Култура
Во КИЦ „Битола“ се отвора светски ликовен настан – Првото меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023
Вечерва, со почеток во 19 часот, во свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ „Битола“, се отвора Првото меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023. Ова е најголем ликовен настан во земјата во овој период на годината, а единствен ваков во регионот.
На Првото меѓународно графичко биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023, ќе бидат изложени над 700 дела работени во речиси сите графички техники, како и во речиси сите техники за изработка на цртежи: од јаглен, па сѐ до акварел, акрилик, комбинирани техники итн. Свое учество бележат 80-ина држави со над 400 автори. За оваа голема ликовна светска манифестација и за нејзиното понатамошно презентирање веќе пројавија интерес неколку ликовни центри сакајќи да се претставуват, популаризираат, афирмираат и во нивните средини.
Големиот одѕив и бројот на присутните дела ја позиционираат оваа ликовна меѓународна манифестација во високо рангиран контекст. За обележување е и специјалното присуство, односно избраните колекции на 50 автори од Народна Република Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски кинески павилион, колекцијата на шеесетина автори од Италија, во избор ина истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина. Присуството на најистакнатите полски графичари, една од најзначајните графички средини во светот. Како и големиот интерес на автори од речиси сите дрѓави на Латинска Америка, од Мексико, Бразил, Аргентина. Битола, дефинитивно, е светски ликовен центар, со што македонската култура воопшто е претставена со истакнато значење и придонес од интернационален карактер.
За изложбата се подготвува обемен каталог, кој ќе биде доставен до сите учесници, како и институции, а воедно ќе биде позициониран на интернет-платформи на кои се позиционирани каталози и книги од овој вид, со што ќе биде достапен до сите заинтересиран од целиот свет. Автор и носител на проектот е ликовниот уметник и кустос Владо Ѓорески, кој оваа изложба ја поставува во соработка со КИЦ „Битола“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Обајвен конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година
НУМ „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со Јуроп Хаус и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, го распишаа конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024 за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант.
Конкурсот е објавен денес, на 9 мај, Денот на Европа и ќе трае заклучно со 3 јуни 2024 година, до кога сите пријави и необјавени поетски збирки треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата.
Авторот не смее да биде помлад од 18 години, односно постар од 30 години заклучно со денот на крајниот рок на конкурсот и мора да биде државјанин на Република Северна Македонија. На конкурсот пријава може да поднесе исклучиво авторот.
Пријавените необјавени поетски збирки ќе ги разгледува жири-комисија од три члена, којашто најдоцна до 1 јули 2024 година до Управниот одбор на СВП треба да достави единствен предлог за добитник на наградата. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 3 јули 2024 година.
Наградата вклучува плакета, паричен износ и објавување на печатена публикација во склоп на изданијата на СВП.
Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга кон крајот на август 2024 година, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Поетската награда „Млада Струга“ е возобновена награда која што во минатото се избираше на Конкурс што го распишуваше Книжевната младина на Македонија.
Култура
Шопен под отворено небо со Дино Имери
Во сабота со почеток во 12 часот ќе се одржи музички настан организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот.
Имено, во Градскиот парк, на „Школка“, македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар, полскиот композитор Фредерик Шопен.
„Волшебникот на пијаното“, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр.1 оп.23, во g-moll, Grand Valse Brillante оп.34 бр.1, во As-dur, Валцер оп.64 бр.2, во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1, во Des-dur -„Минутен“, Ноктурно оп.20, во cis-moll, Скерцо бр.2 оп.31, во b-moll, Мазурка оп.17 бр.4, во a-moll и Полонеза оп.53, во As-dur – „Херојска“.
Станува збор за навистина редок настан, затоа што класичната музика не се изведува често на отворено.
Но, идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање на концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни, светски пијанисти.
Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј кој светот го направи подобро место за живеење.
Настанот е бесплатен.
Култура
ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби инспирирани од творештвото на Франц Кафка
По повод 100 години од физичкото заминување на Франц Кафка (1883-1924), еден од највлијателните европски и светски писатели на 20-от век, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби.
Делата, напишани на македонски јазик, може да бидат во вид на расказ или есеј, а секој автор може да учествува со една творба на слободна тема, инспирирана од книжевните дела и/или животот на Кафка.
Максимална должина на секоја од испратените творби е 5 000 зборови.
Творбите да се потпишат со шифра, а на посебен лист да се пополни пријава за учество на конкурсот со следниве податоци: шифра, име и презиме, наслов на испратено дело, телефонски број, e-mail адреса и адреса на живеење.
Пријавите за литературниот конкурс да се испратат на е-адресата на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија: [email protected], најдоцна до 25-ти мај 2024 година.
По завршувањето на конкурсот, ќе бидат доделени парични награди за трите најдобри творби.
Конкурсот е без возрасни ограничувања за авторите или авторките.
Секоја непотпишана и нецелосна пријава на конкурсот нема да биде разгледана од страна на жири-комисијата, се наведува во соопштението.