македонско семејство од почетокот на ХХ век, семејството на Јон и Велика, jа подвлече актуелноста на романот и го нарече како најголем македонски бестселер на сите времиња.
Тукушто обjавениот роман веќе заживее своj книжевен живот – почна да стекнува читатели. Минатата недела, од 3 до 7 jуни, беше презентиран на Саемот на книга на Црвениот плоштад во Москва на штандот на издавачот Центар за книга „Рудомино“.