Култура
(Видео) Љутков: Власта има купи ден политика во културата, министерката покажува тотално непознавање
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска уште еднаш јасно покажа целосна неупатеност во проблематиката, немање на визија, немање концепт за развој на културата, ниту пак грижа за културните работници! Со вакво еклатантно непознавање на културата, Бисера Костадиновска- Стојчевска воопшто не знае кој ресор го претставува!, истакна Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според неа: Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата, ќе биде објавен на 17 октомври 2022 година. Тоа е незаконски, тоа е кршење на Законот за култура, член 62. Вообичаениот тајминг за објавување на Конкурсот бил најдоцна до 5 септември. Сето ова влијае на: Именување на Стручните Комисии со задоцнување, кратење на рокот за одлучување, и објавување на Годишната програма и реализација на проекти безмалку во мај 2023 година. Повторно ќе имаме половина година изгубена како и оваа. Покрај непознавање на проблематиката, министерката покажува и елементарна некултура и нервоза во јавноста, недостојна за позицијата. На прашање дали во 5 години Министерството има реализирано капитални проекти и кои објекти, одговорот и беше дека не знае, а всушност нема ниту еден!“, вели Љутков.
Според него, сите проекти почнати во време пред 2017 година, наследени и незавршени во 5 цели години и ја делат судбината на автопатот Охрид-Кичево.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, постојано реагира на недоследностите кои се составен дел од работењето на министрите за култура, почнувајќи од скандалозните Годишни програми, незаконски избори на директори, злоупотреба на функциите на истите, вршење притисоци и мобинг кон вработените, дури и нивно бркање од работните места.
„За негрижата и девастирањето на: објектите на културните установи, археолошките локалитети, сакралните објекти и останатите културни добра. Немање на однос кон музејските збирки, нематеријалното културно наследство, стимулацијата и грижата кон домашното творештво.
По истиот принцип не водите сметка ниту за културните работници, луѓе кои секојдневно ја испишуваат македонската културна историја! Оваа година под силен притисок на јавноста и на синдикатите ги зголемивте платите кои законски следуваат според колективниот договор, пренаменувајќи средства од програмските содржини. Со ова направивте огромни долгови кои ќе се прелеат во идната година, знаејќи дека буџетите за годишните програми во 2023 година ќе бидат скратени, а со тоа нема да има од каде дополнително да префрлате средства. Кратко кажано, свесно влеговте во оваа авантура само за моментален спас на Вашата Влада!“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерке Вие и Вашата Влада сте купи ден политика, манипуланти кои си поигруваат со судбините на 3.000 луѓе во културата! Вие, кои ниту знаете ниту сте дел од оваа фела ниту некогаш ќе припаѓате, и не претставувате никаков авторитет во очите на културните работници.
Со ваквите постапки го уништувате и тоа малку што е останато од културното наследство, националниот идентитет и достоинството на Македонците!“, нагласи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

