Култура
(Видео) Скопје во магична светлина под свеќи – што се случуваше на Мостот на уметноста?
Во пресрет на концертниот спектакл Candlelight: Timeless, кој ќе се одржи на 22 март во Македонската филхармонија, многубројните свеќи го осветлија Мостот на уметноста во срцето на Скопје создавајќи магична атмосфера, што го најави овој уникатен музички настан.
Активацијата, која се одржа во четвртокот, привлече многубројни минувачи и љубители на класичната музика, кои беа сведоци на несекојдневен визуелен спектакл. Видеото од оваа грандиозна најава ги доловува амбиентот и возбудата што владеат пред концертот, што ќе внесе безвременска магија во концертната сала на Филхармонијата.
Петар Пејчиќ: виртуозот што со нетрпение го очекува својот прв настап во Македонија
Еден од најдобрите млади виолончелисти во светот, Петар Пејчиќ, првпат ќе настапи пред македонската публика. Со својот исклучителен талент и меѓународни признанија Пејчиќ е веќе значајно име на светската класична сцена, a веќе со години го привлекува светското внимание со својата виртуозност, музикалност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба. Toj е награден на неколку престижни меѓународни натпревари, вклучувајќи го Вториот меѓународен натпревар на кралицата Елизабета, и е дел од програмите на престижни академии и фондации.
„Навистина сум возбуден што ќе настапам во Скопје првпат! Ова ќе биде исклучителна вечер исполнета со неверојатна музика, емоции и посебна атмосфера. Со нетрпение очекувам да ја споделам сцената со врвниот камерен оркестар ‘Профундис’ и да ја почувствувам енергијата на македонската публика“, изјави Пејчиќ.
Програма на концертот – безвременски дела и ексклузивна изведба на свитата The Hours
Овој концерт ќе понуди богат и внимателно избран репертоар, кој ги обединува класичните ремек-дела со современи маестрални композиции. Посебен акцент е ставен на саундтракот од филмот The Hours, кој првпат ќе биде изведен во Македонија.
Филип Глас – музика од филмот The Hours. Музиката на Филип Глас за овој филм е пример за минималистичката генијалност што носи длабока емоција и меланхолија. Неговата свита ги води слушателите низ слоеви на суптилна експресија создавајќи атмосфера што остава длабок впечаток.
Давид Попер – Унгарска рапсодија оп. 68. Ова дело е вистински предизвик за секој виолончелист – виртуозноста и драматичните мелодии ја прават рапсодијата динамична и незаборавна.
П. И. Чајковски – рококо варијации. Инспирирани од класичниот стил на Моцарт овие варијации се елегантна и виртуозна демонстрација на виолончелистичката уметност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

