Изложби
На античкиот локалитет Стоби изложба на дела од Петар Хаџи Бошков
В сабота, 18 септември, во 18 часот (вратите на локалитетот се отвораат во 17.30 часот), на античкиот локалитет Стоби ќе биде отворена голема изложба со дела од Петар Хаџи Бошков, со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“.
Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период (1962 – 2004) од овој значаен уметник, чие творештво е вградено во темелите на современиот културен идентитет на земјата.

Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски. Проектот е поддржан од Министерството за култура. Иницијативата за овој проект е на Националната установа за управување со археолошки локалитет „Стоби – Градско“ и се реализира во рамките на долгорочната проектна програма „Стоби – жив град“, со идеја да се заживее локалитетот и да се овозможи отворање нови перспективи во дијалогот со модерното наследство, како и со современата културна продукција.
Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на своето семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, ќе бидат позајмени и директно од ателјето ќе бидат пренесени на локалитетот Стоби.

По тој повод, на денешната прес-конференција во Музејот на современата уметност – Скопје, директорот на НУ „Стоби“, Спасе Перовски, изјави:
„Изложбата на Хаџи Бошков е голем предизвик за нас. Имаме цел да го приближиме стариот заштитен свет кон модерната доба. Археолошкиот локалитет Стоби е релативно нова институција во рамките на културата на РСМ и тоа е предност на локалитетот бидејќи, иако археологијата, конзервацијата и заштитата се примарни дејности во Стоби, имаме можност да пробиваме нови простори и времиња за да го приближиме овој стар заштитен со закон свет кон современата доба“, вели Перовски.
Делата на Хаџи Бошков ќе бидат поставени поединечно и во посебни целини на повеќе пунктови на локалитетот Стоби, поврзани во еден логичен редослед.
Оваа поставка на посетителите ќе им овозможи движење во две насоки, помеѓу прекрасните и инспиративни објекти на локалитетот, меѓу кои се: Полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, храмот на Изида и Серапис, како и големиот неистражен простор, кој се протега до градбата со арки. Овие локации се избрани како специфични бидејќи на најинтересен начин овозможуваат заемно разоткривање на модерната и античката култура и посочуваат на суштинска врска меѓу врвните вредности на овие две епохи.

За важноста на оваа поставка, кураторот Јанчевски вели дека овој проект претставува обид за компаративна анализа на сличностите и разликите помеѓу античкото и модерното наследство, за културните континуитети и дисконтинуитети, за значењето на делата на Хаџи Бошков, но и генерално за улогата на културата и уметноста во развојот на општеството.
„Тој спој на овие два света можеме да ги видиме на еден компаративен и некомпетативен начин. Редок случај е во опусот на еден модерен скулптор на специфичен начин да се проткајуваат класични вредности, не како видлива форма, туку како ликовни принципи. Со оваа поставка сакаме да го преиспитаме каков е нашиот однос кон модерното наследство наспроти односот кон културното наследство, кое опфаќа повеќе епохи. Правиме обид на несекојдневен спој со цел да се отворат прашања, кои можеби не би се отвориле во затворените галерски простори. Постои една важна линија во опусот на Хаџи Бошков, а тоа е неговиот однос со отворениот простор и амбиентот. Многу од неговите скулптури се лоцирани на несекојдневни позиции, преку кои авторот сакал да акцентира на кој начин тие коегзистираат со средината. Интимно верувам дека тоа е недоостварена желба на авторот и со оваа изложба во негова чест правиме обид да му го овозможиме тоа со еден постхумен омаж“, објаснува Јанчевски.

Изложбата нема цел да биде постхумна комеморативна ретроспективна изложба на еден голем автор, туку обид за заемно разоткривање, врски помеѓу античкото и модерното, за континуитетите и дисконтинуитетите, за значењето на делата на Хаџи Бошков, за неговата личност, пристап и за улогата како општествен фактор, како и значењето на локалитетот Стоби.
Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед, школуван во повеќе значајни центри, меѓу кои Љубљана, каде што дипломирал, и Лондон, каде што специјализирал на Кралскиот колеџ за уметност. Лондон е особено значаен за неговиот развој, каде што имал можност да истражува и да развие пријателство со големиот британски скулптор Хенри Мур. Од исклучително значење за него е и Британскиот музеј, кој речиси секојдневно го посетувал. Поминувал часови пред најубавите и најзначајни дела од египетската, античката грчка и римска уметност, кои му биле инспирација во раниот творечки период, а таа врска ќе остане силна и понатаму ќе се развива на едно повисоко ниво. Како изграден автор бил визитинг-професор на уметничката школа „Купер Јунион“ во Њујорк по што се вратил во своето Скопје да го донесе светот дома. Тука продолжува со педагошката дејност, првин како професор во Уметничкото училиште во Скопје (1968 – 1980), а подоцна и како професор и прв декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје сѐ до своето пензионирање.
Изложбата ќе биде отворена во согласност со актуелните владини препораки за заштита од Ковид-19. На влезот од локалитетот задолжително е приложување сертификат за вакцина.
Поставката ќе биде отворена до 11 октомври 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

