Култура
Во април бројни изложби, претстави и концерти во Домот на културата во Кавадарци
Домот на културата ,,Иван Мазов – Климе“ Кавадарци во април и мај 2019 донесува повеќе квалитетни настани за љубителите на културата и уметноста.
Веќе наредните денови следуваат следните настани:
Во четврток, на 11 април 2019 во Галеријата на Домот, со почеток од 20 часот ќе се случи отворање на изложба со деветте најдобро оценети стрипови од Стрип наградата “Лифт“ во организација на издавачката куќа “Темплум“. Станува збор за стриповите на: Никола Панов, Стефан Николовски, Оливер Цветковски, Лазар Ангелов, Виктор Гаврилoски и Магдалена Мирческа, Јована Велинова, Кристина Неделковска, Марија Николаевска и Владимир Трајановски. За конкурсот и за наградените ќе зборува Никола Гелевски, член на жирито и уредник на Темплум.
На 16 април 2019, исто во Галеријата на Домот, со почеток од 20 часот, ќе се оддржи четвртото издание на Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“. Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“ е посветена на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол (1957-2015). На денот на раѓањето на големиот уметник и човек, неговите долгогодишни пријатели, соработници и соборци, со избор дела од неговиот последен работен циклус, со видео материјал од неговиот живот и творење и со музички перформанс на “Jazz All Night Trio“ ќе потсетат на еден величенствен уметнички и животен пат. Специјален гостин – уметник на ова издание на “Пријателите за Ристо 2019“ е Елпида Хаџи – Василева, големиот кавадаречки и македонски, а светски уметник. Елпида – дете на Кавадарци, дете на кавадаречката чаршија, во чест на човекот кој и беше и пријател и соработник се придружува на чествувањето на големиот Ристо Соколов Сокол. Организатор на Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо 2019“ е Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, во чиј склоп работи неформалната група уметници “Сокол Арт“, а во соработка со Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.
Во среда, на 17 април 2019, со почеток од 19 часот, Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци премиерно ќе ја изведе театарската претстава за деца “Волшебникот од Оз“ работена според вонвременскиот текст на Лиман Френк Баум. Адаптацијата и режијата се на Микица Илова. Играат: Розе Милкова, Мартин Гогов, Сашко Орешков, Александар Стојанов, Микица Илова, Смиља Бошкова, Софија Маркова, Благица Илиева, Трајче Јованов, Стојанчо Ванѓелов. Сценографија: Трајче Јованов; Светло/музика: Марјан Тодоровски; Сценска поддршка: Диме Темков: Плакат: Билјана Соколова Тодоровска. Претставата “Волшебникот од Оз“ претставува возбудливо патување во светот на бајките, со оригинални и автентични сценографија и костими, специјално подготвени за оваа претстава. Претставата освен премиерното издание, ќе биде на сцена за учениците од основните училишта за организирана посета, во деновите од 18 до 23 април 2019, во дневни термини.
Освен горенаведените настани кавадаречката културна и уметничка публика во Април и Мај 2019 ја очекуваат повеќе ликовни изложби од познати македонски ликовни уметници, промоции на книги, премиери и репризи на театарски претстави, проекции на европски филмови, концерти на џез музика, балетски перформанси и др. Повеќето од настаните во вистинската пролетна културна офанзива на Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ се со слободен влез за посетителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

