Култура
Видеохроники од патувачкото кино во Преспа
Екипата на „Македокс“ сними и објави две видеохроники од втората етапа на Патувачкото кино, која се одвиваше во регионот на Преспа. Патувачкото кино е нераздвоен дел од фестивалот „Македокс“ и на проекциите се прикажуваат филмови од фестивалската селекција, но и филмови кои се од интерес на локалната заедница каде што гостува екипата на „Македокс“, а со цел децентрализација на културата.
Годинава, во своето 13-то издание, Патувачкото кино беше поделено во две етапи. Првата се одржа од 18 до 23 јули во струмичките села, додека втората етапа се реализираше во регионот на Преспа со четири проекции на документарни филмови од 13 до 17 септември 2022 година, и тоа во Ресен, с. Дрмени, с. Лавци и с. Подмочани.
Целта на заминувањето на Патувачкото кино во областа на Преспа беше да се опипа пулсот на населението, особено во однос на културните случувања, во овој, речиси, во секоја смисла девастиран дел од Македонија. Проекцијата во Ресен се одржа во дворот на прекрасниот објект на Сарајот, каде е сместен Домот на култура „Драги Тозија“. Директорот на Домот, Васко Василевски, пресмета дека киносалата работела пред околу 25-26 години. Додаде и дека во помалите места е тешко да се работи во областа на културата, бидејќи и кога имаат програма во Домот доаѓа многу малку публика. Во Ресен екипата на „Македокс“ се сретна и со професорката во пензија, Наде Проева, која покрај гостопримството објасни зошто доаѓа во родната куќа само летно време, а пензионерските денови ги поминува во Скопје.
– Во Скопје се сите претстави, и предавања, и промоции на книги, и концерти, а во Ресен не се случува ништо дури ни во летниот период – истакна Проева.
Селото Дрмени беше втората станица на патувањето низ Преспа. Таму архитектот во пензија Тодор Мушаревски објасни како селото се симнувало надолу од планината како што езерото го повлекувало брегот. Така, селото има и стара и нова локација. Тој се потсети и дека некогаш во селото имале Дом на култура каде имало игранки. Во рамките на Домот работела играорна група која настапувала и на Телевизија Скопје. Во Дрмени се потсетија дека кога имало кино во селото Царев Двор, кинооператорот бил од нивното село Дрмени.
Втората видеохроника на Патувачкото кино во Преспа ги опфаќа импресиите од селата Лавци и Подмочани. Во Лавци оџата на селската џамија и муфтија на Преспанскиот Регион, Џунејт Јашар, објасни дека тоа е едно од најстарите села во таа област. Селото се наоѓа западно од Ресен. Преданијата кажуваат дека старата џамија, или Горна џамија е направена во 1468 година, а за населението се претпоставува дека е дојдено заедно со Османлиите. Сега селото е населено со Македонци и Турци, кои се повеќе на број, а сите живеат во хармонија. Во селото никогаш немале кино, но пред 60-ина години доаѓале патувачки кина и имало проекции во старото училиште.
Селото Подмочани е печалбарско село, објасни професорката Јагода Митревска, а на печалба најмногу се одело во почетокот на 20 век. Етимологијата за името на селото е поврзана со неговото создавање. Претпоставките се дека постоело пред Отоманската Империја, но било сместено повисоко на планината. Кога селото почнало да се спушта надолу, во таа околина имало многу мочуришта. Името настанало како кованицата на „под“ и „мочуриште“, а денес познато како Подмочани. Во селото имало голем број револуционери и во илинденскиот период и во Втората светска војна, а во денешно време е познато како родно место на познати професори, доктори, новинари. Некои од печалбарите што се вратиле дома вложуваат во развојот на селото. Затоа велат дека е урбано село во кое живеат околу 300 постојани жители. Бидејќи се наоѓа на регионалниот пат од Ресен кон Маркова Нога, селото е доста прометно. Местоположбата му е убава, бидејќи е блиску до два убави градови, Охрид и Битола, а се наоѓа на брегот на Преспанското Езеро.
Патувачкото кино на „Македокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Националната фондација за демократија од Вашингтон
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавен конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад македонски автор
На веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје објавен е годинашниот Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување нови драмски текстови, НУ Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор, Горан Стефановски. Преку овој Kонкурс, театарот сака да даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма.
Право на учество имаат автори, државјани на Северна Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена согласно со насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од: паричен дел на наградата во износ од 60.000 денари (еднократно); Потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар – Скопје и Продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на Kонкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во НУ Драмски театар – Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
„Со оваа награда, НУ Драмски театар – Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски се поставени 15 негови претстави, од кои 8 се праизведби“, велат од Драмски.
Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот arno.mk со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат AI-моделите во други креативни проекти.
Култура
Традиционален концерт на Филхармонија по повод Денот на вљубените и виното
Македонска филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените и виното, насловен „Бакнеж во Париз“ на кој ќе биде изведена француска музика. Како солисти ќе настапат Фелисиен Брут, хармоника и Ексел Сан Сирел, мецосопран од Франција, а диригент е Тимоти Редмонд.
„Кога зборуваме за љубовта и романтичната страна на животот, често пред очи ни излегува Париз. Не случајно – градот на светлината е и град на љубовта. Тој е вечна инспирација за уметниците, место каде што се раѓаат безброј книжевни, филмски и музички љубовни приказни. Неговата препознатлива архитектонска убавина и дух создаваат мелодии исполнети со меланхолија, страст, нежност и романтична копнежливост. Тие уметнички дела се огледало на среќни љубови, но и на оние напуштени, тивки и болни. Зашто љубовта е таква – возвишена и силна, понекогаш нежна, понекогаш болна, но секогаш длабока и искрена. Денот на вљубените не е само уште еден датум во календарот.
Тој е потсетник дека љубовта, во сите нејзини облици, му дава смисла на животот и на светот. Ова е и денот на виното – пијалокот на боговите и еликсир на животот. Виното и љубовта одат рака под рака, поврзани преку бојата, мирисот, топлината и чувството што го будат. Уживајте во звуците на љубовта, фантазијата и копнежот, во музиката на бакнежите и прегратките, придружени со вино со боја на срце. Дозволете си барем за миг да се префрлите во најубавите љубовни филмски сцени и да понесете со себе незаборавни впечатоци.“, велат од Филхармонија.
Култура
Безвременската оперска класика: „Травијата“ на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари
Безвременската опера „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент е гостинот од Италија, Лоренцо Бицари, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон – Благој Нацоски, Жорж Жермон – Марјан Јованоски, а во останатите улоги: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Травијата“ е еден од столбовите на светскиот оперски репертоар – дело во кое Верди со извонредна музичка чувствителност ги обликува ликовите и нивните внатрешни борби, создавајќи опера која и денес длабоко ја допира публиката и останува актуелна на сцените ширум светот и кај нас.

