Култура
(Видео) Буџетот за културата проектиран според ковид-условите
Министерката за култура, Ирена Стефоска, на прес-конференција на Владата го презентира предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за култура. Стефоска се осврна на приоритетите, проектите и на политиките на Министерството за култура за 2021 година и истакна дека покрај сите предизвици – заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ-интеграциите остануваат врвни приоритети кои се проектирани и за следната година.
Предлог-буџетот за 2021 година за културата изнесува 3.276.430.000 денари, а средствата наменети за финансирање проекти од национален интерес во културата во 2021 година изнесуваат 970.100.000 денари. Предлог-буџетот за култура во однос на целиот буџет на Република Северна Македонија е 1,23 процент, а во однос на буџетот за 2020 година е намален 10.000.000 денари.
Стефоска на прес-конференцијата информира дека изминативе неполни 3 месеци се решавале голем број предизвици, свесни дека се наоѓаме пред година што нема да биде помалку лесна од претходната.
„Затоа, работиме посветено за да креираме култура што ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека – буџетот за 2020 длабоко стапнал на чергата за 2021. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната од 2 причини: првата е – во мај годинава буџетот е скратен 30 %, и втората – затоа што во јуни и јули се склучувале анекс на договори за зголемување на сумите во одредени дејности, како и прифаќање проекти по жалба, кои претходно биле одбиени“, истакна Стефоска. Министерката за култура појасни дека кога ја презела функцијата министерка за култура, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството што се прелевал од година на година.
„Веднаш го екипиравме одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија, чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Поради тоа, исплатите се забавени. За да не ја доведеме културата во иста стапица, посветено работевме и на препораките на Државниот завод за ревизија од 2017 во врска со начинот на распределба на средствата од годишните конкурси. Наша цел е кај сите корисници, независно од исходот, да преовладее чувството дека процесот бил спроведен во фер постапка“, појасни Стефоска.
Таа истакна дека буџетот за 2021 е реален, приспособен на околностите и е проектиран во согласност со здравствената и економската криза предизвикана од коронавирусот.
„Успеавме, и покрај тешката економска ситуација, да имаме приближно ист буџет како минатата година. Скратени се средствата за културата, но тие се скратени во сите министерства, бидејќи во овој момент се соочуваме со здравствен предизвик, чие побрзо надминување е во интерес на сите граѓани. Ние сега мора да преживееме за потоа да можеме да живееме. Во изминатиот период од корона-кризата ресорот култура извлече повеќе искуства, кои, уверена сум, ќе ни помогнат и в година успешно да се справуваме со реалноста и да креираме содржини, кои, според протоколите, ќе ни овозможат континуитет“, рече министерката за култура. Стефоска појасни дека во предлог-буџетот за 2021 година се предвидени повеќе средства за: исплата на платите на вработените во установите од областа на културата во согласност со потпишаниот колективен договор за културата, предвидени се средства за нивелирање на платите на директорите на националните и локалните установи, а зголемување има кај ставката блок-дотации, каде што се предвидени повеќе средства за исплата на бруто-платите на вработените во локалните установи, кои се нивелирани поради примената на новиот колективен договор за културата, како и за платите на директорите на локалните установи. Предвидени се и средства во висина од пет милиони денари за поправки и тековно одржување на објектите на националните установи, од кои голем дел се изградени пред 30 години.
Стефоска информира дека предлог-буџетот за 2021 година, со кој се предвидени средства за работа на Министерството за култура и за Управата за заштита на културното наследство, изнесува 240.283.000 денари, а од овие средства, 2 милиона денари, се предвидени за набавка на софтвер и хардвер за современо функционирање на Министерството за култура и за набавка на соодветна информатичка опрема.
На прес-конференцијата беше споделено дека во рамките на буџетот за културата од следната година се отвора нова програма – „Културно наследство во опасност“ за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари.
„Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Како приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години. Тука е и конзервацијата на Лешочкиот манастир. Лично отидов во Градскиот конзерваторски центар за да видам до каде е проектот за конзервација на акведуктот. Имам добра вест – идејниот проект за конзервација на акведуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели“, рече Стефоска и додаде дека зпочнува и санацијата на куќата на Лазар Личеноски, како и санациите на неколку спомен-куќи во државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази-бег.
Што се однесува до средствата за капитални проекти, министерката за култура информира дека за оваа намена се обезбедени 217.000.000 денари. Посочи дека планирани се средства за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, за реализација на втората фаза на театарот и библиотека во Тетово, а со средствата во 2021 година би требало да се заврши театарот во Струмица.
„Во буџетот се обезбедени средства (6 милиони денари) за набавка на опрема за националните установи, а сметам дека од голема важност се и обезбедените 57 милиони денари насочени за санација. Така, во 2021 година се планирани реконструкциите на театарот во Куманово и на центрите за култура во Кочани и Гостивар“, истакна министерката за култура.
Осврнувајќи се на културата и на ЕУ-интеграциите, Стефоска рече дека предвидени се двојно повеќе средства за културата и евроинтеграциите. Таа информира дека финансиските средства обезбедуваат проекти поврзани со административна реорганизација на културните институции во согласност со принципите за јавна администрација на ЕУ; потоа средства за кофинансирање на сите одобрени проекти на македонските корисници од страна на Европската комисија, а кои се однесуваат на програмата „Креативна Европа“, како и воспоставување на европската агенда за Западен Балкан во областа на културата.
„Изразувам искрено уверување дека ова ќе придонесе кон поефикасно интегрирање и вмрежување на уметниците и културните работници од нашата земја со земјите од Европската Унија“, рече Стефоска. На прес-конференцијата беа споделени и заложбите на Министерството за култура за стимулирање на младите во сите сегменти.
„И во оваа пригода сакам да повторам дека поддржувајќи ги младите, Министерството не дискриминира по ниту еден основ, вклучително и по основ на возраст. Напротив. Ги охрабруваме сите, заедно, креативно, иновативно и со високо чувство на солидарност да го споделиме она што го имаме. Солидарноста им прилега на културните работници и на уметниците. Ковид не е изговор, Ковид е состојба која кај нас, покрај сето зло, остави и без работа 14.000 млади. А сега е нивното време. Младите најлесно ги прескокнуваат бариерите и нè носат на нови хоризонти“, истакна министерката за култура, Стефоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

