Култура
(Видео) Охридско лето со концерт на Ана Дурловски го прослави 65. роденден
Со концерт на реномираната македонска сопранистка, првенката на Националната опера и балет, Ана Дурловски која настапи со пијано придружба на на ерменско-германската пијанистка Анархит Тер-Татшатјан, синоќа беше одбележан 65. роденден на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот се одвиваше во катедралната црква „Света Софија“, каде што пред повеќе од шест децении почна целата приказна наречена „Охридско лето“.
Директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски, честитајќи им го роденденот на вработените во оваа национална установа, но и на сите претходни директори и уметнички селектори кои се вградиле во успешната фестивалска приказна, порача, идните генерации внимателно да се грижат за оваа врвна установа која, како што додаде, претставува енциклопедиско национално богатство и редок пример за одржување на трајните вредности.
„Вечерва првпат се враќаме на корените, онака како што е формиран овој бесценето реномиран и општествено важен фестивал, во далечната 1961 со концерт на македонската оперска првенка Ана Липша-Тофовиќ, а денес со концерт на најреномираната македонска пејачка Ана Дурловски, овде во оваа света црква, под оваа божествена акустика. Ана, благословена со уникатна боја на гласот и магнетно сценско присуство допира до најпрестижните оперски и концертни сцени во светот. Виенската државна опера, Метрополитен опера во Њујорк, Дојч Опера Берлин… се само дел од престижните институции каде Ана со себе носи дел од нашата татковина и претставува вистински културен амбасадор“, рече директорот Цуцковски.
На настанот присуствуваше и министерот за култура, Зоран Љутков, кој честитајќи го роденденот на Охридско лето, порача дека станува збор за најрепрезентативниот меѓународен фестивал во Македонија, симбол на културата, уметноста и врвната изведба.

Традиционалниот роденденски коктел за сите што вчеравечер го проследија импресивниот концерт на извонредните уметници, го организира Винарската визба „Тиквеш“, еден од ексклузивните и долгогодишни спонзори на фестивалот „Охридско лето“ која годинава одбележува 140 години од своето постоење.
Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје, а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и Албанија. Во 2006 година Ана дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.Нејзината успешна кариера ѝ носи соработки со познатите светски диригенти и солисти како Сер Сајмон Ратл, Јонас Кауфман, Адам Фишер, Прити Јенде, Рејчел Вилис-Соренсен и др. Активна на концертната сцена, Дурловски настапува со Берлинската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Шангај, Оркестарот на Минхенското радио, Филхармонијата во Штутгарт и др.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

