Култура
„Во прегратките на љубовта“ на Емил Попорданоски ја доби наградата „Стојан Христов“
„Во прегратките на љубовта“ на Емил Попорданоски ја доби наградата „Стојан Христов“, којашто се доделува за најдобра поетска книга од автор од македонската дијаспора што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со Агенцијата за иселеништво.
Ваквата одлука ја донесе жири-комисијата во состав Веле Смилевски (претседател) и членовите Јовица Ивановски и Митко Гогов.
„Поезија за возрасни“ од Саво Костадиновски, од Келн, Германија; „На брегот“ од Милена Златеска, од Пула, Хрватска; „Во прегратките на љубовта“ од Емил Попорданоски, од Мелбурн, Австралија; „Таму каде душите треперат“ од Росано Чолаков, од Фрајбург, Германија; „Магични љубовни зборови“, „Неостварена љубов“ од Оливера Петрова Јовановска, од Мелбурн, Австралија; „Раѓање“ од Бошко Рајчовески – Пелистерски, од Флорида, САД и „Во куќата на зборот“ од Соња Таировска Ѓурчак, од Улм, Германија се седумте книги што ги доби жири-комисијата на разгледување.
„Стихозбирката „Во прегратките на љубовта“ од Емил Попорданоски се одликува со мотивско-тематска и стилско-изразна кохерентност. Лајт-мотив за поетските љубопитства и потраги е љубовта како повод за свртување кон својот внатрешен свет и обид за откривање на причинско-последичните врски со реалноста. Тоа се искрени, елементарни изливи на емотивниот набој кој на места се доближуваат до еден вид сублимации од рефлексивен карактер кои на песната, но и на книгата во целина, ѝ придаваат поизразита внатрешна структура и цврстина. Оттука книгата добива димензии на своевидна поема на и за љубовта. Песните во оваа книга се поле за авторовата потрага по хармонија, при што љубовта се јавува како повод и цел во градењето на авторовата животна филозофија низ која се согледуваат возвишените димензии на внатрешниот порив да се сака и да се биде сакан“, стои во одлуката на жири-комисијата.
Емил Попорданоски е доктор-специјалист по општа медицина по потекло од Прилеп, кој со своето семејство живее и работи во Мелбурн, Австралија. Стихозбирката „Во прегратките на љубовта“ е неговата прва објавена книга. Таа содржи триесетина песни напишани во различни временски периоди и континенти.
На соопштувањето на наградата се обрати и директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, кој му честиташе на годинешниот добитник.
„Во име на агенцијата сакам да се заблагодарам на комисијата, на претседателот и на директорот на „Струшките вечери на поезијата“. Наградата ја востановивме во 2008 година и доделувањето трае во континуитет и планираме и понатаму да ја доделуваме. Во мое лично име му посакувам успех на добитникот Емил Попорданоски. Верувам дека многу лесно жири-комисијата дојде до ваква одлука затоа што единствено нешто на оваа планета што не може да се купи со пари е љубовта. Им се заблагодарувам на сите учесници за оваа награда и ги охрабрувам и понатаму да творат“, рече Близнаковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.